Достапни линкови

Ана Андроска со „Сонувајќи со ѕвездите“ во музеј „Робевци“ во Охрид


„Сонувајќи со ѕвездите“ е насловена изложбата на слики на Ана Андроска, што од 27 април до 11 мај, се одржува во Музеј „Робевци“ во Охрид. Станува збор за селекција од делата што минатата година беа претставени во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, а организатор на актуелното случување е Центарот за културен проток „Артерија“.

Петнаесет слики, работени во техника масло на медијапан, селектирани од вкупно 40-те со кои Ана Андроска се претстави на својата втора самостојна изложба „Сонувајќи со ѕвездите“ во скопскиот Чифте амам, се изложени и на нејзината истоимена актуелна постановка во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, во куќата на Робевци. Делата се создавани во период од пет години и нудат најразлични тематики и како што ќе забележи авторката „таа најчесто се задржува на сонот за поубави нешта, сонот што во неа тлее од детството“. Притоа Андроска вели дека не се работи за бегство од реалноста туку за нејзино прифаќање, но низ еден наивен, хумористечен, та дури и делумно саркастичен пристап.
Работите не се црно-бели, ниту онакви какви што најчесто ни се претставувани, така сурово, и целиот мој пристап во сликарството е таков еден наивен поглед на дете, меѓутоа со композицијата и не случајно избраните карактери на дадената сцена си поигрувам со реалноста и со дадената слика што ја имаме од секојдневието.
Ана Андроска, уметник.

„Работите не се црно-бели, ниту онакви какви што најчесто ни се претставувани, така сурово, и целиот мој пристап во сликарството е таков еден наивен поглед на дете, меѓутоа со композицијата и не случајно избраните карактери на дадената сцена си поигрувам со реалноста и со дадената слика што ја имаме од секојдневието.“
Македонската сликарка Ана Андроска.
Македонската сликарка Ана Андроска.

Ана Андроска е сликар и графички дизајнер од Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2006 година и досега има реализирано две самостојни изложби: „Лајка“ 2007 во отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје и пет години подоцна „Сонувајќи со ѕвездите“ во Национална галерија на Македонија.
Начинот на кој сликам е различен. Се работи за процес на себеиспитување. Едноставно правам експеримент со најразлични техники на сликање, пристапи, цртежи, боја.
Ана Андроска, уметник.

Инаку, претходно била на една интернационална работилница во Белград. Таму ја поканиле да биде учесник во оф-програмата на Венециското биенале, за да потем си дозволи пауза од пет години и меѓу двете самостојни постановки уште цели три лета. Додека говори, упорно потенцира дека воопшто не е амбициозна, а за себе знае да каже дека отсекогаш ја интересирал човекот, неговото поведение и неговите соништа.

„Како уметник мислам дека од самиот почеток ме интересираат човекот и неговата душа, неговото однесување, неговите соништа, неговите желби, неговото секојдневие. Начинот на кој сликам е различен. Се работи за процес на себеиспитување. Едноставно правам експеримент со најразлични техники на сликање, пристапи, цртежи, боја.“

Андроска дополнува дека потрагата ја продолжува и дека чувствува потреба да слика, да создава и да ги коментира нештата околу себе.

„Немам некоја намера и некоја специјална амбиција да бидам секојдневно присутна и секојдневно да давам коментари за нештата. Работам и еден ден онака ги отворам сопствените врати за луѓето да го видат мојот став и мојата критика за реалноста и нештата што ни се случуваат и кој што ги преживуваме како луѓе“, вели Андроска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG