Достапни линкови

Илјадници сарми подготвени за Свети Никола


Членки на четири женски здруженија во Прилеп подготвија 65 илјади сарми за чествувањето на патронот на градот, Свети Никола.

По две –три зрнца ориз, зачинет со масло, пипер, со македонската песна, но и многу љубов, вака ги свиткаа 65.000-те сарми, прилепските домаќинки, членките на четирите женски здруженија во градот, кои изминативе неколку дена ја подготвуваа светиниколската вкусна трпеза по повод чествувањето на патронот на градот, светецот Никола.
Најубавите сармички се убави по тоа што се многу мали и во оризот се става црвен пипер, црн пипер, за да го добијат својот вкус, а воедно се става и масло, ете тоа е нашата прилепска сарма.
Домаќинка од Прилеп.

„Најубавите сармички се убави по тоа што се многу мали и во оризот се става црвен пипер, црн пипер, за да го добијат својот вкус, а воедно се става и масло, ете тоа е нашата прилепска сарма.“

„Не е мачно, баш е интересно и занимливо, за денот за Свети Никола, за градот, за Прилеп, се се прави со кеиф, со убав, за здравје и на помош нека ни е Свети Никола, се најдобро“, изјавуваат прилепските домаќинки. Велат радосни се зашто Свети Никола ги обединил сите заедно на едно место, да работат и придонесат за својот град, за празникот што сите го чествуваат.
Се трудиме сето она што ни го пренеле нашите мајки и баби да го пренесеме на нашите генерации, не само во Прилеп и Македонија, туку многу подалеку.
Лилјана Ѓорѓиоска, женска организација Преродба.

„За нас многу значи, бидејќи после Гинис, за прв пат учествуваме женските организации, бидејќи сите сме на Прилеп и сите даваме за Прилеп, независно од организациите, ние сме сите пред се жени, и се трудиме сето она што ни го пренеле нашите мајки и баби да го пренесеме на нашите генерации, не само во Прилеп и Македонија, туку многу подалеку“, изјави Лилјана Ѓорѓиоска од женската организација Преродба.

Годинава на свечената трпеза се сервирани освен илјадниците сарми и 220 килограми грав, 350 килограми риба, 2.000 литри вино, 100 литри ракија, по 100-ина килограми овошје и маслинки, сок во неограничени количества, добра мисла и пораки за мир, почит и љубов меѓу луѓето.

„Пред се му благодарам на Бога за можноста што ни ја даде на „Комфи англе“, да биде домаќин на овој голем светец Свети Никола и на патрониот празник на Прилеп, ги поканувам сите граѓани на Прилеп, и сите Македонци кои сакаат да бидат дел од убав настан, во среда во 11 на плоштадот Александрија“, изјави Ирена Јакимоска, косопственик на конфекцијата со мешовит македонско-англиски капитал „Комфи ангел“, од Прилеп, годинешен домаќин на ова чествување.

По прославата во центарот на градот, каде со звуците на домашни естрадни ѕвезди ќе се јаде, пие, игра и пее, чествувањето продолжува во домашна атмосфера. За Прилеп е позната поговорката, на Свети Никола, половина град слави, а другата половина оди на гости кај првите. Така ќе биде и годинава. Мирисот на сармите, на гравчето мами од сите страни, никој не може да одолее. На овој ден со чашка топла ракија и вкусно црвено вино во секој дом се наздравува во чест на светецот, се кажуваат прекрасни благослови, се шири почитта меѓу луѓето, се заборава на секојдневието. Или што би рекле прилепчани, „ да ни е за многу години Свети Никола“.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG