Достапни линкови

Лустрација на мртвите за замајување на живите


Томе Аџиев, претседател на Комисија за верификација на факти.
Томе Аџиев, претседател на Комисија за верификација на факти.

Лустрацијата на мртвиот писател Славко Јаневски во петокот на денот на самитот на ЕУ е потреба на власта за шокантна вест со која ќе се прикрие големиот пораз на земјата во Унијата. Ова го изјави Стојан Андов иницијаторот и изготвувачот на законот за Лустрација кој, според него и други познавачи во Македонија, не ја врши основната мисија поради која е донесен.

Лустрацијата на големиот, сега починат писател, Славко Јаневски е потреба на властите да објават нешто шокантно во тајмингот кога на меѓународен план ни се случува голем неуспех, велат аналитичари. Иницијаторот на донесувањето на законот за верификација на фактите и негов изготвувач, Стојан Андов вели дека лустрацијата на починатиот писател го содржи токму тој елемент, шокантна вест требаше да се случи за да се прикрие големиот пораз, вели Андов.
Тоа е една штетна и неодржива политика за Македонија, но мислат дека на тој начин го привлекуваат вниманието и манипулираат, успеваат да манипулираат со свеста на луѓето.
Стојан Андов, иницијаторот на донесувањето на законот за лустрација.

„Секојдевно го лустрираат и Климент Охридски и Свети Кирил и Методиј и Александар, Свети Павле и тн. Тоа е една штетна и неодржива политика за Македонија, но мислат дека на тој начин го привлекуваат вниманието и манипулираат, успеваат да манипулираат со свеста на луѓето“, вели Андов.

Делумно со оваа забелешка се согласува и професор Никола Дујоски чиј поглед на работите ги следи овие настани повеќе како поставување на владините приоритети. За власта, сето ова покажува дека таа како да има намера повеќе да се занимава со некои споредни теми одамна свесна за исходот од Брисел на кој и претходно бевме предупредени, вели Дујоски.
Нашите политичари веќе се навикнаа и на нив не им смета што другите одат напред, а ние сме тука каде што сме.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

„Нашите политичари веќе се навикнаа и на нив не им смета што другите одат напред, а ние сме тука каде што сме, нив повеќе ги интересираат ваквите дневни настани, дали некој жив или починат се лустрира, дали се формирала и како функционира Комисијата за 24 декември, значи тоа се нашите приоритети за жал, а не европските интеграции.“

И со оваа последна лустрација, јасно се покажува дека целиот процес ја изгуби смислата. Тој беше замислен така што да не можат луѓето кои соработувале со тајните служби да се кандидираат за јавни функции или да се тргнат од местата на кои вршат такви функции, посочува Андов.

„Се работи за починати луѓе кои немаат шанси да се кандидираат и да вршат јавна функција“, вели тој.

Сето ова само докажува дека секој сериозен потфат за унапредување на демократијата властите се способни да го претворат во најгруба манипулација и да го сведат на карикатура, вели Андов
XS
SM
MD
LG