Достапни линкови

Мудис - ЕУ со негативен кредитен рејтинг


Агенцијата Мудис и го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Европската унија од стабилен во негативен. Ваквиот потег, како што се наведува, ги рефлектира кредитните ризици на клучните контрибутори на буџетот на Унијата. До ова дојде пред најавените државни обврзници во еврозоната и по притисоците за поголема економска и политичка интеграција.

Агенцијата Мудис и го намали долгорочниот кредитен рејтинг на Европската унија од стабилен во негативен. Ваквиот потег, како што се наведува, ги рефлектира кредитните ризици на клучните контрибутори на буџетот на Унијата. До ова дојде пред најавените државни обврзници во еврозоната и по притисоците за поголема економска и политичка интеграција.

Оваа криза јасно ни покажа дека мора да притиснеме за подлабока политичка и економска унија, секако со соодветни механизми на одговорност.
Жозе Мануел Баросо, претседател на ЕК.
„Разумно е кредитниот рејтинг на Европската унија да ги одразува кредитните рејтинзи на најсилните членки во Унијата, односно негативните оценки за Британија, Франција, Германија и Холандија“, се наведува во образложението на Мудис.

И покрај ваквиот потег, еврото ја достигна највисоката вредност во изминативе два месеца и на азиските берзи денеска се менуваше за долар и 26 центи.

Дилерите почнаа да веруваат во опстанокот на еврото по најавите дека Европската централна банка в четврток ќе објавела државни обврзници од земјите кои се соочуваат со економски проблеми.

Инвеститорите веќе почнаа да ги бришат податоците кои покажаа дека стопанството во еврозоната во август повторно забележа пад, што е седми месец едно подруго.

Мудис и го остави на Унијата рејтингот „тројно А“ поради, како што се наведува, конзервативното буџетско менаџирање и поддршката за тоа од 27 земји членки.

Исто така и Британија, Франција, Германија и Холандија кои заедно придонесуваат 45 насто во буџетот на Европската унија, го задржаа кредитниот рејтинг „ААА“.

Сепак, Мудис не ја исклучи можноста од натамошно опаѓање, оценувајќи дека тоа може да биде последица од можното нарушување на кредитоспособноста на членките на Европската унија.

Во јули годинава Мудис им го намали рејтингот на Германија, Луксембург и Холандија во негативен, наведувајќи дека нивото на несигурност во еврозоната не им дава стабилна перспектива за овие земји.

Франција и Австрија се со негативен рејтинг од февруари, додека Британија таквиот статус го има од минатиот декември.

Грција се обидува да ги измени условите од вториот спасувачки пакет, додека Шпанија е под притисок да бара слична финансиска помош откако прифати да го рекапитализира нејзинот пропаднат банкарски систем.

Шпанија, Италија и Португалија очајнички бараат помош за да ги намалат нивните долгови и се надеваат дека до крајот на неделава ќе добијат позитивни вести.

Шефот на Европската централна банка Марио Драги вчера ги бранеше контроверзните мерки за скротување на должничката криза во еврозоната, во кои е вклучено и купување државни обврзници. Тој во Европаламентот изјави дека Централната банка има одговорност да интервенира кога има потреба од тоа. Се очекува Драги в четврток да објави детали како Европската банка мисли да го намали притисокот врз погодените земји членки.


Претходно, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо призна дека, поради економската криза, Унијата е пред момент „да се биде или не“ до кој се стигнало поради, како што рече, лимитот на индивидуалните акции на земјите членки.

„За да се постигне вистинска економска и монетарна унија мислам дека ни треба банкарска унија, фискална унија и натамошни чекори кон политичка унија“, вели Баросо, додавајќи дека последица од ваквата интеграција треба да биде поголема демократија со цел Европа да стане способна да се справи со денешните светски предизвици.

„Оваа криза јасно ни покажа дека мора да притиснеме за подлабока политичка и економска унија, секако со соодветни механизми на одговорност“, изјави Баросо во Хаг, во неговиот прв говор по летните одмори.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG