Достапни линкови

Ефенди Сулејман Реџепи - Власта ја фаворизира МПЦ


Интервју со Реис ул Улема Сулејман Реџепи
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:26 0:00

Интервју со Реис ул Улема Сулејман Реџепи.

МПЦ е фаворизирана верска заедница во Македонија и тоа по сите нишани. Тоа е однос кој не е во согласност со Уставот на Република Македонија, обвинува поглаварот на ИВЗ во Македонија, Реис ул Улема Сулејман ефенди Реџепи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Реџепи, неодамна битолскиот муфтија испрати писмо со наслов „Раната не мртовецот не боли“, алудирајќи на МПЦ. Зошто?

По мое длабоко мислење апсолутно вистината не е во тоа дека алудира на МПЦ, туку веројатно алудира на религиската Конференцијата, ми се чини. Инаку битолскиот муфтија не е тој кој ја претставува Исламската верска заедница, Исламската верска заедница на Македонија ја претставувам јас. Меѓутоа со оглед дека писмото на битолскиот муфтија беше насочено и кон премиерот и особено кон директорката на Комисијата за односи со верските заедници, госпоѓа Валентина Божиновска, во реакцијата тие се обидуваат некако да го девалвираат тоа писмо, или да го игнорираат или да го замислуваат како невистина.

Како ја коментирате таа изјава на госпоѓа Божиновска?

Што ќе ја коментирам. Апсолутно нема врска со здравиот разум, таа треба тоа да го аргументира. Има една права вистина, за прв пат ниеден политички субјект откако се дозна дека ние ќе ја бојкотираме Конференцијата не се јави да каже – Одете бојкотирајте ја или не ја бојкотирајте! За прв пат ова се случи и јас почитувам едно такво однесување на политичките партии да не се мешаат во внатрешните работи на верските заедници. Единствена точка која можеби ни ги замаглува односите и со Македонската православна црква е политиката.

Зошто?

Таму има политички диктат.

Во МПЦ?

Да. Со оглед дека е фаворизирана верска заедница во Македонија. Фаворизирана е и тоа по сите нишани. Тоа е однос кој не е во согласност со Уставот на Република Македонија, тоа е едно. Второ, не и прави добро на државата, не е во интерес на државата, со оглед на тоа што односот на државата и на државните институции треба да биде ист со овие уставни верски заедници. И сега државата ја дискриминира Исламската верска заедница, тоа отворено го кажувам и потоа како ние да бидеме авторитет, да влијаеме на муслиманите во Македонија, кога ќе има потреба за тоа, кога самата држава сака да не разобличи. Самата држава сака да ни го наруши авторитетот што го имаме кај верниците, не знам зошто им е потребно тоа. Со МПЦ имаме почит и мене ме почитуваат и јас ги почитувам личностите таму, но за жал тоа е тоа.

Велите дека власта ја дискриминира Исламската верската заедница. Дали соработувате со ДУИ која е дел од владејачката коалиција за да ви помогне да ги решите прашањата по кои сметате дека сте дискриминирани како верска заедница?

Ние од политичките партии ги почитуваме тие што нè почитуваат, без оглед на тоа дали се албански или не. Со политичка партија која партиципира во власта, ако е дел од власта, ние бараме друга одговорност, не како политичка партија, туку како дел од власта. Ако јас со некој министер или вицепремиер од овие партии контактирам за потребите на ИВЗ, веднаш ќе ме обвинат дека сум соработник со ДУИ или со ДПА. Зашто луѓето не се подготвени да сфатат дека политичка партија си е политичка партија, а откако ќе влезе во владата, таа е дел од власта на Република Македонија.

Тоа значи дека и таа учествува во дискриминацијата?

И поради тоа ние немаме никаква хипотека да ѝ се обратиме на некоја личност од ДУИ ако има некоја надлежна функција, меѓутоа ние нашите права не ги бараме од ДУИ како партија и како партиципиент во Владата, ги бараме нашите права од Владата на Република Македонија. Ние секогаш сме биле подготвени да соработуваме со Владата, но не како досега, навистина сме уморни од таа маршрута без резултати. Како може на Македонската православна црква да и се врати речиси цел имот, плус им дадоа нов вакув како што беше случајот со хотелот Изгрев, па сега неодамна е и случајот со касарната која им е дадена на користење на 99 години. Ние не сме против тоа, треба да им се дава, но треба да размислува истата влада и за муслиманите во државава. Како е можно тоа, ние не можеме никако да го повратиме нашиот имот.

Во владата има министри муслимани, тоа значи дека тие не прават ништо или не прават доволно за правата на муслиманите во земјава?

Не, зависи каква функција има муслиманот, каква функција врши во државата.

Па добро, но ДУИ се претставници на Албанците во владејачката коалиција.

Јас имав веќе средба со првиот човек на ДУИ, разговарав. Човекот многу фино ме прими, разговаравме, ми рече – господине Реисе, ние не можеме, јас и ти, тука да ги разрешиме сите проблеми, туку ќе формираме заеднички тела во наредниот период и полека, полека ќе ги разрешуваме проблемите. Чекаме, но нема ништо од тоа. Сега дали се сите искрени како што сум јас искрен? Тие не велат ни пречи ова или ни пречи она, само велат ние сме немоќни, значи некој ги обесхрабрува и нив, но тие треба сами да си кажат, не јас да зборувам во нивно име. За мене постои Влада која ја сочинуваат коалициони партнери, мене не ме интересира, јас барам моите права да ги остварам преку државните органи. Замислете сега, со владата дури имавме конкретни договори, а тоа се случи пред втората светска конференција, имавме заедничка средба со премиерот каде што се договоривме да се реновира Чарши џамија и тоа да почнува да се работи за три месеци. Финансирањето да биде пола од Владата, пола од ИВЗ. Сите ги прифативме сите солуции и на крај го потпишавме, текстот беше подготвен од Министерство за култура, поконкретно од Паско Кузман. Еве помина три години, а не три месеци, три години поминаа, ништо нема од тоа. Зошто? Па така сакал господинот Марјан Ристевски. Сега треба Исламската верска заедница да биде жртва на Марјан Ристевски, затоа што нему не му се допаѓа да се реновира таа џамија која што беше изгорена во 2001 година. Исто така имавме една спогодба со битолскиот митрополит да изградиме на наш имот и црква и џамија, да бидеме еден пример за соживот, и тоа не го прифатија. Два, три пати бевме на средба во кабинетот на премиерот и таму беа поканети и луѓето од месната заедница, не знам што бараа таму, не ми е јасно како функционира правно политичкиот систем.

Во реакцијата, по изјавата на Божиновска, едно од оправдувањата зошто не присуствувавте на Конференцијата ви беше дека верскиот соживот во Македонија е фарса. Зошто велите дека е фарса?

Фарса е. Нека некој потврди дека Исламската заедница нема дадено свој придонес во тој дијалог за толеранција, соживот. Ние сметаме дека од сите верски заедници ние сме авангарда во таа насока. Меѓутоа ова со рекламите, ова што се организира, ова што Владата организира таква Конференција односно Министерството за култура под покровителство на премиерот, верувајте дека тоа е чиста пропаганда, нема врска со вистината и јас не прифаќам да бидам декор во една средина во која политика е да се зборува убаво, да се каже сè што е добро и таму каде што ќе се каже тоа и таму ќе остане. Нема примена во пракса и нели е тоа фарса, ако нема резултати, ако нема ништо, тоа е фарса.

Во изминатиов период со загинувањето на гостиварецот во Сирија, повторно се отвори прашањето за постоењето на радикални исламски структури во земјава, а досега често пати бевме сведоци на изјави од типот „ те има, те нема“ радикални структури во земјава. Кој е вашиот конечен одговор, дали има во земјава радикални исламски структури?

По ова прашање, има контроверзни изјави од самите надлежни институции во државата со оглед на тоа што постојат служби за безбедност кои треба да ги следат таквите структури. Треба да ни верувате дека и ние некогаш се сомневавме и баравме од страна на надлежните да ни кажат дали има или не. Тие нè убедуваат дека нема такви структури. По извесно време се појавија, па дури јас се обратив до Министерството за внатрешни работи и побарав да ми одредат лице за мое лично обезбедување како Поглавар на ИВЗ и тие ми одредија тројца.

До толку бевте уплашени што побаравте обезбедување?

Па не бев уплашен, јас не се плашам, ама работите се такви, јас сум јавна личност, мене ми беше сугерирано и од некои странци тука во Македонија, дека треба да побарам од МВР. По извесно време некои луѓе кои ги третирале како радикални, велам ајде да видиме што размислуваат тие луѓе, ги поканив на разговор, гледам луѓето ги прашувам „Вие сакате да работите за ислам?, ми велат „да“. „Ја признавате институцијата Исламска верска заедница, нормативите, актите на чело со уставот на оваа заедница? Ми рекоа „да“. Е па тогаш повелете, ова не е моја приватна куќа. И од тука некој се налутил.

Кој е заклучокот, има ли радикални исламски структури во земјава?

Нема, надлежните велат дека нема, и нема што да коментирам јас. МВР како надлежно министерство да ги следи сите работи, тврдат дека нема, што имам јас да коментирам нешто што нема.

А од вашето искуство на терен во разговори со жители во Гостивар, па и во Македонија?

Овој случај што го спомнавте, гостиварскиот, откога слушнав веднаш стапив во контакт со нашето муфтиство таму и прашав за карактеристиките на таа личност. Апсолутно не е во склоп на тоа што зборуваме, ниту може да биде предмет за разговор. Човекот не бил никогаш некој со радикална идеологија. Веројатно не е само тој, веројатно има многу луѓе, не само од Македонија, туку од секаде кои што сакаат да му помогнат за загрозениот народ во Сирија. И сега од која причина, со кои мотиви одат не знам, но целта им е тоа, тие се на страна на алијансата, на страна на западните сили. Но оваа личност од Гостивар врска нема со такво нешто, не држи тезата дека треба да ја поистоветиме со радикален ислам, не држи.

Во едно од последните интервјуа, господинот Јакуп Селимовски посочи на еден проблем во Прилеп каде што е формирана паралелна верска сунитска заедица и истакна дека доколку се продолжи со таквите поделби на ИВЗ ќе настанат сериозни последици во општеството. Дали се прават уште такви поделби?

Па вие пред малку ме прашавте што прави политика, ова е политички акт. Тоа што се случи во Прилеп со Ромите, тоа е голема активност на господинот Марјан Ристевски кој со години работи на тоа да ги манипулира Ромите и навистина успеал во тоа. Тоа не се сите Роми во Прилеп, бидејќи сите не се согласуваат со таквата одлука. Па со благослов на Валентина Божиновска тие се регистрираат како посебна религиозна група. Овој акт не само што е политички, тој е во спротивност со законот на државата. Јас не знам навистина, немам толку сила да објаснам што се случува во оваа држава, луѓето што се надлежни, луѓето што ги донесуваат законите, истите не ги почитуваат. Па нели е тоа обид за создавање нереди, меѓу религиите, меѓу верските заедници, меѓу една верска заедница. Тоа е интенција да ја распарчат ИВЗ, да ја ослабат, а од друга страна Јован Вранишковски шета од затвор во затвор со оглед на тоа што тој сака да ја распарчи Македонската православна црква. Има една изрека, вели „кој на друг гроб копа сам во него паѓа“. А целта на случувањата во Прилеп е само да не се поврати Чарши џамија со оправдување, мисли Ристески дека ќе се оправда пред внатрешна и надворешна јавност, дека таму каде што има муслимани градиме џамија, па ќе си речат „што бара ИВЗ“. Па после ќе испадне дека има конфликт и недоразбирање меѓу ИВЗ и МПЦ. Не стојат така работите, далеку од тоа е.

Велите дека немате конфликт, дека немате проблем, но се добива впечаток дека функционирате во паралелни светови и не се обидувате заедно да помогнете во подобрување на меѓуверскиот и меѓуетничкиот соживот. Што прави ИВЗ за да ја подобри сликата?

Видете ние имавме една активност, формиравме совет меѓурелигиски, преку кој нашите права заеднички ќе ги бараме, заедно да се појавиме пред државните институции како религиски совет, но ни го растурија.

Кој го растурил?

Не знам, политика.

Кoj конкретно?

Па не знам конкретно, што мислите кој води политика во државата? Не функционира советот, тоа за мене значи дека е растурен. Дури требаше да имаме статут, го зготвивме статутот, без никаков притисок, го потпишавме текстот и кога требаше финалниот текст да се потпише и да стапи во сила, МПЦ се повлече. А зошто, би требало нив да ги прашате.

Кои се вашите конкретни чекори за подобрување на соживотот во земјава?

Па треба тој што те кара, тој треба да те помири, ако е ова последица на една дискриминаторска политика, таа треба да се поправи, откога ќе се поправи јас верувам дека работите ќе се подобрат.

Еден од индикаторите дека меѓуетничкиот и меѓуверскиот соживот не се на вистинска патека се спортските терени каде што во изминатиов период нетрпеливоста меѓу навивачите доби на интензитет. Како делува ИВЗ за да помогне во справувањето со овој проблем?

Залудно е да се бара од една верска заедница да делува во, како што се на пример спортските недоразбирања и непријатности. ИВЗ, МПЦ, Методистичка и Католичката црква како и Еврејската заедница заеднички ако настапат, јас верувам дека така можеме да влијаеме. Но затоа и го формиравме тој совет тоа беше правен, административен инструмент преку кој што заедно бевме на ручек, доручек, средби. Јас отсекогаш сум бил за тоа, и за поддршка на МПЦ, јас сум бил меѓу првите кои го поддржале тоа. Јас не знам зошто од другата страна нема таква поддршка. Жал ми е, нека ме сфатат како сакаат, но тоа е тоа, интерес си е интерес. Таа е фаворизирана, на пример двата теолошки факултети немаат ист третман, на пример богословскиот факултет е целосно финансиран од буџетот на државата, а исламскиот теолошки факултет немаше ни денар примено, после пуштија нешто за лице што се вика и ништо повеќе од тоа.

Во дел од медиумите неодамна беа објавени информации дека дел од политичките структури се незадоволни од комуникацијата со ИВЗ, па би му помогнале на битолскиот муфтија да стане ваш наследник. Дали тоа значи дека вие размислувате за оставка или имате други планови?

Такво нешто во Исламската верска заедница ниту се зборува, ниту има вистина во тоа. А дека битолскиот муфтија треба да биде, врска нема, тој може да се кандидира според правниот систем на исламската верска заедница доколку има таков вакуум, да нема поглавар во верската заедница. Никој не може да му го оспори таквото право, меѓутоа тој не би прифатил во својот живот додека сум јас поглавар да се занимава со таква работа. Во ИВЗ никој нема такви амбиции, не само битолскиот муфтија.

Во тој контекст, кои се вашите идни планови?

Немам јас никакви планови, од мене кога ќе бараат надлежните со уставот на ИВЗ, јас сум спремен и да одам во пензија и да прифатам нешто друго, сè што е во интерес на ИВЗ.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG