Достапни линкови

Ристовски - И покрај казните, сè уште има работа „на црно“


Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика.
Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика.

Не сум задоволен од односот на работодавачите, затоа што и покрај тоа што сериозно најавивме дека ќе ги санкционираме сè уште ангажираат лица на црно, вели министерот за труд и социјала Спиро Ристовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Кога дојдовте на оваа функција најавивте битка со сивата економија. Какви се вашите проценки денеска, една година подоцна, колкав е бројот на луѓе што работат на црно?

Пред една година, кога стапив на оваа функција на 27 јули, најавив неколку приоритети и мислам дека принципиелно ние како Министерство и јас како министер се движиме во активностите спроведувајќи ги по тие приоритети што ги најавивме. Точно е дека еден од приоритетите за кои што говоревме и најавивме дека ќе работиме е борбата против сивата економија, тоа е континуирана борба, којашто не запира и е еден од врвните приоритети на ова Министерство. Сепак, мислам дека борбата против сивата економија не е само прашање на активност на трудовиот инспекторат и на Министертвото за труд туку е и системско прашање кое што многу зависи од развојот, свеста на лицата коишто прифаќаат да работат на црно и од работодавачите кои што на еден или на друг начин се обидуваат да го злоупотребат работничкиот труд, односно да ангажираат лица на начин што е спротивен на законот.

Мислам дека имаме резултати, не сум целосно задоволен од она што може да се постигне како резулат, меѓутоа тоа е мотив повеќе да продолжиме и понатака. Верувам во капацитетите на нашите институции, но многу сум задоволен од развојот на свеста кај граѓаните затоа што е многу зголемен процентот на пријави на лица и од нив самите и од други лица за пријавување на работа на „црно“.
Во повеќе сегменти координирано пристапивме во соработка со неколку министертва, казните ги зајакнавме на едно повисоко ниво, често пати сме обвинувани како влада и како Министерство дека имаме драконски казни за ова прашање, но мислам дека само на тој начин можеме да го постигнеме ефектот, затоа што некогаш кај дел од луѓето постои страв само од казната и мислам дека на тој начин може да постигнеме ефекти.

Мислам дека има уште многу да се работи на тоа поле, еве и последниот закон којшто е во собраниска процедура, Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кој што регулира повеќе права на невработените лица. Има измени кои што се однесуваат на сузбивање на сивата економија и сузбивање на непријавувањето на работниците. Воведовме и санкции за лице кое што нема да пријави дека е ангажирано на црно. Не е многу популарно меѓутоа е мотивирачки за самите лица да сфатат дека и тие имаат одговорност доколку придонесуваат за развојот на сивата економија, а со истиот тој закон ќе регулираме повеќе области, повеќе начини на класификација на невработените лица во Македонија затоа што дефакто се покажа дека еден добар процент од граѓаните кои што се пријавуваат во Агенцијата за вработување воопшто не бараат работа, туку се пријавуваат заради остварување на други права, а тие лица не припаѓаат на активните баратели на работа. Ние ќе им го овозможиме тоа, тие ќе ги задржат правата, ама нема да фигурираат како активни баратели на работа, туку ќе бидат ставени во евиденцијата на пријавени невработени.

Спомнавте од што сте задоволен, од што не сте задоволен?

Па во принцип не сум задоволен од односот на работодавачите, затоа што и покрај тоа што сериозно најавивме дека ќе ги санкционираме сè уште ангажираат лица на црно. Помал е процентот, тоа го покажуваат и бројките кои што ги констатираме врз основа на инспекциските надзори. Треба многу посериозно да го сфатат тој проблем затоа што тоа е поврзан систем и на крај си штетат сами на себе.
Од друга страна, сум задоволен од динамиката на работата на инспекторите, има исклучителен број на инспекциски надзори, не велам дека сите пристапуваат со идентичен квалитет во извршувањето на инспекциски надзори, но затоа дел од инспекторите се променети, дојдоа нови и слично, но мислам дека генерално она што е како квантитет на извршени инспекциски надзори е значително зголемен во однос на претходните години. Мислам дека во многу од ситуациите говориме и за детали за тоа дали е просторијата климатизирана или не, колку работници работат сменски саат плус-минус, тоа се веќе детали. Кога веќе пристапуваме кон деталите јас сум веќе задоволен што основното прашање е прашање кое што полека излегува од фокусот меѓутоа во ниеден момент реално, тоа нема да заврши така едноставно, затоа што проблемот со ангажирање на непријавени лица не е проблем само на Македонија, тоа е проблем и на многу европски земји.

Во контекст на последните законски измени што ги спомнавте, опозицијата честопати досега ги критикуваше од неколку аспекти. Од аспект на тоа што се отвора можност со измените квалификувани кадри да бидат деградирани или да им се понуди работа што не соодветна за нив, дека со измените повеќе им се намалуваат правата отколку што им се зголемуваат како што велите вие. Кој е вашиот одговор на овие обвинувања?

Опозицијата свесно манупулира со граѓаните во желбата да оствари политички поени. Мислам дека е некоректно затоа што е на грбот на граѓаните. Факт е дека треба да се обидуваме како политички партии, како политичари да обезбедуваме политички поени, но не по секоја цена и не со методологија на манипулации. Значи во ниту еден момент, ниту едно лице кое што во моментов се евидентира како невработено во Агенцијата за вработување нема да ги изгуби своите права.
Нелогични и небулозни се тврдењата на опозицијата дека ќе се изгубело правото за социјална помош ако не бил на списокот на агенцијата како невработен. Небулозни се затоа што тоа е тотално непознавање, сменет е правилникот, лице корисник на социјална помош воопшто не треба да донесе потврда дека е невработен, затоа што сега основен документ врз кој се остварува ова право, потврдата односно документот за приход од УЈП, дали лицето остварува приходи. Со новите измени ќе се направат две евиденции, на оние кои што активно бараат работа и они кои што не бараат, значи нема да бидат избришани. Грешка е кога се манипулира со граѓаните за некој да оствари политички поени. Преквалификација и обезбедувањето на соодветна работа на граѓаните кои што се пријавуваат како невработени лица ќе биде реализирано исклучиво согласно и во консултација со граѓаните. На пример ако некој е дипломиран правник може во својот индивидуален план за работа да наведе дека дека прифаќа работа само како правник. Но има луѓе кои што поради економската состојба би прифатиле и работа како правен техничар доколку нема место како дипломиран правник. Ние ќе го почитуваме тоа што ќе си го наведат граѓаните во нивните индивидуални планови за работа. Ниту едно лице нема да биде дисквалификувано или обесправено.

Во изминатиов период, бројот на невработени статистички се намалува. Од друга страна, пак, од Државниот завод за статистика редовно излегуваат податоци дека се намалува бројот на вработени во индустријата, но тоа и не се одрази на зголемување на невработеноста. Како го објаснувате тоа?

Значи Македонија се карактеризираше со една исклучително специфична состојба за време на почетокот на економската криза. Кога во сите земји почна да се зголемува бројот на невработени лица, зачудувачки во Македонија, а тоа и го кажаа и дел од меѓународните претставници, во земјава почна да се зголемува бројот на вработени. Што се случи практично? Практично дел од лицата коишто не беа пријавени воопшто, а работеа во контекст на сивата економија, почнаа да ги пријавуваат. Пријавувањето на лицата од страв од санкции, затоа што тогаш најавивме зголемени контроли, почнаа да ги пријавуваат и кај нас почна да расте бројот на вработени. Во контекст на ова прашање точно е дека бројот на невработени лица се намалува во рамки на евиденцијата, факт е дека во последните три години ние имаме некаде во просек од прилика од 70 до 80 илјади лица кои што не се евидентирани како невработени во списоците на Агенцијата за вработување. Последните бројки беа околу 280 илјади граѓани. Колку за илустрација ќе ви кажам дека од сите лица кои што се тргнати од списокот на невработени само 5 проценти имаат поднесено жалба на таквото решение од страна на Агенцијата за вработување што за нас е доказ дека дел од тие граѓани се свесни дека го прекршиле по некој основ законот и дека нема потреба да бидат така евидентирани. Што значи тие шпекулации дека намерно од софтвер бришеме лица за вештачки да прикажеме дека е намалена невработеноста се апсолутно неточни.

Инаку, методолошки, Заводот за статистика во наредниот период ќе излезе со нова анкета која што ќе се однесува на позициите на работна сила и анкетата за работна сила во Македонија којашто практично ќе ги изнесе податоците за последните година ипол, скоро две години, затоа што овие податоци се однесуваат на 2009 и 2010 година со што практично имаме делумна периодична некомпатибилност на она што е податок според агенцијата за вработување и она што е податок од државен завод за статистика. Меѓутоа со сетот мерки што ги преземаат неколку министерства и институции и меѓуинституционално поврзување ќе биде надминат овој проблем и ќе се намалат разликите во податоците.

Неодамна владата објави дека ќе се вработат 4 илјади луѓе во општините како мерка за справување со невработеноста. До кога ќе се вработуваат луѓе во јавната администрација под изговор за борба со невработеноста?

Значи процесот на отворање на нови работни места е нешто што е долгорочна борба на секоја влада, вклучително и на нашата, сепак ова не се класични вработувања во администрацијата. Ова се работни места кои што ќе се однесуваат на проекти од јавен интерес, односно јавни работи. Вакви проекти реализираат голем број западноевропски влади, вклучително и администрацијата на Обама во изминатиот период на кризата реализираше голем број на вработувања преку јавните работи.

Нашата активност и фокус на овој проект покажа резултати пред две години, тоа беше мотив да го реализираме и оваа година. Јас не сметам дека основен фокус треба да биде вработувањето во администрацијата, напротив треба да се мотивира отварање на работни места во приватниот сектор, меѓутоа треба да сме сите свесни дека во време на светска економска криза голем дел од работодавачите се обидуваат да го задржат постојниот работен потенцијал заради сигурноста, извозот, развојот на соодветната компанија. Ние како влада во многу се обидуваме да ги подобриме состојбите и да ги олесниме сите процедури за компаниите, а крајната цел на таквото олеснување е да тие го развијат својот бизнис, а тоа ќе придонесе за отварање на нови работни места. Мислам дека тоа треба да е, и е наш фокус, а апсолутно се сложувам дека не треба да очекуваме дека отворањето на работни места во администрацијата е основниот начин на развој на државата и економијата генерално.

Дали оваа мерка може да се сфати како еден вид признавање дека проектите за самовработување не вродија со плод?

Не, апсолутно не, затоа што се сосема различни. Проектите за јавните работи се проекти што се однесуваат на сосем друга категорија на граѓани, значи тоа се граѓани кои што обично се активираат, за граѓани кои што се во потешка социо-економска состојба, додека проектите за самовработување и формализација на бизниси се проекти кои овозможуваат финансиска подршка за развој на или веќе постојни бизниси или основање на нов бизнис. Така да мислам дека сетот на мерки кои ги спроведуваме, а се поврзани со активните политики за вработување ги даваат резултатите во оној сегмент кој што се очекува, во периодов од изминатава половина година имаме исклучително успешна реализација, а ова е една дополнителна мерка во тој смер.

Сè погласни се најавите за нови поскапувања од септември, најосетливи на ова прашање се сиромашните и социјалните ранливи групи. Какви мерки ќе се преземат за да се намали ценовниот шок што го чуствуваат граѓаните со поскапувањето?

Во принцип некако летниот период е карактеристичен кога се најавуваат тие покачувања и секоја година е тема за дискусија. По моите информации, основен проблем ќе бидат струјата и парното, дрвата нема да поскапат. Последните информации кои ги добивме од страна на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, управниот одбор на претпријатието донело одлука наредната година да нема никаква корекција на цената за огревно дрво.

Во однос на парното ќе видиме како ќе се одвива целата дискусија која што во овој моменти ја имаат повеќе субјекти во државата, а меѓу кои главна улога има Регулаторната комисија, исто така и за електричната енергија. Меѓутоа во однос на електричната енергија, ние од следната сезона за 17 отсто ќе ја зголемиме поддршката за енергетска сиромаштија на семејставата кои што се во социјален ризик и практично со зголемувањето на таа поддршка на 700 денари месечно за домаќинството се обидуваме дополнително да ја олесниме состојбата на тие граѓани и да им олесниме да ги подмират сметките.

Според истражувањето на движењето за социјална правда Ленка, од независноста па навака се направени околу 40 измени на законите кои што се однесуваат на трудовото право, а со тоа и се намалуаат работничките права. Дали вашата грижа за работничките права е само декларативна?

Истражувањето кое што го споменавте јас не го имам видено, но еве ќе земам дека е релевантен тој податок бидејќи е правено анализа за последните 20 години. Апсолутно не би се сложил со ставот дека е декларативна нашата заложба за работничките права. Ние во изминатиов период во неколку наврати покажавме и докажавме дека нашата заложба за работничките права е еден од основните приоритети на нашето Министертво и на Владата. Можеби не им се допаѓаат на сите нашите успеси меѓутоа Македонија по 20 години доби договор за минимална плата, нешто што претходно беше само декларативна желба на синдикатите, а декларативна политичка волја изразуваа многу влади, но ни една не седна и не успеа да се договори со синдикатите.

Од друга страна, пак, ниту една влада не донесе толку ригорозни санкции за компании кои што ќе ги злоупотребуваат работничките права во делот на пријавување односно непријавување на истите, ниедна влада претходно не донесе закони за безбедност и заштита при работа во поглед на здравјето на работниците и обезбедување на обврски за посебни услови на работа за работниците. Вие сте свесни дека во изминатиов период, особено во периодот кога пеколни жештини ја зафатија Македонија, ние како влада и како министерство покажавме дека немаме ниту грам толеранција, ниту се прави каква било селекција за тоа дали работодавач е некоја државна институција, општина или приватна компанија, сите беа подеднакво санкционирани и за сите важеа забраните за работа. Сето тоа се конкретни мерки преку кои ние покажуваме дека ние сакаме, мораме и имаме обврска да ги заштитиме пред сè човековите права на тие луѓе, а не само работничките. Точно е дека ние изменивме неколку други закони за кои некои сакаат да прикажат дека пристапивме десничарски, јас тоа не можам да го прифатам затоа што тие измени кои што ги квалификуваат како намалување на работнички права не беа намалување на работничките права, туку беше системско корегирање на можностите за злоупотреба на законите. Така беше на пример со законот за тешнолошки вишок, односно законот за вработување и осигурување при случај на невработеност каде што од 5 години го намаливме на 18 месеци користењето на тој додаток од причина што Македонија беше единствена земја во Европа со таков додаток, а од друга страна, пак, последните податоци говорат за 50 проценти злоупотреби на тоа право, односно податоците покажуваат дека годинава во однос на минатата година има намалување на 50 проценти на апликанти за тоа право.

Имавме ситуации кога синот си го прогласува својот татко во приватната фирма за технолошки вишок за тој потоа 5 години да остварува право на товар на државата. Тоа се состојби кои ние ги увидовме и не можевме да ги толерираме од причина што таквите состојби придонесуваат за исцрпување на средства од буџетот, средства кои можеме да ги искористиме за покачување на социјална помош.

Споменавте неколку мерки, да започнеме со минималната плата. Македонија е една од последните земји на Балканот која го донесе тој закон, а од друга страна, пак, истиот ден се носи токму овој закон за којшто досега зборувавте со кој се намалува временскиот период за технолошки вишок од 5 години на 18 месеци. Се добива впечаток дека постојат спротивставености, од една страна укажувате дека се залагате, но од друга страна во реалноста се покажува дека правата на работниците се намалуваат. Минималната плата ќе се спроведе за 3 години.

Не, таа се спроведува сега. За најпроблематичните, односно за работниците од текстилната и кожарската индустрија ќе важи од 2015 година.
Значи процесот на договарање на законот за минимална плата е реализиран, односно се реализираше меѓу организициите на работодавачи и синдикатите во Македонија.

Владата како дел од тој трипартитен дијалог беше еден вид на посредник во тој процес. Ние како медијатори се обидовме да припомогнеме да се приближат позициите на работодавачите и работниците, бидејќи стануваше збор за дијаметрално спротивни позиции. Работодавачите имаа едни барање, работниците имаа други и на крај се дојде до некое решение кое беше прифатливо за двете страни. Ние како влада се обидовме да наметнеме обрска за исполнување на законот за минималната плата. Областите кои вие ги спомнавте, ние рековме дека ќе оди тоа постапно, еве почнавме од оваа година и во следните три години да се избалансира. Тоа беше балансирано решение кое го прифатија работниците и работодавачите, ние во тој дел ниту можевме, ниту имавме право да се мешаме, ние сме тука како гарант за спроведување на тој закон.

Мислам дека проблемот што го спомнавте дека Македонија е во последните земји, треба да го поставите на претходните влади. Ние како влада се обидовме за многу краток период да го постигнеме тој договор. Иницијативи за ова имало и во 2005 и во 2004 и во 2000 година и ниту една влада не успеала да го реализира, а ние успеваме.

Добро, во овие 6 години немало иницијатива?

Не.

Ова беше првата иницијатива?

Не, ова беше првата иницијатива за која за прв пат се седна да се договара за да се договори. За прв пат имаше волја да се седне и да се договори. Значи не се седна да се преговара за да има фиктивни договори. Владата можеше да иницира вакви преговори секоја година и секој месец поединечно. Доколку не постоеше договор и волја меѓу работниците и работодавачите никогаш немаше да го постигнеме овој договор.

Постојано во медиумите и во реалноста се гледаат луѓе кои што се жалат за непочитување на работничките права додека синдикалниот претставник Живко Митревски, во интервју за нашето радио зборуваше дека работниците уживаат големи работнички права, но реаланоста на терен е поинаква, тие се жалат дека не им се плаќаат редовно придонеси дека кога се плаќаат се плаќаат со задоцнување и сините картони ги добиваат со задоцнување од еден, па и повеќе месеци и слични проблеми. Како ги објаснувате овие спротивставености?

Мислам дека она што беше изнесено од страна на претседателот на еден од синдикатите не е далеку од реалноста, значи така е, ситуацијата може не е најсјајна, но не е и толку лоша колку што се сака да се прикаже. Факт е дека согласно законот за социјални придонеси не можете многу да доцните со исплатата на придонесите и на плататите затоа што во тој случај Управата за јавни приходи ќе ви ја блокира сметката и вие практично нема да може да функционирате. Доставувањето на сините картони некаде е проблем некаде не е, меѓутоа мислам дека во поглед на тоа дали постојат и дали станува збор за различни состојби од она што е реалност и она што е изнесено од страна на синдикалниот претстатвник не би се сложиле дека има дијаметрална разлика. Ситуацијата не е воопшто едноставна, но мислам дека сè уште ја имаме под контрола целосно и можеме да придонесеме, а работниците кои што сметаат дека се обесправени можат тоа да го пријават, ние ќе извршиме надзори по сите основи.

На што се должи вашето често присуство во јавноста, имате ли поинакви планови од министерската функција или станува збор за нешто друго, имајќи ги предвид локалните избори и новиот бран во партијата?

Не е само во последните неколку месеци, интензитетот на моите јавни настапи е ист од првиот ден од кога станав министер и тоа не е поврзано ниту со новиот бран, ниту со локалните избори, ниту со интерес за некоја друга функција. Интензитетот за моите јавни настапи ќе продолжи вака затоа што јас сум министер цо министерство што директно ги тангира основните проблеми на граѓаните. Затоа сум присутен и ќе бидам присутен.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG