Достапни линкови

Новите правила го комплицираат судството


Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека новите правила за избор на судии и јавни обвинители може да доведат до дефицит на неопходни кадри во правосудството, што, пак, ќе доведе до понатамошна неефикасност, пренатрупаност на судски предмети и долготрајност на судските постапки.

Неуспехот на Уставниот суд да ја заштити автономијата на Универзитетот, начинот на кој се врши избор на судии и јавни обвинители, контроверзиите околу законот за правосуден испит, како и повредата на правото за судење во разумен рок се дел од главните забелешки во последниот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права.
Очигледно е дека клучниот фактор е можеби Судскиот совет кој на некој начин треба да ги постави правците во кои ќе се движи и кадровската политика и менаџирањето со судовите и слично. Мислам дека, сепак, основниот проблем е што судството е зафатено силно и под силна пресија на политичките фактори во државата.
Драган Малиновски, адвокат и поранешен антикорупционер.

Хелсиншкиот комитет смета дека со предлог-законот за полагање на правосуден испит кој е недоволно разработен и во себе содржи решенија кои не одговараат со македонскиот правен систем може да има негативни влијанија врз правосудството и работата на државната управа. Комитетот предупредува дека новите правила за избор на судии и јавни обвинители може да доведат до дефицит на неопходни кадри во правосудството, што, пак, ќе доведе до понатамошна неефикасност, пренатрупаност на судски предмети и долготрајност на судските постапки.

Адвокатот и поранешен антикорупционер Драган Малиновски вели дека со начинот на кој се конституираше Судскиот совет, за жал се покажа дека се преслика политичката моќ од законодавната и извршната власт.
Од новиот состав, односно веќе од минатата година Уставниот суд во основа не ја извршува својата улога за која што е уставно поставен. Имено, многу е мал бројот на интервентни одлуки, тие се скоро незабележителни. Дури и во оние делови каде што ги има, тоа се спорадични работи кои воопшто не заслужуваат коментар.
Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.

„Очигледно е дека клучниот фактор е можеби Судскиот совет кој на некој начин треба да ги постави правците во кои ќе се движи и кадровската политика и менаџирањето со судовите и слично. Мислам дека, сепак, основниот проблем е што судството е зафатено силно и под силна пресија на политичките фактори во државата“, вели Малиновски.

Според извештајот, во минатиот месец со одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за оценување на уставноста на голем дел од одредбите на законот за високо образование се зајакнува влијанието на извршната власт врз работата на Универзитетот, кој според уставот има загарантирана автономија.

Аналитичарите оценуваат дека со последните промени на составот на судиите, Судот стана продолжена рака на власта. Поранешниот уставен судија кој беше лустриран Трендафил Ивановски вели дека Уставниот суд повеќе не ја остварува својата основна општествена функција со што може да се каже дека живееме во неправна држава, односно во држава која не си го почитува сопствениот Устав. Ивановски потсетува и на неколку други закони кои во изминатава година лесно го поминаа филтерот на Уставниот суд.

„Од новиот состав, односно веќе од минатата година Уставниот суд во основа не ја извршува својата улога за која што е уставно поставен. Имено, многу е мал бројот на интервентни одлуки, тие се скоро незабележителни. Дури и во оние делови каде што ги има, тоа се спорадични работи кои воопшто не заслужуваат коментар“, вели Ивановски.

Малиновски вели дека состојбите во правосудството по ништо не се разликуваат од другите сфери на општественото живеење, односно ако имаме проблеми во поглед на функционирање на извршната власт, законодавната и судската е очигледно дека е зафатена со проблеми.

„Лично сметам дека работите не се движат во добар правец кога зборуваме за правосудството генерално, не само за судството. Одговорно може да тврдам, а мислам и компетентно, дека нивото на правораздавањето во судовите во Македонија денеска е на навистина проблематично ниво. Што е причината за тоа? Можеби или пред сè несоодветната кадровска селекција на судиите и ако сакаме добро за судството треба работите да ги детектираме на вистински начин и за нив јавно да говориме“, вели Малиновски.

Судството во речиси сите меѓународни извештаи е наведено како најпроблематичен сектор во Македонија. Малиновски вели дека лекот е политиката да ги тргне рацете од судството.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG