Достапни линкови

Мит Ромни ја прифати кандидатурата


Мит Ромни и официјално прифати да биде кандидат на Републиканската партија на наредните американски претседателски избори. „Претседателот Обама вети дека ќе почне да го намалува нивото на океаните. И да ја лекува планетата. Моето ветување е да ви помогнам вам и на вашите семејства“, изјави Ромни на конвенцијата на републиканците.

Мит Ромни ја прифати претседателската кандидатура на третиот и последен ден од националната конвенција на Републиканската партија во Тампа, Флорида.

„Господин претседавач и делегати. Ја прифаќам вашата номинација за претседател на Соединетите Држави. Го правам тоа со понизност, длабоко воден од довербата што ми ја дадовте.“

Оценувајќи дека станува збор за голема чест и уште поголема одговорност, Ромни побара поддршка на, како што рече, патот кон подобра иднина. Притоа, тој оцени дека претседателот Барак Обама не ги исполнил ветувањата за надеж и промени.

Би сакал претседателот Обама да успееше, бидејќи сакам Америка да успее. Но, неговите ветувања им отстапија место на разочарувањето и поделбите. Има нешто погрешно во неговата претседателска работа кога најдобро сте се чувствувале на денот кога гласавте за него.
Мит Ромни, републикански кандидат за претседател.
„Би сакал претседателот Обама да успееше, бидејќи сакам Америка да успее. Но, неговите ветувања им отстапија место на разочарувањето и поделбите. Има нешто погрешно во неговата претседателска работа кога најдобро сте се чувствувале на денот кога гласавте за него.“

Ромни за себе изјави дека е најдобрата надеж за заздравување на американската економија и за обнова на она што значи Америка.

„Она што и треба на нашата земја денес не е сложено или длабоко. Не ни треба специјална владина комисија да ни каже што и треба на Америка. Она што и треба на Америка се многу работни места“, изјави Ромни, ветувајќи нови 12 милиони вработувања.

Тој исто така вети дека ќе го обнови лидерството на Соединетите Држави на светската сцена, најавувајќи поцврста позиција против Иран за контроверзната нуклеарна програма и потврд став спрема рускиот претседател Владимир Путин.

Републиканскиот претседателски кандидат се обиде да ја покаже и својата почувствителна страна, говорејќи за своите родители и семејство и бранејќи ја неговата работа во Беин Капитал, приватна советодавна фирма која критичарите ја обвинуваат за кратења на работни места во многу компании.

Пред неговиот настап, на конвенцијата говореше и холивудската филмска ѕвезда Клинт Иствуд кој сепак, со неговиот долг и неповрзан напад врз Барак Обама не успеа да ја анимира публиката.

„Кога некој не си ја врши работата морате да го пуштите да си оди“, порача Иствуд, повлекувајќи го прстот преку грлото.

Говорот на Ромни го означи почетокот на двомесечниот јуриш кон Белата куќа и беше пренесуван на телевизијата, што всушност за десетици милиони Американци претставуваше и прво запознавање со поранешниот гуверенер на Масачусец.

Националната конвенција на Републиканците, според последните анкети, му дадоа предност на Ромни пред Обама кои досега водеа тесна трка. Конвенцијата на Демократската партија е наредната недела во Шарлот, Северна Каролина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG