Достапни линкови

Кампања - Ниско, пониско... најниско!


Ниското ниво на политичка комуникација укажува на фактот дека политичарите ги потцениле граѓаните.

И кога мислевме дека не може подолу, политичарите нè изненадија, ја симнаа за уште еден степен пониско политичката комуникација. Не можејќи медиумски да се соочат еден со друг, кандидатите за градоначалници дебатата ја преселија на улица. Кандидатот за градоначалник на Скопје Коце Трајановски и неговиот колега од опозицијата, кандидатот за градоначалник за скопската општина Ѓорче Петров пред граѓаните на улица си разменија „вербални удари“ за тоа во чие време што било направено.
Ете, тоа ти е, лажат, крадат, не им верувам, јас на државата не и верувам, а камо ли нив, затоа што се чувствувам незаштитена.
Анкетиран граѓанин.

„Дали ви реков, градоначалнику немојте да давате пари за толкав постамент“, рече Наумовски.

„Да сум сакал би ги однел“, рече Трајановски.

Кандидатите за градоначалници за Центар Андреј Жерновски и Владимир Тодоровиќ не седнаа на иста маса да ги спротивстават своите ставови, но се повикаа да водат коректна кампања.
Кога ќе го земете за пример обичниот гласач, се добива впечаток дека има работа со луѓе кои што се до тој степен заслепени за власт што заборавиле на секаков кодекс на однесување.
Илија Ацески, социолог.

„Сериозна е позицијата градоначалник и на таква позиција не треба да дојдат шарлатани како што е Жерновски“, рече Тодоровиќ.

„Многу повеќе зборува за него, во каква состојба е. Вчера му ја гледавме изјавата каде што го носат заедно со премиерот да му помогне во вториот круг, каде што видовме навистина еден уплашен лик, збунет лик, блед лик, лик којшто не може да прочита изјава“, рече Жерновски.

Ниското ниво на политичка комуникација укажува на фактот дека политичарите ги потцениле граѓаните, велат аналитичарите. Граѓаните, пак, велат дека не можат повеќе да ја следат изборната кампања затоа што им пречи политичката реторика и затоа што не им веруваат на нивните ветувања.

„Ниското ниво на комуникација, на култура, до каде сè можат да се симнат, можат ли подолу од ова сега? Катастрофа, што да ви кажам друго.“

„Ете, тоа ти е, лажат, крадат, не им верувам, јас на државата не и верувам, а камо ли нив, затоа што се чувствувам незаштитена.“

„Говорот не ми се допаѓа, сè ми пречи, не ми личат на политичари“, велат анкетираните граѓани.

Социологот Илија Ацески вели дека ниското ниво на реторика се претвора во говор на омраза кога политичарот по секоја цена сака да го омаловажи противникот и да го исфрли на игра со деградирање на личноста.

„Кога ќе го земете за пример обичниот гласач, се добива впечаток дека има работа со луѓе кои што се до тој степен заслепени за власт што заборавиле на секаков кодекс на однесување. Оној човек што не живее од политика, тој е мотивиран некогаш да излезе и да гласа, но кога го набљудува тоа што се случува најверојатно и самиот се прашува до кој степен тоа може да доведе и најверојатно тешко дека тоа ќе го определи за кого да гласа“, вели Ацески.

Тој објаснува дека гласачите повеќе го почитуваат поодмерениот политички говор којшто не предизвикува омраза и тоа со себе носи и поголема мотивација за излезност на избори. Но негативната кампања и стигматизацијата на противкандидатите со себе повлекува гласови од незадоволни граѓани. Ацески истакнува дека ниското ниво на комуникација и негативната реторика со себе носи и повратен удар врз секојдневната граѓанска комуникација.

„Веќе во средината каде што работиме, каде што комуницираме, почнува тој говор да добива таква димензија што станува страшно. Па знаете дека раководител да станете некаде или некаков шеф, веќе се употребуваат тие методи, што е стравично веќе во таа комуникација. Тоа создава една атмосфера на систем на општество, на комуникација каде што стигматизацијата и по секоја цена да го навредите другиот станува правило на однесување, тоа веќе не е исклучок.“

Макијавелистичката максима која во македонски услови би значела дека сè е дозволено за да се дојде до власт, во голема мера го урнисува елементарниот човечки однос во едно нормално општество.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG