Достапни линкови

„На зајдисонце“ во крајезерска Трпејца


Со отворање на Изложбата на етнолошки предмети успешно беше заокружено второто издание на деветдневната културно-забавна и едукативна манифестација „На зајдисонце“. Организатор на ова случување е здружението „За Трпејца со љубов“, а неговата реализација се обистини под покровителство на општина Охрид, Месната заедница од селото и со симболична помош од локалните спонзори и помагатели.

Потпирајќи се на синтагмата дека сите работи почнуваат од убавата мисла, трпејчани и гостите на едно од најубавите крајезерски села, втора година по ред со полни гради го уживаат своето мултимедијално „На зајдисонце“. Манифестацијата лани родена под закрила на здружението „На Трпејца со љубов“, овојпат растеретена од потребата да биде безусловно допадлива, веќе се наметна како културно-забавна-едукативна практика која не само што ги анимира мештаните и туристите, туку полека станува и активен чинител во глобалната летна понуда во овој дел од Република Македонија.
Го имаме прекрасното сино езеро, ја имаме прекрасната бисерна плажа, ѕвездените ноќи и многу љубов за Трпејца која се надевам дека ќе трае уште долго на манифестацијата „На зајдисонце“ затоа што зајдисонцата се број еден од убавините во нашето село.
Милчо Јовановски, организатор на манифестацијата „На зајдисонце.“

Во прилог на ова говорат актуелната Изложба на етнолошки предмети собрани по куќите, омажот на покојниот македонски сликар Димитар Кондовски, човекот кој прв од уметниците им ја откри Трпејца на луѓето од неговиот ков, во случајов зачинет и со телевизискиот портрет и Изложбата на фотографии на неговиот син Филип, атрактивната вечерна променада „Со кајче по езерото“, креативната работилница по уметност (беа користени белите бисерни камчиња од плажите), концертите на подмладокот на КУД „Ѓердан“ и учениците од музичкото училиште „Методи Патче“ од Охрид, промоцијата на дивиди-боенката „Македонски овошни приказни во стих“ од Весна Пирузева Петровска... И, тука не е крајот бидејќи не треба да се заборават и школите по пливање и шах, посетата на
Националниот парк Галичица, промоцијата на подводниот локалитет „Заливот на прчот“ реализирана во соработка со Нуркачкиот центар „Амфора“ и така со ред.
Не сме мегаломани кои што сакаат милионски суми, туку напротив како и досега ќе продолжиме да работиме од преголема љубов кон родниот крај, а средствата ќе ни бидат потребни само за ангажманот на уметниците и за нивното убаво чувство при престојот во Трпејца.
Милчо Јовановски, организатор на манифестацијата „На зајдисонце.

„Сите приредби што ги организираме немаат никаков комерцијален карактер. Едноставно, сите се бесплатни и отворени за посетителите и се разбира со таков, убав впечаток луѓето доаѓаат и заминуваат од Трпејца. Го имаме прекрасното сино езеро, ја имаме прекрасната бисерна плажа, ѕвездените ноќи и многу љубов за Трпејца која се надевам дека ќе трае уште долго на манифестацијата „На зајдисонце“ затоа што зајдисонцата се број еден од убавините во нашето село“, вели Милчо Јовановски, еден од иницијаторите и организаторите на ова случување.

Тој дополнува дека кога размислуваат за иднината на својата манифестација тие би сакале таа да трае бесконечно, но свесни се дека ова се пионерски чекори на група ентузијасти од рурален крај каков што е Трпејца кои, пак, од своја страна, неизмерно веруваат во привлечноста и туристичкиот потенцијал на ова парче од крајбрежието. Јовановски се надева дека, како и во случајот со локалната самоуправа која од годинава е генерален покровител, нивниот ангажман ќе биде препознаен и од Министерството за култура каде веќе конкурирале со овој навистина интересен и несекојдневен проект.

„Ние имаме доста планови и идеи, но што од тоа ќе се оствари ќе знаеме откако ќе можеме да имаме некаков сопствен буџет со кој ќе располагаме како здружение. Не сме мегаломани кои што сакаат милионски суми, туку напротив како и досега ќе продолжиме да работиме од преголема љубов кон родниот крај, а средствата ќе ни бидат потребни само за ангажманот на уметниците и за нивното убаво чувство при престојот во Трпејца.“

Заложбата на организаторите за во иднина е концепциски да ја задржат веќе востановената програма да нудат содржини за сите возрасти , од 7 до 77 години, и згора на тоа неа да ја надополнат со содржини од она што се нарекува алтернативен туризам а што беше зачнато со посетата на Националниот парк Галичица и со нуркачките активности во околината на Трпејца.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG