Достапни линкови

„Бегство“ на Фулиш грин - Излез од колективно свесно наметнатото


Македонскиот рок бенд Фулиш грин.
Македонскиот рок бенд Фулиш грин.

„Escape“ или „Бегство“ е насловен деби албумот на составот Фулиш грин чија концертна промоција ќе се случи утревечер од 21 часот, во арт-киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар во Скопје. Влезниците за овој перформанс се веќе продадени и поради големиот интерес, закажан е уште еден настап в сабота 16 март.

Она што се ПАЛМА ВАЈЛЕТС на почетокот од годината на интернационалната сцена, тоа со сигурност би можеле да бидат ФУЛИШ ГРИН на регионалната. Да доаѓаат од Велика Британија, сигурно би биле „најдобриот бенд на светот“ според престижниот „Њу мјузикл експрес“... Ова ќе го запише рецензентот Синиша Миклаужиќ во освртот за албумот „Бегство“ на македонскиот состав во хрватски портал „Музика.хр“.
Станува збор за концепт, идеја, мисла за едно психолошко бегство во својот свет, во своите мечти. За скривалиште каде не постојат некакви препреки, сомнежи, каде што никој не може да те разбуди во сонот кога сонуваш без да спиеш. Излез од некое колективно свесно наметнато, од неправедностите, од бесмислиците на светот, бегство од границите на материјалниот свет и од рамките на сивото секојдневие.
Ненад Стефановски, Фулиш грин.

И, притоа воопшто нема да згреши затоа што се работи за издание кое не само што е една од ретките психоделик поп-рок плочи која била објавена на овие простори, туку и објава која донесува лебдечка музика што едноставно ви се вовлекува под кожа. Албум, кој слегува до БИТЛСИ од подоцнежната фаза, ПИНК ФЛОЈД од времето на Сид Барет, па преку МАЈ БЛАДИ ВАЛЕНТАЈН, СПИРИЧУЛАЈЗД, ФЛЕМИНГ ЛИПС... стигнува во времево во кое ваквите продукти едноставно ја менуваат звуковната карта на просторот во кој се настанати и говорат дека сè уште е жилав и дека силно пулсира урбаниот дух на непомирливите. На самосвесните.

„Станува збор за концепт, идеја, мисла за едно психолошко бегство во својот свет, во своите мечти. За скривалиште каде не постојат некакви препреки, сомнежи, каде што никој не може да те разбуди во сонот кога сонуваш без да спиеш. Излез од некое колективно свесно наметнато, од неправедностите, од бесмислиците на светот, бегство од границите на материјалниот свет и од рамките на сивото секојдневие“, вели Ненад Стефановски(вокал и гитара), кој досега (како алтернативен музичар) и беше познат на јавноста како продуцент на објавите на ГРИН АУТ, ЛЕГИЈАТА, ПРОТИВ СИТЕ и други.
Ќе имаме малку поголема одговорност и ќе се обидеме целосно и искрено да ги стимулираме чувствата и сетилата на публиката што ќе биде таму.
Ненад Стефановски, Фулиш грин.

Тој дополнува дека ФУЛИШ ГРИН како идеја започнал пред пет години кога тој снимил неколку демо песни, за да потем му стане јасно оти тие имаат потенцијал и дека само треба да им се посвети поголемо внимание. Признава дека тогаш немал храброст да пее, но сепак се одлучил со своите пријатели да го комплетира албумот и потоа да тргне во потрага по музичарите кои сето тоа ќе го изнесат на сцена.

Кон креативната идеја се придружиле Нико Гаврилов(гитара, металофон), Давор Стојановски(гитара), Стефан Пехчевски (клавијатури), Теодор Бошков(бас) и Стефан Дамјановски (тапани) и тие со својот емпиристички пристап(пропушен низ акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер) многу допринеле во креирањето на актуелниот звук на ФУЛИШ ГРИН.

Во пресрет на промотивниот концерт во арт-кино „Фросина“, Стефановски забележува дека се исправени пред предизвикот да направат искрен перформанс на кој би сакале да ги поведат присутните кон огромниот океан од звуци и емоции.

„Ќе имаме малку поголема одговорност и ќе се обидеме целосно и искрено да ги стимулираме чувствата и сетилата на публиката што ќе биде таму.“

Инаку, членовите бендот веќе работат на смерниците и песните за следбеникот на „Бегство“, а велат дека допрва ќе ја изготвуваат агендата за промотивните настапи, турнеи и свирки на фестивалите.

Инаку, материјалот за албумот е снимен во домашно студио со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, концептот за обвивката и дизајнот се на Мики Стефановски ( патем - вонсериски!!!), а изданието го публикуваше „Пасворд Продакшн“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG