Достапни линкови

Кумановскиот кеј фреквентен, кумановци некултурни


Кејот во Куманово.
Кејот во Куманово.

Кумановскиот кеј е примамлив за многумина кумановци, но дел од нив недомаќински се однесуваат кон инвентарот и фрлаат отпадоци насекаде.

Кумановскиот кеј недалеку од центарот на градот е примамлив спортско-рекреативен дел за многумина кумановци во секое годишно време, особено во раните утрински, вечерните и ноќните часови во летниот период. За жал, кумановци своето некултурно и недомаќинско однесување сè почесто го манифестираат по тревниците, клупите, фрлаат секаков отпад насекаде, иако безмалку на секој чекор има корпи за смет.
Оваа година кејот е најуреден, има некои луѓе што кршат и прават проблеми, но тоа е.
Анкетиран граѓанин.

И оние кои своите домашни миленичиња – кучињата, не само што ги шетаат без заштитни корпи, туку ги оставаат во тревниците да ги извршуваат физиолошките потреби, по што заминуваат без да се свртат, ја покажуваат својата некултура.
Особено што по шеталиштето има и многу мали деца и бебиња во количка.

На спортските терени предпладне младите играат тенис, а во вечерните часови им се придружуваат и повозрасните, каде се игра кошарка и мал фудбал.
Ѓубре, семки. Има некои клупи искршени.
Анкетиран граѓанин.

Сите се согласуваат дека Кејот е прекрасно место за рекреација кое треба да се одржува, а реката низ која тече секаков отпад одбегнуваат да ја гледаат. Неколкумина кумановци запрашани за што го користат овој спортско–рекреативен центар, велат:

„Го користиме за шетање, излегуваме навечер со друштво, спортските терени исто така ги користиме.“

„Атлетската патека ја користам за трчање.“

„Оваа година кејот е најуреден, има некои луѓе што кршат и прават проблеми, но тоа е“, велат анкетираните кумановци.

Едно семејство тревникот на Кејот одлучило да го искористи и за појадок.

За тоа колку кумановци се однесуваат домаќински, момчето што секое утро го собира сметот и отпадот забележува, а истото го велат и граѓаните кои шетаат.

„Фрлаат насекаде, не се однесуваат како што треба.“

„Ѓубре, семки. Има некои клупи искршени.“

„Не многу, треба да се одржува почесто, инаку е многу добро место за рекреација“, велат кумановци.

Тревните површини редовно се полеваат, понекогаш наутро, а не ретко и навечер. На шеталиштето има и фонтани со вода, нишалки, клацкалки и други справи за најмалите шетачи. А клупите, пак, често пати се и „предизвик“ за некои млади луѓе кои од непозната причина со намера ги кршат, скокаат по нив, ги уништуваат, без размислување дека следниот пат и тие ќе немаат на што да седнат. Несоодветно се однесуваат и возачите кои своите возила ги паркираат на пешачката и велосипедската патека до шеталиштето, така што создаваат небезбедност во сообраќајот по булеварот „Октомвриска револуција“, кој инаку е многу фреквентен.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG