Достапни линкови

Володин за отворање на сезоната на Македонската филхармонија


Алексеј Володин, пијанист.
Алексеј Володин, пијанист.

Со изведбата на Концертот за пијано и оркестар во кој солист ќе биде Алексеј Володин, еден од најбараните пијанисти на денешнината, и со одбележувањето на 100-годишнината од создавањето на легендарната композиција „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински, Македонската филхармонија, под диригентство на Саша Николовски Ѓумар, овој четврток од 20 часот, во Салонот на МОБ, на спектакуларен начин ќе ја отвори новата сезона 2013/14.

Македонската филхармонија простум и на голема врата влегува во претстојната концертна сезона. За почеток каков што доликува на респектабилна национална установа одбрани се две исклучителни класични дела. Најнапред Алексеј Володин, еден од најбараните пијанисти на денешнината ќе биде солист во прекрасниот романтичен Концерт за пијано и оркестар од Александар Скрјабин, за да потем нашите симфоничари, под диригентската палка на маестро Саша Николовски – Ѓумар, ја изведат легендарната композиција „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински.
Алексеј доаѓа во Македонија по концертите отсвирени на најпрестижните сцени во светот, во најубавите концертни сали и со навистина врвните оркестри и затоа голема чест е на Македонската филхармонија да биде домаќин на ваков уметник и пијанист од негов ранг.
Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

На тој начин и Македонската филхармонија ќе се вклучи во одбележувањето на 100-годишнината на создавањето на ова дело и неговата скандалозна премиерна изведба во Париз 1913 година, истото она кое денес, еден век подоцна, се чествува поради неговата уникатност и револуционерниот пристап на музичките идеи и оркестрацијата.
Саша Николовски Ѓумар, диригент.
Саша Николовски Ѓумар, диригент.

Покрај заложбата оваа композиција да биде изведена во оваа пригода кога се прославува нејзината стогодишнина, идеја беше да се збогати репертоарот на Македонска филхармонија со уште едно дело кое не е изведувано во Македонија многу одамна, но и да се покаже со што ние располагаме во Оркестарот. Имаме навистина одлични музичари кои што заслужуваат да бидат наградени со аплауз.
Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.
Роден 1977 година во Санкт Петербург, Алексеј Володин се смета за еден од најсилните претставници на руската пијанистичка школа и за инструменталист од елитата на светскиот пијанизам кој редовно настапува со престижни оркестри како Њујоршката филхармонија, Оркестарот на театарот „Марински“, Лондонскиот симфониски оркестар и диригенти од рангот на Валериј Гергиев, Владимир Федосејев, Марк Албрехт и Семјон Бичов. Неговите изведби критичарите ги опишуваат како „сензационални“, „исклучително енергични“, а овој „мајстор на пијаното“ во сезоната што следува со свои рецитали ќе настапува во Големата сала на Московскиот конзерваториум, БОЗАР во Брисел, Вигмор хол во Лондон, Аудиториумот во Мадрид, Тонхале во Цирих, во „Плејел“ во Париз и во Олимпико во Рим.

Инаку, Володин, кој е ексклузивен уметник на компанијата „Стенвеј и синовите“, снима за неколку издавачки куќи при што неговите записи со дела од Шуман, Равел и Скрјабин се здобија со исклучително високи оценки од рецензентите, а албумот на кој тој свири дела од Шопен, не само што доби пет ѕвездички во „Дијапазон“, туку ја освои и наградата „Шок класика“.

„Алексеј доаѓа во Македонија по концертите отсвирени на најпрестижните сцени во светот, во најубавите концертни сали и со навистина врвните оркестри и затоа голема чест е на Македонската филхармонија да биде домаќин на ваков уметник и пијанист од негов ранг“, истакнува Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

Говорејќи, пак, за изведбата на „Посветување на пролетта“ од Стравински, таа дополнува дека станува збор за навистина комплексна композиција на која оркестарот под диригентство на маестро Николовски работи подолго време, но убедена е дека таа ќе прозвучи фантастично и дека притоа публиката ќе има можност со аплауз да ги награди солистите.

„Покрај заложбата оваа композиција да биде изведена во оваа пригода кога се прославува нејзината стогодишнина, идеја беше да се збогати репертоарот на Македонска филхармонија со уште едно дело кое не е изведувано во Македонија многу одамна, но и да се покаже со што ние располагаме во Оркестарот. Имаме навистина одлични музичари кои што заслужуваат да бидат наградени со аплауз“, вели таа.

Од друга страна, роден 1966 година во Битола, Саша Николовски Ѓумар е еден од најактивните и најреспектираните македонски диригенти. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија како најдобар студент на генерацијата, а потоа и на отсекот за композиција и диригирање. За време на студиите работи како диригент со Хорот и Оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“.

Од 1993 година тој е музички директор на Летниот музички камп на Музичка младина на Македонија и шеф-диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на фестивалите како Охридско лето и Скопско лето. Во 1995 година настапува со Младинскиот камерен оркестар во Будимпешта на прославата по повод 50-годишнината на Светската федерација на Музичка младина. Истата година го формира оркестарот за современа музика „Синтезис“.

Николовски продолжува уметнички да се надградува на Конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург во класите на истакнатите професори Илја Мусин и Михаил Кукушкин, добивајќи можност да соработува со диригенти како Јури Темирканов и Валериј Гергиев, а подоцна магистрира со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учи оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев.

За неговата работа со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, во 2001 година е добитник на наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Саша Николовски - Ѓумар од 1998 година е професор на Факултетот за музичка уметност (предава хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето), а годинава одбележува 20 години уметничка дејност.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG