Достапни линкови

Кина со ново раководство


„Кина мора да продолжи да се реформира и да се отвора кон светот“, изјави денеска новиот генерален секретар на Кинеската комунистичка партија Си Џинпинг, преземајќи ја функцијата од досегашниот генерален секретар Ху Џинтао. Долгоочекуваната транзиција на власта дојде и со одлуката за намалување на бројот на членовите во Постојаниот комитет на Политбирото од девет на седум.

Кинеската комунистичка партија денеска и официјално го назначи Си Џинпинг за нов генерален секретар. Тој исто така е наименуван и за шеф на партиската Централна воена комисија, а се очекува во март да ја преземе и функцијата претседател на Кина. Со тоа и официјално завршува десетгодишното владеење на Ху Џинтао.

Преземајќи ја функцијата, Си Џинпинг изјави дека новото раководство ќе се бори за подобар живот во земјата.
Во новите околности, нашата партија се соочува со многу сериозни предизвици и постојат многу проблеми во рамките на партијата кои треба итно да бидат решени, особено корупцијата од некои партиски кадри, недоволниот контакт со народот и бирократијата.
Си Џинпинг, нов генерален секретар на Кинеската комунистичка партија.

„Во новите околности, нашата партија се соочува со многу сериозни предизвици и постојат многу проблеми во рамките на партијата кои треба итно да бидат решени, особено корупцијата од некои партиски кадри, недоволниот контакт со народот и бирократијата.“

Пред да стане член на моќниот Постојан комитет на партиското Политбиро пред пет години, Кинезите повеќе го знаеја неговиот татко Си Зонгксун, прославен лидер на комунистичката герила во северна Кина кој падна во немилост за време на Културната револуција, како и неговата сопруга Пенг Лијуан, славна пејачка на кинески народни песни која има чин на армиски генерал.

Неговиот татко е познат и по тоа што се спротивстави на военото задушување на демократските протести во Пекинг во 1989 година.

59-годишниот Си е еден од „принцовите“, како што Кинезите ги нарекуваат децата на проминентните партиски лидери, а откако влезе во Политбирото, му беше доверена координацијата на финалните подготовки на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година. На овој потег се гледаше како на тест на неговите лидерски квалитети не само во Кина, туку и на меѓународната сцена.

Тој потоа посети многу земји и се состана со сите најважни светски државници, вклучувајќи ги Барак Обама, Владимир Путин и Ангела Меркел.

Некои аналитичари веруваат дека Си е бирократ кој успеа да напредува антиципирајќи ги желбите на постарите партиски лидери, меѓу нив и на Ху Џинтао, но и на неговиот претходник поранешниот претседател Џијанг Цемин.

Други, пак, шпекулираат дека, откако ќе ја консолидира власта, тој постепено ќе ги спроведе долгоочекуваните демократски реформи во еднопартиската држава. Ваквите очекувања се базираат врз либерализмот на неговиот татко, како и врз 15 години што Си ги мина во таканаречно превоспитување на кое беше испратен за време на Културната револуција во 60 години од минатиот век.

Новото кинеско раководство, според експертите, би можело да води пожестока надворешна политика, базирана врз уверувањата во Пекинг дека главниот ривал Вашингтон е во надолна линија, а подемот на Кина како лидер на глобалната сцена е на дофат.

Поранешниот американски министер за финансии Хенри Поулсон еднаш за Си Џинпинг изјави дека е човек кој навистина знае како да ја постигне целта. Главните цели секако ќе му бидат одржување на високото темпо на кинескиот стопански развој и зачувување на политичката стабилност во земјата.

Си Џинпинг има ќерка која студира на Харвард.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG