Достапни линкови

И волкот сит и јагнињата на број


Зоран Илиески, Коалицијата на младински организации СЕГА.
Зоран Илиески, Коалицијата на младински организации СЕГА.

Во оваа демократија никој не ги прашува учениците дали тие се согласуваат или не. А тие, пак, не знаат дека имаат право да бидат прашани за одлуките кои се однесуваат на нив. Оваа состојба им одговара најмногу на возрасните, зашто немаат проблеми со прашување на учениците, си ги носат одлуките онака како што ним им одговара, а никој не се буни за тоа. Изборниот политички модел треба да се применува и во училиштата, пишува Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации СЕГА, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Навикнати во општеството во кое живееме, навикнати на притисок од мали нозе и посочување на доброто и лошото, без можност за развој на критичкото мислење младите сè повеќе стануваат апатични кон сè што ќе им се понуди, без чувство на самодоверба, но и депресивни за својата иднина. Ова е состојбата која сè повеќе наликува на главна карактеристика на скоро секој млад човек кај нас. Но зошто е ова вака?
Во оваа демократија никој не ги прашува учениците дали тие се согласуваат или не. А тие, пак, не знаат дека имаат право да бидат прашани за одлуките кои се однесуваат на нив. Оваа состојба им одговара најмногу на возрасните, зашто немаат проблеми со прашување на учениците, си ги носат одлуките онака како што ним им одговара, а никој не се буни за тоа, „и волкот сит и јагнињата на број“.

Ако погледнеме и во истражувањата кои ги прават различни домашни или странски истражувачки организации, но и да погледнеме надвор низ прозорецот ќе го видиме истото. Половина од младината седи во кафе-баровите, плети различни муабети, кој кого преварил, кој како се збогатил, кој како се вработил, но никогаш не се враќа разговорот на темата „што ние направивме за да не биде ова вака?“ Немањето систем преку коj ќе се канализираат вредностите, но и систем преку коj ќе се градат идните лидери ја става во длабока бездна самодовербата кај младите и чувството на моќ за да се направат промените. Но, тој систем треба да го обезбеди државата преку нејзините институции.

Наследници на поранешниот систем до 90-тите кој го помнат повозрасните, во кој постоеше структура и начин како можат да се организираат и делуваат младите, но и наследници на процесот во кој требаше да се избрише сè што беше од поранешниот систем на уредување, се избриша и младинското организирање. Зборувам за ученичките и младинските организации, средношколските унии, сојузите на студенти итн. Сега имаме систем кој божем е демократски, во кој класните раководители ги назначуваат претседателите на класови, по основ на паметни и одлични ученици, директорите одлучуваат за претседател на училишната организација, наставниците одлучуваат за екскурзии, а советите на родители за униформата на нивните деца. Во оваа демократија никој не ги прашува учениците дали тие се согласуваат или не. А тие, пак, не знаат дека имаат право да бидат прашани за одлуките кои се однесуваат на нив. Оваа состојба им одговара најмногу на возрасните, зашто немаат проблеми со прашување на учениците, си ги носат одлуките онака како што ним им одговара, а никој не се буни за тоа, „и волкот сит и јагнињата на број“. Вака е зашто нема лидери на младите, зашто нема организирана структура која ќе го крене гласот на младите, не повеќе, туку да бидат барем прашани за одлуките кои се однесуваат на нив. Затоа потребни се демократски реформи во системот на образование, зашто од таму почнува да се учи демократијата, да се учи но пред сè да се применува.

Новите трендови за побрзо надминување на ваквата ситуација треба да бидат базирани на вистински натпревар во кој ќе победи најдобриот. Учениците ќе треба се кандидираат, да собираат потписи и да водат сопствена кампања доколку сакаат да станат претседател на клас. Изборниот политички модел да се применува и во училиштата, со гласачки ливчиња и гласачки кутии. Преку еден ваков процес ќе се изберат вистинските лидери на младите, но и ќе се применува демократската процедура која за неколку години за полнолетните млади ќе стане реалност кога ќе гласаат и на вистинските избори. Но, тука не треба да заврши учеството на младите, тие треба да учествуваат и во училишните совети, советите на родители и во сите форми каде се дискутира за нив. Овие промени мора да се направат со промени во статутот на училиштата со што би се загарантирал младинскиот активизам во училиштата.
Време е образовните институции да започнат да размислуваат за поттикнување на вистински демократски процеси во училиштата преку обезбедување законски можности за да можат децата и младите да се обликуваат како лидери и одговорни млади за време на училишниот живот.

Да не одиме подалеку, во соседна Србија преку Законот за средно и основно образование е загарантирано учеството на младите во училиштето. Кај нас овие членови во законите се избришани, ги нема, па поради тоа и го нема и младинското учество и активизам. Возрасните се тие кои треба да ја обезбедат рамката за учество, Министерството за образование е тоа кое треба да ги предложи промените во законите, а младите се тие кои треба да ги искористат можностите кои им ги обезбедува системот.

Прашање е уште колку време треба да помине за да се случат законските промени и уште колку време треба да се работи со младите за да им ја вратиме самодовербата дека и тие имаат можност да го кажат својот глас, своето мислење. Мораме да ги охрабриме нив зашто им е доста од посочување на доброто и лошото, зашто сè повеќе ќе имаме млади без критичкото мислење и сè повеќе апатични и млади на кои им веќе сеедно што ќе прифатат од одлуките на возрасните.

Време е образовните институции да започнат да размислуваат за поттикнување на вистински демократски процеси во училиштата преку обезбедување законски можности за да можат децата и младите да се обликуваат како лидери и одговорни млади за време на училишниот живот.
XS
SM
MD
LG