Достапни линкови

Стечајците на протест пред УЈП во Куманово


Стечајците од Куманово протестираа пред седиштето на УЈП во овој град незадоволни од, како што велат, извршни решенија за наплата на радиодифузната такса на секој член во семејството.

Незадоволни од постојано добивање сметки и, како што велат, извршни решенија за наплата на радиодифузната такса на секој член во семејството, членовите на Здружението на стечајни работници и технолошки вишок „УНИТ“ од Куманово протестираа пред Управата за јавни приходи. Тие велат дека пред извесен период овој проблем бил надминат, но според нив, за кратко време.
Протестираме поради извршните решенија на луѓето да плаќаат телевизиска претплата. Тие немаат леб да јадат, а не да плаќаат по тужбите. А сметките не доаѓаат само на еден член, туку доаѓаат по три-четири - и на жена и на деца и за мајка умрена. Ние трпиме за леб, а не да плаќаме за телевизија. Ние пред месец-два разговаравме овдека во УЈП и тоа беше запрено, меѓутоа сега почнаа извршни решенија да пристигнуваат.
Али Османи,Здружение на стечајни работници и технолошки вишок „УНИТ“ од Куманово.

Али Османи претседател на Здружението вели:

„Протестираме поради извршните решенија на луѓето да плаќаат телевизиска претплата. Тие немаат леб да јадат, а не да плаќаат по тужбите. А сметките не доаѓаат само на еден член, туку доаѓаат по три-четири - и на жена и на деца и за мајка умрена. Ние трпиме за леб, а не да плаќаме за телевизија. Ние пред месец-два разговаравме овдека во УЈП и тоа беше запрено, меѓутоа сега почнаа извршни решенија да пристигнуваат“, вели тој.

Љиљана Ѓорѓиевска вели дека протестот е поради сиромаштија.

„Затоа што немаме ниту денар од никаде, ние сме најзагрозена категорија на поранешни работници, граѓани на Република Македонија. Меѓутоа, ни пристигнуваат опомени, извршни решенија, затоа апелираме да се пролонгира и да се најде начин за оваа категорија граѓани“, вели таа.
Тоа што беше јавниот оглас, најтранспарентен според Владата за вработување во Македонски шуми, можам слободно да кажам, откако се слушнав со сите координатори на здруженијата на стечајните работници, замислете најтранспарентно и најубаво, ниту еден, ама баш ниту еден стечаен работник нема вработено. Имаме по двајца стечајни работници и маж и жена, позагрозено здравје Боже, а ниту еден од нив.
Али Османи,Здружение на стечајни работници и технолошки вишок „УНИТ“ од Куманово.

Ѓорѓиевска додава дека стечајците деновиве ќе бидат примени од УЈП во Куманово на разговор за надминување на овој проблем, меѓутоа тие се револтирани и разочарани.

„Тоа што беше јавниот оглас, најтранспарентен според Владата за вработување во Македонски шуми, можам слободно да кажам, откако се слушнав со сите координатори на здруженијата на стечајните работници, замислете најтранспарентно и најубаво, ниту еден, ама баш ниту еден стечаен работник нема вработено. Имаме по двајца стечајни работници и маж и жена, позагрозено здравје Боже, а ниту еден од нив“, вели Ѓорѓиевска и додава:

„Се сомневаме во транспарентни огласи, знаеме и свесни сме дека сè партиски се вработува. Ние ги обвинуваме за такви работи, бидејќи народот нема од што да живее, а тие си играат лотарија“, вели таа.

За активностите што им претстојат на стечајците, Ѓорѓиевска вели дека тие продолжуваат.

„Од страна на опозицијата е поднесен предлог закон, на која седница господин Трајко Вељаноски ќе нè уважи да го стави на дневен ред. Инаку, подготвени сме со шатори пред Владата на одамна најавени протести, сè додека не се реши прашањето на стечајните работници. Зашто веќе не признаваме ништо од Владата, ниту нивни пакет мерки, бидејќи сè се манипулации, а нас стечајците никаде нè нема“, вели Ѓорѓиевска.

Стечајците се надеваат дека ќе биде усвоен предлог законот за паричен надоместок на стечајците до пензионирање или до ново вработување со што Ѓорѓиевска вели дека ќе престане нивната голгота.

За надминување на егзистенцијалните проблеми на оваа категорија граѓани кои не по своја вина останале на улица на возраст на која се стари за вработување во приватни фирми, а млади за пензионирање и со нецелосно исплатен работен стаж, стечајците велат дека секојдневно бараат начини како да преживеат.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG