Достапни линкови

Диско треска на „Види музика, слушни слика, добиј книга“


Британскиот диригент Тимоти Редмонд.
Британскиот диригент Тимоти Редмонд.

„Диско треска“ е насловен концертот што Македонската филхармонија, под диригентство на Тимоти Редмонд од Велика Британија, во рамките на шестото издание на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, ќе го одржи в четврток од 21 часот во Градски Парк. Спектаклот, чиј ко-организатор е Младинскиот културен центар од Скопје, ќе биде заокружен со ликовниот перформанс на уметниците Емил и Тони Шулајковски, а присутните ќе добијат на подарок примерок од книгата „Еден ден ќе се сретнеме“ од македонскиот поет Никола Маџиров.

По минатогодишното посегање по рок-класиците, Македонската филхармонија годинава спектаклот „Види музика, слушни слика, добиј книга“ ќе го обои во ритамот на танцовата музика од втората половина на 1970-те и деценијата потоа. Ова подразбира дека на концертот насловен како „Диско треска“, во нови симфониски аранжмани, ќе бидат исполнети безвремените хитови на Мајкл Џексон, АББА, Глорија Гејнор, БИ ЏИЗ, Волтер Марфи, ТАВАРЕС, КИ СИ ЕНД САНШАЈН БЕНД и други, а со оркестарот и во оваа пригода ќе диригира Британецот Тимоти Редмонд.
Мислам дека е многу важно оркестарот да им припаѓа на сите луѓе во градов и посебно на оние кои вообичаено не можете да ги видите на концертите на сериозна музика. Ова е извонредна можност да ја слушнеме Македонската филхармонија како свири музика која најмалку би очекувале еден симфониски оркестар да свири. Минатата година пред повеќе од 20.000 посетители посегнавме по рок класиците, а еве не сега повторно со диско музиката. И, она што притоа е важно, е што диско звукот перфектно му прилега на симфонискиот звук особено ако притоа на ум се имаат сеприсутните виолини, разулавените дувачи и скриената енергија... Конечно, преубаво е да се свири музика којашто сите ја препознаваат.
Тимоти Редмонд, диригент.

„Мислам дека е многу важно оркестарот да им припаѓа на сите луѓе во градов и посебно на оние кои вообичаено не можете да ги видите на концертите на сериозна музика. Ова е извонредна можност да ја слушнеме Македонската филхармонија како свири музика која најмалку би очекувале еден симфониски оркестар да свири. Минатата година пред повеќе од 20.000 посетители посегнавме по рок класиците, а еве не сега повторно со диско музиката. И, она што притоа е важно, е што диско звукот перфектно му прилега на симфонискиот звук особено ако притоа на ум се имаат сеприсутните виолини, разулавените дувачи и скриената енергија... Конечно, преубаво е да се свири музика којашто сите ја препознаваат. Песните што ние ќе ги свириме ја имаат таа универзална нитка и безмалку да нема човек на планетава што барем еднаш во животот не ги слушнал Мајкл Џексон, Глорија Гејнор, БИ ЏИЗ“, вели Редмонд.
Македонската филхармонија.
Македонската филхармонија.

Настанот, на отворената сцена во Градскиот Парк во Скопје, ќе биде збогатен со ликовниот перформанс на уметниците Емил и Тони Шулајковски.

„При самиот чин на перформансот јас се спојувам со музиката и тој чин на создавање на дело пред публика ми дава огромен мотив за работа. Тогаш буквално се исклучувам од реалноста и оставам четките и боите, раката, да ми ја води ритамот на музиката. Не се сомневам дека со брат ми ќе успееме да ги совладаме големите платна бидејќи овој вид на музика одговара на нашиот сензибилитет“, вели Емил Шулајковски.
Голема е идејата. Ова е славење на уметноста, чин за подигање на свеста и за популаризација на културата како во Македонија така и надвор од неа, затоа што сите оние кои ни биле гости на случувањето одовде си заминале со воскликнувачки импресии и долго раскажувале за тоа.
Златко Стефковски, директор на МКЦ.

Тој дополнува дека тие прв пат работат на заеднички проект по цели 13 години и дека обајцата зад себе веќе имаат слични искуства бидејќи поединечно сликале пред публика – Тони на електронската музика на Игор Атанасовски Харе, а Емил со звуците на џез мајсторите Тони Китановски, Васил Хаџиманов, Оскар Салас и други во рамките на Карпошовото културно лето.

Златко Стефковски, директорот на Младинскиот културен центар од Скопје и еден од иницијаторите за реализацијата на оваа идеја, забележува дека „Види музика, слушни слика, добиј книга“ е наменско име на проектот затоа што нивната првична цел била музиката да се види додека се создава. Тој потенцира дека „да се слушне сликата“ е како да сте добиле преубава можност да го споделите тајновитиот момент со некој од сликарите во мигот на креација нешто на што малкумина се расположени додека самуваат во своите атељеа и конечно, да се дари нешто, посебно книга, според него, е она на што се многу горди бидејќи ако само еден од оние кои дошле до примерок од досега поделените 120.000 само еднаш влегол во книжарница да побара нов наслов, тогаш сето ова само ја крепи вербата во акцијата.

„Голема е идејата. Ова е славење на уметноста, чин за подигање на свеста и за популаризација на културата како во Македонија така и надвор од неа, затоа што сите оние кои ни биле гости на случувањето одовде си заминале со воскликнувачки импресии и долго раскажувале за тоа.“

Кон ова уште информацијата дека на присутните годинава ќе им бидат поделени 20.000 примероци од книгата „Еден ден ќе се сретнеме“ на македонскиот поет Никола Маџиров, кој е прв од домашните автори чие дело ќе биде подарок на традиционалното мултимедијално случување „Види музика, слушни слика, добиј книга“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG