Достапни линкови

Обама и Ромни за прв пат лице во лице


Американскиот претседател Барак Обама и поранешниот гуверенер на Масачусец Мит Ромни за прв пат ќе се сретнат во нивната претседателска кампања. Вечерашната дебата што ќе биде пренесувана на националната телевизија и која се очекува да ја гледаат над 50 милиони луѓе ќе биде посветена на домашната политика.

По неколкумесечна индивидуална кампања, Барак Обама и Мит Ромни ќе се соочат во Денвер на нивната прва од трите дебати на кои треба да ги претстават своите политики за многу прашања.

Последните анкети му даваат мала предност на Обама, но аналитичарите велат дека трката е доволно изедначена и би можело да се случи Ромни да ја надомести разликата доколку до 6 ноември, кога и ќе се одржат изборите, успее подобро да и се претстави на американската јавност.

Кајл Кондик, политички аналитичар од Универзитетот во Вирџинија вели дека, иако дебатите се важни, тие историски не влијаеле многу врз расположението на гласачите.

Очигледно на Ромни му треба да покаже дека тој не прави некакви големи грешки и можеби тој ќе се обиде да го испровоцира претседателот да направи грешка. Има некои прашања колку дебатите се навистина важни, но со оглед на тоа што тие се главни настани на изборниот календар, се чини дека Ромни треба добро да ги одработи, имајќи предвид дека тој заостанува во претседателската трка.
Кајл Кондик, политички аналитичар од Универзитетот Вирџинија.
„Очигледно на Ромни му треба да покаже дека тој не прави некакви големи грешки и можеби тој ќе се обиде да го испровоцира претседателот да направи грешка. Има некои прашања колку дебатите се навистина важни, но со оглед на тоа што тие се главни настани на изборниот календар, се чини дека Ромни треба добро да ги одработи, имајќи предвид дека тој заостанува во претседателската трка.“

Кампањата на Ромни во последно време беше погодена со серија непријатности. Една од нив беше и видео снимката на која се гледа дека тој на еден собир со богати донатори вели дека 47 насто од Американците кои примаат социјална помош од владата никогаш нема да преземат лична одговорност за нивните животи.

Притисокот врз Ромни на првата дебата ќе биде да понуди детали за неговите економски предлози и да ги убеди гласачите дека неговиот план е подобар од оној на Обама.

Тој исто така треба да ја подобри и неговата симпатичност.

Последните анкети покажуваат дека на мнозинството Американци не им се допаѓа Ромни, туку Обама. Претходните дебати на Ромни во трката за претседателски кандидат на Републиканската партија покажаа извесни непријатни моменти.

Но, и Обама, исто така, нема подобри дебатни оценки. Тој е познат по неговата тенденција да покажува дека му е досадно со неговите противници и да биде арогантен.

Аналитичарите велат дека Обама треба да ги убеди гласачите оти тој може во вториот мандат да го постигне она што не успеа да го направи во првиот: да ја заздрави американската економија.

Кондик вели дека сегашната водечка позиција на претседателот Обама значи дека тој може да се чувствува безбедно, но не и да биде непретпазлив:

„Да не биде горделив, ако тоа е вистинскиот збор. Мислам дека претседателот може да изгледа старателски, како што беше во дебатата со Хилари Клинтон во 2008 година.“

Тогаш, кога водителот на дебатата ја запраша Клинтон дали и пречи тоа што на гласачите повеќе им се допаѓа нејзиниот противник, Обама без да гледа во неговите забелешки изјави:

„Ти си доволно симпатична, Хилари.“

Како и да е, Ромни неодамна обелодени нешто од она што го подготвува за првата дебата со Обама:

„Мислам дека предизвикот што ќе го имам во дебатата е тоа што претседателот има тенденција, како да го кажам тоа, еве, да зборува работи кои не се вистинити.“

Деведесетминутната дебата вечер ќе биде фокусира врз домашната политика. Следната ќе биде за надворешната, а на последната, на маса ќе се најдат сите можни теми.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG