Достапни линкови

Илегално од Грција преку Македонија во Западна Европа


Архивска фотографија: Мигранти од Авганистанфотографирани во македонското село Лојане, кај Куманово на 11 јануари 2012 година.
Архивска фотографија: Мигранти од Авганистанфотографирани во македонското село Лојане, кај Куманово на 11 јануари 2012 година.

Пред неколку дена беа откриени 12 илегални мигранти во автобус од Гевгелија за Скопје. МВР се жали на слаба соработка со грчките колеги за контрола на меѓусебната граница.

Од Грција, преку Македонија, до земјите од Европската унија. Тоа е маршутата на илегалните мигранти од земјите на Средниот и Далечен Исток и од Северна Африка. Пред неколку дена беа откриени 12 илегални мигранти во автобус кој превезувал патници од Гевгелија за Скопје. Вчера, пак, беа поднесени 14 кривични пријави за лица кои криумчареле мигранти кои биле транспортирани до липковскиот регион. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски вели дека во последните години, поради економската криза, оваа појава е зачестена.
Доколку за жал немаме координирани активности, во таков случај можноста илегално да се премине границата е многу поголема. Токму и од соседна Република Грција најчесто доаѓа овој наплив на илегални мигранти.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

„МВР вложува дополнителни ресурси, како човечки, така и технички, за засилување на безбедноста на границата. Сепак, мора да се нагласи дека е илузорно да се очекува каква било можност за херметичко затворање на границата“, вели Котевски.
Архивска фотографија: Мигрант од Сомалија кој чека илегално да ја премине границата кај селото Лојане.
Архивска фотографија: Мигрант од Сомалија кој чека илегално да ја премине границата кај селото Лојане.

Професор Стефан Буџаковски вели дека мерките коишто се преземаат против илегалната трговија со луѓе не се доволно ефикасни.

„Во однос на Македонија стои фактот дека тие секогаш само ги менуваат начините на извршување, односно начините на коишто ги транспортираат, ги оставаат тука да чекаат погоден момент итн. Значи, иако се преземаат низа превентивни и репресивни мерки, оваа појава си егзистира.“

Според Котевски, потребно е грчката гранична полиција да ги зголеми напорите за обезбедување на границата.
Причините поради коишто Македонија се користи како транзитен центар се во општеството, односно во слабата контрола, слабата едуцираност, слабите мерки кои што одат кон репресивни мерки.
Стефан Буџаковски, универзитетски професор.

„Бидејќи, доколку за жал немаме координирани активности, во таков случај можноста илегално да се премине границата е многу поголема. Токму и од соседна Република Грција најчесто доаѓа овој наплив на илегални мигранти и токму од соседна Република Грција најчесто на удар е Република Македонија“, вели Котевски.

Според Буџаковски, мора да се спроведат и поинтензивни мерки за поголема контрола.

„Причините поради коишто Македонија се користи како транзитен центар се во општеството, односно во слабата контрола, слабата едуцираност, слабите мерки кои што одат кон репресивни мерки, бидејќи, во одредени земји има поинтензивни репресивни мерки, а репресијата кај овие појави е најголема превенција“, вели Буџаковски.

ОД МВР велат дека во последниве години за четири пати се зголемени барањата за азил. До октомври оваа година имало околу 450 барања, кои државата ја чинат дополнителни средства.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG