Достапни линкови

Мелографиран опусот на Никола Бадев


Пејачот Никола Бадев.
Пејачот Никола Бадев.

„Мелографски записи на песните на Никола Бадев“ е насловена книгата на неговата ќерка Роска Бадева чија промоција ќе се одржи утревечер од 19 часот во Кинотека на Македонија. Зад оваа објава посветена на бардот на македонската песна како издавач застана Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.

„Мелографски записи на песните на Никола Бадев“ е книга во која е мелографиран целиот негов опус со над 230 песни, автентично, онака како што тој ги испеал, на бадевски начин. Со сите украси, мелизми и глисанда во оригиналните тоналитети во кои тој ги интерпретирал.
Ги нотирав, мелографирав неговите песни онака како што тој ги испеал во тоналитетите, со сите негови мелизми, глисанда. На тој начин сакав за високошколските институции во кои се изучува македонскиот фоклор, за студентите кои студираат на нив, да остане траг од него и од неговите интерпретации.
Роска Бадева, авторка на публикацијата, ќерка на Никола Бадев.

Во првите три дела од на оваа објава се опфатени сите три оркестри, со кои ги реализирал овие тонски записи: Народниот оркестар, Орекестарот од народни инструменти и Оркестарот чалгии на МРТВ. Четвртиот дел се состои во мелографирање на реализираните дуети со колегите - негови современици како Васка Илиева, Александар Сариевски, Анка Гиева и други. Во петтиот и шестиот се застапени снимките реализирани за дискографските куќи ширум поранешна Југославија, Австралија и Канада, како и од касетните продукции во Македонија, а во последниот дел од книгата се прикажани авторските дела на Никола Бадев, како и песните напишани за него.
Пејачот Никола Бадев.
Пејачот Никола Бадев.

Бадев е меѓу првите народни интерпретатори кои ја пронесоа славата на изворната песна во нашата земја и се разбира надвор од неа. Тој имаше специфична интерпретација и не можи човек да погреши дека некој друг сем него ја интерпретира. Кога ќе го слушнеа сите веднаш ќе кажеа „еве го Никола Бадев!“. Имаше специфични мелизми, украси во неговата интепретција кои друг од неговите колеги доајени не ги има.
Виолета Томовска, пејачка.
Идејата од поодамна ми беше да ги зачувам песните на татко ми на начинот на кој што тој ги отпеал – истакнува авторката на публикацијата Роска Бадева.

„Ги нотирав, мелографирав неговите песни онака како што тој ги испеал во тоналитетите, со сите негови мелизми, глисанда. На тој начин сакав за високошколските институции во кои се изучува македонскиот фоклор, за студентите кои студираат на нив, да остане траг од него и од неговите интерпретации.“

Иако физички не е присутен повеќе од три децении, духот на Никола Бадев живее меѓу нас преку неговата интерпретација на убавата македонска песна. Неговата музика сè уште се слуша, се пее и сведочи за неговиот непроценлив придонес во афирмацијата на народната песна, за вистинските вредности во времево во кое битисаме, но и за аманетот што тој ни го остави – да го чуваме и негуваме нашиот автентичен музички јазик.

Од таму нималку не чуди кога пејачката Виолета Томовска, која уште на почетокот од својата кариера имала можност да пее со Бадев и која има снимено дузина дуети со него, знае да каже дека кога ќе се спомне неговото име кај неа навираат спомените за човекот со неверојатно топол, мекамлиски глас со кадифено звучна боја, оној за кого остана да живее легендата дека „тивко пееше но далеку се слушаше“.

„Бадев е меѓу првите народни интерпретатори кои ја пронесоа славата на изворната песна во нашата земја и се разбира надвор од неа. Тој имаше специфична интерпретација и не можи човек да погреши дека некој друг сем него ја интерпретира. Кога ќе го слушнеа сите веднаш ќе кажеа „еве го Никола Бадев!“. Имаше специфични мелизми, украси во неговата интепретција кои друг од неговите колеги доајени не ги има.“

Таа дополнува дека е пресреќна што имала можност уште како млада да работи со Бадев.

„Кога ќе застанеше на сцена, пленеше со неговата интерпретација и со неговиот шарм.“

На промоцијата на книгата „Мелографски записи на песните на Никола Бадев“ во Кинотека на Македонија ќе говорат Јордан Плевнеш - ректорот на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк и рецензентката, професор д-р Родна Величковска, спомени ќе евоцира Виолета Томовска, а во програмата учество ќе земат и учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - Насока традиционална музика и игра.

Инаку, Роска Бадева е автор и на монографијата за својот татко објавена на 20-годишнината од неговата смрт и на збирката народни песни во која се влезени 140 од вкупно 800 што тој ги имал собрано во текот на својот живот.

Никола Бадев е роден на 8 август 1918 година во село Глишиќ, кавадаречко. Како интерпретатор бил забележан од етномузикологот Васил Хаџиманов на Фолклорниот фестивал во Скопје во 1948 година каде што го освои првото место. Наскоро започнал и професионална кариера како пејач и инструменталист на тамбура. Бил член на Народниот оркестар на Радио Скопје, а подоцна и негов раководител. Со Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ од Скопје го афирмирал македонскиот мелос ширум светот. За потребите на Радио Скопје снимил над 500 македонски народни песни, меѓу кои и антологиските „Збогум, мајко, јас отидов“, „Сечи моме руси коси“, „Ој Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“ „Тешка беше нашата разделба“ и други. Снимил песни и во дуети со Анка Гиева, Благој Петров-Караѓуле и Александар Сариевски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и тиражните Сребрена и Златна плоча на РТВ Белград.

Болеста го пресекла во 58-та година, меѓутоа и во тие тешки моменти тој пеел. Никола Бадев замина од овој свет, а со својата интерпретација остави неизбришливи траги во нашето творештво, ги испеа најлирските песни, ги разбуди најдлабоките чувства на слушателите и како птица-славеј го прелета светот на кој му раскажа дека на балканот постои еден народ, мал по бројност, но голем по своето културно, уметничко и историско богатство.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG