Достапни линкови

Темите за името најкоментирани


Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос. Њујорк 24 септември 2012
Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Попоски и Димитрис Аврамопулос. Њујорк 24 септември 2012

Писмото од Аврамопулос до неговиот македонски колега Попоски ги разбранува читателите.

Разбирливо, како и секогаш кога станува збор за проблемот со името, нашиот народ е мошне чувствителен. Писмото од Аврамопулос до неговиот македонски колега Попоски, или меморандумот како што веќе е крстен, ве разбранува, почитувани, што е и разбирливо. Годиниве наназад и политиката си го сторија своето.
Не знаете да пресечете навреме и сами се фативте во грчката стапица. Држава не се гради со купување време и по линија на помал отпор.
Коментар на читател.

Горан во својот коментар им испраќа порака на мудрите политичари, како што вели, од двете партии, онаа на власт и на најголемата опозициона: „Не знаете да пресечете навреме и сами се фативте во грчката стапица. Држава не се гради со купување време и по линија на помал отпор“, смета Горан, кој се залага и за прекинување на преговорите за името.

Свестете се, и да ја изгорите Македонија, Македонци живеат по целиот свет и тоа со домашно воспитание, прифатени од цивилизацијата.
Коментар на читател.
Трајко мисли дека Грците подготвуваат нова стапица и ујдурма за Македонија, а Ѓорѓи се чини е најостар. Според неговото мислење, се' додека во парламентот сме имале фигури како Петковски, а надвор од него, како Фрчкоски и Заев, Македонија никогаш не можела да постигне консензус по ниедно прашање.

Зоран од Охрид пишува дека не може да се согласи со две работи во грчкото писмо: дека никој нема ексклузивно право на античката историја и дека договореното име ќе се користело од страна на сите држави. И потсетува дека се преговара за име што ќе се користи во билатерална комуникација со Грција.

Петар се согласува да имаме име со географска одредница. Факт е, вели, дека „ова каде што живееме сега е само дел од целата Македонија“, а некој Дедо Ное од Пела му возвраќа: „Јас би внимавал што потпишувам“.

Никола, пак, од Перт, Австралија, е горечко патриотски расположен. Цитирам: „ВМРО и СДСМ треба да одговорат зошто дојдовме во ваква диктатура“, вели, „сами да си го менаме името“.

„Свестете се и да ја изгорите Македонија, Македонци живеат по целиот свет и тоа со домашно воспитание, прифатени од цивилизацијата“, порачува нашиот иселеник од далечната Австралија.

Инаку, на нашата веб-страница имаме анкета со прашање кој е највиновен за рецесијата во Македонија. 60,4 отсто од оние што го искажале своето мислење со кликнување на понудените одговори, сметаат дека за тоа е виновна Владата, а 29,8 отсто - дека за тоа е виновна кризата во еврозоната. 9,9 отсто сметаат дека за рецесијата во Македонија е виновна опозицијата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG