Достапни линкови

Млади и без иднина


Европската комисија деновиве објави дека над 5,5 милиони млади луѓе низ Европа се невработени. За дел од нив експертите велат дека се загубена генерација.

Стапката на невработеност кај младите во Грција и Шпанија се качи на застрашувачки 53 проценти. Во еврозоната таа е 26 насто, највисока од воведувањето на заедничката валута. Колку за споредба, оваа стапка во Соединетите Држави изнесува 15 проценти. Организацијата за економска соработка и развој во јули годинава предупреди дека младите најмногу ја носат тежината на економската криза во Европа.
Генерален штрајк во Барселона во март 2012 година.
Генерален штрајк во Барселона во март 2012 година.

„Лузна ефект“
Сите ми велат дека сум среќна, бидејќи имам добра работа. Навистина, работата е добра, но ќе биде многу тажно ако тоа ми остане работа за цел живот.
Татјана Кавола, млада Италијанка.

И додека многумина ги имаат нивните семејства како поддршка, ОЕЦД предупреди на доживотната штета или на таканаречениот „лузна ефект“ што доаѓа со нарушените планови за градење кариера и за заработување на млади години. Проблемот се однесува и на оние со високо образование кои се заглавени без работа или, пак, работат врз привремена основа. Ваквата ситуација ја разградува основата на европските општества.

Високата невработеност се поврзува со растечкиот криминал меѓу младите. Европските влади се обиудуваат да ја зголемат нивната вработеност, на пример со помало оданочување на оние компании кои примаа лица на кои тоа им е прво работно место.
Шпанија - протести
Шпанија - протести

Шпанија, пак, им позајмува пари за мали бизниси, а Франција ќе им враќа на работодавачите 75 насто од средствата за плати на оние под 24 години. Но, дури и оние што им ракоплескаат на ваквите напори знаат дека станува збор за привремени мерки и оти во блиска иднина нема да го решат проблемот. Тоа, особено важи за земјите од југот на Унијата каде што младите, затворени во нивните културни и јазични бариери, се во безнадежност, страхување и лутина.

„Младост без иднина“

Во Шпанија, апсолвентите кои себе се се нарекуваат „Хувентуд син футура“ или „Младост без иднина“ излегоа на улица да се борат против владините политики на штедење.

„Сè е многу црно и изгледа дека ќе станува се полошо“, наведува 24-годишниот Карлес Фолгуера кој има диплома за компјутери од Политехничкиот универзитет на Каталонија.

Римјанката Татјана Кавола која е со диплома за странски јазици и која работи како помошник во Мекдоналдс, пак, вели:

„Сите ми велат дека сум среќна, бидејќи имам добра работа. Навистина, работата е добра, но ќе биде многу тажно ако тоа ми остане работа за цел живот.“

Во Италија и во Шпанија повеќето работни места пред кризата гарантираа доживотно вработување, па затоа не беше потребен претприемачки дух. Но, сега ситуацијата се измени и младите почнаа да иновираат.

„Се има своја добра и своја лоша страна. Кризата ги натера Шпанците да размислуваат и да инвестираат. Веќе не се плашат бидејќи и онака немаат друг избор“, вели шпанката Рочио Риверо која неодамна отвори мала модна компанија, трошејќи ја целата нејзина, но и семејна заштеда.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG