Достапни линкови

Администрацијата на Обама, непријателска спрема печатот


Акции преземени од администрацијата на претседателот Барак Обама имале ефекти на застрашување врз истражувачкото новинарство во областа на националната безбедност. Ова се наведува во новиот извештај на Комитетот за заштита на новинарите.

Во извештајот се прецизира дека се прислушуваат телефонски разговори на новинари, се контролираат нивните имејлови и се казнуваат нивните извори.
Авторот на извештајот, поранешниот извршен уредник на „Вашингтон пост“
Леонард Дауни Џуниор за Радио Слободна Европа изјави дека интервјуирал десетици новинари кои му рекле дека тие и нивните извори стравуваат од владата која постојано ги следела.
Леонард Дауни Џуниор
Леонард Дауни Џуниор

„Новинарите, особено оние за национална безбедност, но и другите кои покриваат разни аспекти на федералната влада велат дека нивните извори на информации во владата се плашат да зборуваат со нив бидејќи ќе бидат ставени под истрага и би можело да ја загубат работата. Затоа тие се колебаат да зборуваат со новинари.“

Од преземањето на власта во 2009 година, администрацијата на Обама судски гонела осуммина владини службеници и соработници за оддавање тајни информации на новинарите. За време на сите други американски претседатели биле процесуирани само три слични случаи.
Новинарите, особено оние за национална безбедност, но и другите кои покриваат разни аспекти на федералната влада велат дека нивните извори на информации во владата се плашат да зборуваат со нив бидејќи ќе бидат ставени под истрага и би можело да ја загубат работата. Затоа тие се колебаат да зборуваат со новинари.
Леонард Дауни Џуниор.

Министерството за правда вели дека врши истрага на луѓе за кои верува дека оддаваат американски тајни, што претставува закана за националната безбедност. Тоа било утврдено откако истражувачите ги следеле нивните телефонски повици и имејли.

Новинарите интервјуирани во извештајот на Комитетот за заштита на новинарите велат дека тие сега се обидуваат да ги заштитат нивните извори со избегнување на телефонски повици и неиспраќање електронска пошта.

„Новинарите се обидуваат да ја заобиколат владината контрола со договорање тет а тет средби и со посредни разговори, со што владините службеници успеваат да ги минат честите контроли со детектор на лаги, бидејќи навистина не разговарале со новинари.“

Вели Дауни кој во извештајот наведува детали за тоа како администрацијата на Обама бара од владините работници да се шпионираат меѓусебно. За тоа постоела и специјална програма за меѓусебна контрола со цел да не протече некаква информација.
Џеј Керни
Џеј Керни

Официјални претставници на администрацијата, вклучувајќи го и портпаролот на Барак Обама, Џеј Керни, кој и самиот порано бил новинар ги отфрлува ваквите наводи, додавајќи дека Обама го исполнува неговото ветување да води најтранспарентна влада во историјата.

Како доказ тој ги истакнува повеќето нови владини веб страници и зголемената употреба на Белата куќа на социјалните мрежи за комуницирање со јавноста.

Но, Дауни смета дека цврстата контрола на пораките е дизјанирана со единствена цел: да ја претстави владата во најдобра можна светлина.

Со овој извештај Соединетите држави им се приклучија на Иран, Бурма, Кина, Пакистан и Египет, односно другите земји каде што Комитетот за заштита на новинарите извршил истражувања во оваа година.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG