Достапни линкови

Изборни ветувања како првоаприлски шеги


Премиерот Никола Груевски во посета на индустриската зона Жабени со градоначалникот на Битола и кандидат за уште еден мандат Владимир Талески.
Премиерот Никола Груевски во посета на индустриската зона Жабени со градоначалникот на Битола и кандидат за уште еден мандат Владимир Талески.

Кандидатите за градоначалници ветуваат „брда и долини“, а во кампањата можеа да се чујат и закани кон противниците. Кога им се закануваат на обичните луѓе за да гласаат, зошто да не им се закануваат и на кандидатите, велат познавачите.

Нови десетици паркови, нов Луна парк, бесплатен паркинг, гасификација во секој град, реконструкција на училишта, враќањето на духот на старата скопска чаршија, легализација на балконите од зградите за едно евро, санирање на градежното узурпирање на Водно, индустриска зона во речиси секоја приградска населба, бесплатни автобуски карти за сите ученици и студенти како и бесплатен превоз за сите пензионери и социјалци секој ден.
Значи овде целта е само да се добие власта и се нема долна граница. Тие ветувања се непроверливи, некои од нив поради слабите буџети кои се многу пониско од реалните, а тоа укажува дека или нема да има изведба на таквите проекти или ќе бидат под стандард. На пример, знаете за она турање на 2 сантиметри асфалт наместо колку што треба.
Александар Цветкоски, невладина организација АГТИС.

Ова не е првоаприлска шега, ова се ветувања кои граѓаните ги слушнаа пред вториот изборен круг. Дел од нив веќе со години се повторуваат, како на пример ветувањето за изградба на нов Луна парк што скопскиот градоначалник Коце Трајановски во 2009 година вети дека ќе се реализира со помош на приватен партнер затоа што општината нема доволно пари.
Градоначалникот на општина Центар и кандидат за уште еден мандат Владимир Тодоровиќ сади рози како дел од кампањата „Скопје градот на цвеќето-Скопје градот на розата“.
Градоначалникот на општина Центар и кандидат за уште еден мандат Владимир Тодоровиќ сади рози како дел од кампањата „Скопје градот на цвеќето-Скопје градот на розата“.

Во меѓувреме кандидатите за градоначалници меѓусебно се обвинуваат дека ветувањата на нивниот противкандидат се нереални. Невладината организација АГТИС објави граѓански информатор во кој се обидува да им ги објасни на граѓаните триковите кои што ги користат политичарите во нивните ветувања за да изгледаат што е можно пореални и остварливи. Претседателот на организацијата Александар Цветкоски вели дека нереалните ветувања укажуваат дека на политичарите не им е грижа какви ветувања даваат затоа што целта им е само да дојдат до власт. Тој додава дека општините немаат доволно буџет за да може сè што е ветено да се исполни.
Доколку тоа не се забележува, ниту како практика, ниту како тренд, тогаш и довербата во оние кои што ветувале, некои дури „брда и долини“, некои кои што ветувале дека ќе настојуваат да ги изместат работите кон позитивно, фактички добиваат само негативни поени кај гласачите.
Ѓорѓи Тоновски, социолог.

„Значи овде целта е само да се добие власта и се нема долна граница. Тие ветувања се непроверливи, некои од нив поради слабите буџети кои се многу пониско од реалните, а тоа укажува дека или нема да има изведба на таквите проекти или ќе бидат под стандард. На пример, знаете за она турање на 2 сантиметри асфалт наместо колку што треба.“

Цветкоски вели дека кандидатите за градоначалници од своите предизборни трикови најмногу сакаат говорот да го поврзуваат со она што допрва ќе го сработат.

„Па така, како гаранција за ова ние што го ветуваме велат ние сработивме толку и толку метри пат, значи ако е патот тесен и долг тогаш кажуваат во метри, ако е краток и широк кажуваат во квадратни метри пат. Понатаму со постигнувањата воопшто не се мери колку некои проекти биле успешни. Дури и Европа има огромен процент на неуспешни проекти, но нашите се сите успешни во Македонија. Значи нема кој да ги мониторира, а тоа е еден голем трик“, вели Цветкоски.

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека во крајна линија граѓаните сакаат да добијат градоначалник кој што ќе го подобри и олесни нивниот живот.

„Доколку тоа не се забележува, ниту како практика, ниту како тренд, тогаш и довербата во оние кои што ветувале, некои дури „брда и долини“, некои кои што ветувале дека ќе настојуваат да ги изместат работите кон позитивно, фактички добиваат само негативни поени кај гласачите“, вели Тоновски.

Во меѓувреме, покрај ветувањата се забележуваат и закани, па така еден од кандидатите за градоначалници доби јавна закана дека може да заврши во затвор поради учество во аферата „Сведмилк“.

Цветкоски вели дека заканите станаа фолкор на овие локални избори.

„Воопшто никој за ништо не се грижи, ни за што ветува ни за што кажува. Заканите станаа веќе наш фолклор. Ги имаме на микро ниво, оние закани за секое семејство, на вработените, јавната администрација, и зошто тогаш да не се пренесе и во медиумите“, вели Цветкоски.

Тој објаснува дека таквата ситуација е загрижувачка и укажува на фактот дека годинава во Македонија се одржува најниската изборна кампања досега.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG