Достапни линкови

Хрватскиот илустративен пат до ЕУ


Знамињата на Словенија и Хрватска
Знамињата на Словенија и Хрватска

Билатералните спорови меѓу Словенија и Хрватска, заедно со растечката политичка нестабилност во Љубљана, ја одложуваат ратификацијата на хрватскиот прием во Европската унија, најавено за јули годинава, кометира агенцијата Стратфор додавајќи: Иако двете земји соопштија дека ќе ги решат отворените прашања, уште еднаш се покажаа колку лесно може да биде загрозена целата надворешна политика на Унијата.

Што е уште поважно, тензиите меѓу Хрватска и Словенија илустрираат колку пречките на патот кон Европската унија се позната работа за земјите од Западен Балкан. Словенија и Хрватска имаат долга заедничка историја.

Двете земји беа дел од Хабзбуршката империја, а по Првата светска војна во составот на Југославија, се до нејзиното распаѓање, наведува Стратфор кој констатира дека за разлика од словенечката, хрватската независност беше проследена со воен конфликт со српските сили кој заврши со мировен договор во ноември 1995 година. Девет години потоа, брзото решавање на граничниот спор на Словенија со Италија и силната политичка поддршка од Австрија придонесоа оваа балканска земја да стане првата држава од поранешна Југославија која влезе во Европската унија.
Нова Љубљанска Банка
Нова Љубљанска Банка

Хрватскиот пат е многу подолг. Таа не стана земја кандидат се до 2011, бидејќи дотогаш Словенија, поради нерешени билатерални прашања го задржуваше хрватското членство. Според правилата, приемот на нови земји бара ратификација од секоја постојана членка. Досега тоа го сторија 18, додека парламентите на осумте други, меѓу нив и на Франција, Британија, Германија и Холандија се уште го немаат сторено тоа.

Одлагањето во Љубљана делумно е поради политичката криза во земјата, но главно поради два спора: едниот е територијален околу Пиранскиот залив. Двете земји под притисок на Брисел се согласија дека ќе прифатат секоја одлука на Меѓународната арбитража, но процесот на демаркација на границата ќе биде многу долг и тензинчен.

Вториот спор е околу финансиската компензација за над 130 илјади хрвати кои ги загубиле заштедите при ликвидацијата на Љубљанска банка во 1994 година.

Двете балкански земји по се изгледа се на пат да ги решат нивните недоразбирања, но нивниот пример е уште една потврда како и најмалите членки со нивните проблeми можат да ја загрозат европската надворешна политика.
Од друга страна, токму територијалните спорови ќе бидат главните проблеми при интеграцискиот процес на земјите од поранешна Југославија.

Европската унија верува дека проширувањето кон Западен Балкан ќе донесе политичка стабилност и економски можности за регионот. Но, како што покажаа Словенија и Хрватска, регионалните непријателства ќе го забават и ќе го отежнат инкорпорирањето на овие земји во Унијата, се заклучува во коментарот на Стратфор.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG