Достапни линкови

Заталканите куршуми носат страв во Македонија


Илустрација
Илустрација

За помалку од еден месец беа регистрирани неколку инциденти кога луѓе беа повредени или возила беа оштетени од заталкани куршуми.

Стружанец бил повреден од залутан куршум додека бил на турнир во фудбал во село Подгорци. Според информациите од МВР, 46-годишниот жител на струшкото село Боровец со прострелна рана во грбот бил примен во струшката болница.
Голем број случаи се откриени. За жал, имаме случаи кога, дури и да се открие местото од каде што е пукано, бидејќи карактеристично е дел од овие заталкани куршуми да се испукани на семејни веселби, свадби, кои се организираат во летниот период, ќе повторам, за жал, дури и кога ќе се утврди дека на одредена семејна веселба било пукано и дека од таму потекнува заталканиот куршум, организаторите на веселбата или лицата коишто присуствувале таму, не сакаат да ѝ помогнат на полицијата и да кажат точно кое лице пукало на веселбата.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

На наплатната рампа Гостивар-Тетово, од залутан куршум испукан од огнено оружје било оштетено стакло од минибус во кој се превезувале четворица патници.

Возило паркирано во Гостивар биле оштетено од залутан куршум што го погодил покривот на автомобилот. Во два други инциденти во центарот на Гостивар, две возила биле оштетени од заталкани куршуми, испукани, најверојатно на семејна веселба.

Залутани сачми од огнено оружје повредиле жител на кавадаречкото село Дреново додека си го наводнувал лозјето.

Деветгодишно дете од гостиварското село Форино било повредено од залутан куршум додека соседите имале семејна веселба и пукале со огнено оружје.

Ова се инциденти наведени во полицискиот билтен што се случија само во изминатиов месец. За среќа, нема потешко повредени. Во сите случаи, полицијата извршила увид и работи на расчистување.

Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека полицијата работи и на спречување на инцидентите, но и на нивно расчистување.
Дури, пожелно би било, кога се размислува за една ваква активност, тоа да биде и на регионално ниво, преку соработка на властите од регионот. Без кампања, организирана кампања, присутна во сите медиуми, каде што навистина ќе се објасни штетноста од поседувањето на нелегално оружје, тешко може да се ослободиме од овој баласт и од оваа опасност за граѓаните на Република Македонија.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

„Голем број случаи се откриени. За жал, имаме случаи кога, дури и да се открие местото од каде што е пукано, бидејќи карактеристично е дел од овие заталкани куршуми да се испукани на семејни веселби, свадби, кои се организираат во летниот период, ќе повторам, за жал, дури и кога ќе се утврди дека на одредена семејна веселба било пукано и дека од таму потекнува заталканиот куршум, организаторите на веселбата или лицата коишто присуствувале таму, не сакаат да ѝ помогнат на полицијата и да кажат точно кое лице пукало на веселбата“, вели Котевски.

Тој нагласува дека овие инциденти не треба по правило да се поврзуваат со нелегално оружје, затоа што голем дел се извршени со оружје што легално се поседува, но нелегално се користи.

Последната акција на МВР за предавање на нелегалното оружје заврши пред повеќе од две години. За една година, колку што траеше акцијата, биле предадени само 26 парчиња оружје, а биле поднесени 299 барања за легализација на оружје. Министерството позитивно одговорило на 102 барања. Котевски вели дека доколку се оцени дека има потреба и расположение кај граѓаните за акција за доброволно предавање на нелегалното оружје, МВР останува отворено во иднина да размислува за таква акција.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека малку луѓе ја искористиле законската можност да го предадат нелегалното оружје поради тоа што немало медиумска кампања. За една ваква кампања за собирање на нелегалното оружје да биде успешна, неопходна е силна кампања, создавање на доверба меѓу населението и власта, како и вклучување на сите општествени чинители.

„Дури, пожелно би било, кога се размислува за една ваква активност, тоа да биде и на регионално ниво, преку соработка на властите од регионот. Без кампања, организирана кампања, присутна во сите медиуми, каде што навистина ќе се објасни штетноста од поседувањето на нелегално оружје, тешко може да се ослободиме од овој баласт и од оваа опасност за граѓаните на Република Македонија“, вели Марковски.

Според проценките на МВР, во Македонија има до 100 илјади парчиња нелегално оружје. Според УНДП, пак, во земјава има меѓу 110 и 170 илјади поседувачи што поседуваат по најмалку едно парче оружје.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG