Достапни линкови

Американската влада пред делумно затворање


На полноќ, американската влада се соочува со делумно затворање, бидејќи републиканците и демократите во Конгресот не можат да постигнат согласност за привремено финансирање на федералните агенции. Тоа, меѓу другото, ќе значи дека најмалку 800 илјади федерални службеници треба да заминат на принуден одмор.

Некои важни сервиси, како граничните патроли или контролите за летање ќе ја продолжат работата. Ќе продолжи и исплатата на социјалната помош и на некои здравствените услуги. Последното затворање на американската влада што траеше од 16 декември 1995 до 6 јануари 1996 година, според аналитичарите, беше повеќе од некаква привремена непријатност. Штетите се проценуваа на милијарди долари.

Економските последици секако ќе зависат од тоа колку евентуалното сегашно затворање ќе трае: часови, недели или месеци.

Тензиите во Капитол Хил кулминираа откако Претставничкиот дом во кој мнозинство се републиканците одобри буџетски закон кој со сигурност ќе биде отфрлен од Сенатот што е под контрола на демократите на претседателот Барак Обама кој исто така најави вето на законот.
Никој не добива со закани врз судбината и кредибилитетот на Соединетите држави само со цел да извлече идеолошки концесии.
Барак Обама, претседател на САД.

Со новиот закон се предвидува едногодишно одложување на спроведувањето на реформите во здравството што ги турка Обама и кои се познати како Обамакер.

Демократите веќе оценија дека гласањето против овие реформи претставува еден од најцрните моменти во американската историја.

„Никој не добива со закани врз судбината и кредибилитетот на Соединетите држави само со цел да извлече идеолошки концесии“, оцени Обама.

Републиканците пак, ја отфрлија идејата дека единствено тие би биле виновни за затворањето на влада, наведувајќи дека најновиот буџетски закон всушност претставува компромис со кој само се одлага Обамакер.

Буџетските трвења доведоа и до поделби во самата Републиканска партија. На една страна се умерените како сенаторот Џон Мекејн кои стравуваат од можните политички последици по партија, додека на друга стрна се конзервативците познати како „Ти парти“ кои и пред две години ја доведоа владата на работ на затворање.

Пред 18 години кога на републиканците им успеа да го сторат тоа претрпеа огромни политички загуби на следните избори.

Претставничкиот дом и Сенатот главно се согласуваат околу буџетските бројки, но републиканците никако не можат да се согласат со Обамакер. Станува збор за реформи со кои здравственото осигурување се проширува врз уште околу 40 милиони Американци.

Оваа програма треба да стапи во сила утре и покрај можното затворање на владата. Имено, Обамакер ќе функционира преку пазарот на приватни осигурителни компании.

Најлесен пат за да се избегне затворањето на владата е доколку Претставничкиот дом итно го усвои сенатскиот закон за буџетско финансирање до 15 декември во кој го нема предлогот за одлагање на Обамакер и да се испрати на потпис во Белата куќа. Но тоа, сега би можело исто така да носи политички ризици за републиканците.

Како и да е, кон средината на октомври на Соединетите држави им се заканува уште еден фискален ќорсокак. Од „Ти Парти“ веќе најавија дека нема да го поддржат побараното зголемување на лимитот на задолжувањето на владата.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG