Достапни линкови

„Шпион“ во фокусот на неделниот печат


Запленети матерјали во акцијата „Шпион“.
Запленети матерјали во акцијата „Шпион“.

Република пишува дека СДСМ предвреме ги прогласи уапсените во „Шпион“ за жртви на власта, а Фокус смета дека апсењата се вовед во предвремени избори. Глобус пишува за аргументите на сила на власта.

Република – СДСМ пресуди дека осомничените од „Шпион“ се жртви на власта
Според ваквата логика на опозицијата, шпионите не можат да одговараат пред власта ако јавно се изјасниле како противници на власта, без да видат дека најмалку 90 проценти од уапсените биле блиски до неа.
Република.

Осомничените од „Шпион“ изведени пред истражен судија.
Осомничените од „Шпион“ изведени пред истражен судија.
Република со напад врз опозицискиот СДСМ во воведот од главниот и одговорен уредник. Демек, акцијата Шпион покажала дека опозицијата сè уште не била подготвена за национален консензус околу државните интереси. Не дочекала осомничените ниту да бидат испрашани од истражниот судија, а веќе пресудила дека се „нови жртви на власта“. Членовите на групата не биле предавници на националните интереси, туку политички затвореници, пишува Република, па додава дека според ваквата логика на опозицијата, шпионите не можат да одговараат пред власта ако јавно се изјасниле како противници на власта, без да видат дека најмалку 90 проценти од уапсените биле блиски до неа.

Ваквите акции ќе го креваат рејтингот на Груевски, покажувањето мускули и врз луѓе блиски на владејачката партија е одлична лекција не само за исплашените неопределени Македонци, туку и за незадоволното гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, кое мака мачи за корка леб, или му се смачило од ветувањата за вработување.
Фокус.
Фокус – „Шпионска“ подготовка за предвремени избори

Уводничарот, пак, во Фокус излегува со поинаква теза: Тврди дека акцијата Шпион е подготовка за предвремени избори. Додека течат спектакуларните акции со кои јавноста е окупирана, на политичкиот пазар се води битка за предвремени избори најдоцна до декември, тврди Фокус. Шпион и сличните акции што ќе следат се добар владин влог во таа битка. За операцијата избори, на ВМРО-ДПМНЕ му требаат уште 6 пратеници, кои во Собранието ќе ги кренат своите две прстиња за ново изборно соочување! Фокус објаснува: Ваквите акции ќе го креваат рејтингот на Груевски, покажувањето мускули и врз луѓе блиски на владејачката партија е одлична лекција не само за исплашените неопределени Македонци, туку и за незадоволното гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, кое мака мачи за корка леб, или му се смачило од ветувањата за вработување, а по првиот симболичен, но крупен политички пораз, по изневерата на Ахмети кој му го одби предлогот за вонредни избори, Груевски сепак не се откажува лесно од таа намера. Особено што смената на тронот на СДСМ и настојчивата битка што Ахмети ја води за името водат кон рекомпонирање на политичката сцена, па Груевски тоа може да го пресретне само со нови избори, смета Фокус.

Глобус – Аргументи на сила

Аргументите на сила што ги практикува власта во Македонија ги коментира колумната „Таленти“ во Глобус: владејачката ДПМНЕ, пишува авторот, деновиве грубо и насилно ја згази хуманата религиозна порака, не прави му го на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе - со покажувањето мускули на Косово и со полициската интервенција и апсењето на „паркобраните“ кај Бристол. Аргументите на сила, кои, откако станаа секојдневие во државата, почнаа да се практикуваат и во меѓународните релации само ја потврдуваат забеганоста на оваа власт, нејзината неспособност и некадарност да се справи со вистинските предизвици и проблеми со кои е соочена државата. Прибегнувањето кон аргументи на сила е далеку од вредностите на една демохристијанска партија, за каква милува да се претставува партијата на власт, од демократијата и од европските стандарди, пишува колумнистот во Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG