Достапни линкови

Грција - „Ангела не си добредојдена“


Со невидени мерки на безбедност, забрана на протести и затворени големи делови на Атина е проследена првата посета на германскиот канцелар Ангела Меркел на Грција од почетокот на должничката криза во 2009 година. Германија е најостриот критичар на Грција, но и нејзин најголем финансиски помагач во справувањето со кризата.

Шестчасовната посета на германскиот канцелар Ангела Меркел на Грција и разговорите со премиерот Андонис Самарас се поклопуваат со порастот на и онака огромното незадоволство од новите мерки за штедење.

Грчките синдикати кои протестираат против дополнителното кратење на платите и пензиите ставија јасно до знаење дека Меркел не е добредојдена и оти цел на нејзината посета е да ги поддржи владините мерки за штедење, токму оние што, како што се наведува, најмногу ќе ги погодат обичните граѓани.
Сакаме Меркел да ја остави Грција намира, бидејќи нејзините мерки ни донесоа само сиромаштија.

Всушност во Грција преовладува мислењето дека Германија е главниот виновник за ситуацијата во која се најде земјата. Пред парламентот во Атина вчера се појави и големо германско знаме испишано со зборовите: „Ангела, не си добредојдена“.

„Сакаме Меркел да ја остави Грција намира, бидејќи нејзините мерки ни донесоа само сиромаштија“ изјави Антигона Беза на протестот во Атина. Костас Цикрикас, еден од синдикалните лидери пак, додава:

„Сакаме да испратиме силна порака, дека ние не сме против германскиот народ, туку против политиката што ја формираа силните европски партнери, особено Германија.“

Министерот за јавен ред Никос Дендиас упати апел до демонстрантите да го одржуваат редот, како и меѓународниот имиџ на земјата.

Германската лидерка за која во грчкиот печат се појавија и карикатури со нацистичка конотација во изминативе неколку недели го омекна речникот, повторувајќи дека Грција би требало да остане во еврозоната.

„Знам дека на Грција во моментов не и лесно, но од друга страна верувам дека исто така е исправно и важно, ние како Европска унија и како еврозона да останеме конкурентни“, изјави Ангела Меркел, чија земја како најголема економија во Европската унија има дадено најмногу пари во спасувачките пакети за Грција вредни неколку десетици милијарди евра.

Грчката влада во моментов е во преговори со тројката меѓународни кредитори за натамошното кратење на буџетскиот дефицит.
Знам дека на Грција во моментов не и лесно, но од друга страна верувам дека исто така е исправно и важно, ние како Европска унија и како еврозона да останеме конкурентни.

Грција ќе мора да изврши дополнително штедење од над 13 милијарди евра кое пак, ќе доведе до новата транша од над 31 милијарда евра.

Доколку таа не стигне до крајот на месецов, тогаш, како што изјави и премиерот Самарас, Грција ќе банкротира.

„Би сакале да споменеме дека Грција ќе ги исполни своите обврски. Да појаснам, ние веќе сме на средината. Убеден сум дека извештајот на тројката ќе покаже оти коалициската влада многу бргу ќе постигне некои резултати.“

И шефот на еврозоната, премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер вчера побара од Атина и од меѓународните кредотори побрзо да го договорат новиот пакет грчки реформи со цел Грција навремено да ја добие новата транша.

Инаку, министрите за финансии на еврозоната вчера и официјално го стартуваа новиот постојан спасувачки фонд.

Станува збор за Европскиот механизам за стабилност кој до 2014 година би требало да има кредитен капацитет од 500 милијарди евра за помош на земјите во одржувањето на стриктните фискални и структурни реформи.

Веднаш по покренувањето на новиот механизам, рејтинг агенциите „Мудис“ и „Фич“ го оценија со највисоката оценка, односно тројно А.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG