Достапни линкови

Струјата и парното го вжештуваат празниот џеб


И за студен радијатор ќе се плаќа.
И за студен радијатор ќе се плаќа.

Струјата поскапува за 10 отсто, парното за скоро 4 отсто, а оние што се исклучиле од парно греење ќе плаќаат 10 отсто од сметките.

Ако едно просечно македонско семејство досега плаќаше 2.000 денари за струја, а 3.000 за парно греење, од следниот месец за електрична енергија ќе плаќа 2.200 денари, а околу 3.100 денари за парно.
Нека ме исклучат. Дојдете, исклучете ме, немам.
Анкетиран граѓанин.

Новите поскапувања на топлинската енергија за 3,75 насто и струјата за 10 проценти уште еднаш ги разочараа македонските граѓани. Од Регулаторната комисија за енергетика граѓаните ги утешија со оправдувањето дека новиот ценовен шок можел да биде и поголем, пред сè поради барањата на ЕВН, ЕЛЕМ и Топлификација за многу поголеми поскапувања. Повисоките цени најмногу ги погодија пензионерите и невработените.
Скоро повеќе од пола плата ми оди за тоа. Околу 8.000 имам плата, 4-5 илјади за сметки, а со 3.000, шест члена издржувам.
Анкетиран граѓанин.

„Немаме услови за да може да ги платиме тие сметки.“

„Нека ме исклучат. Дојдете, исклучете ме, немам.“

„Каков е животот на луѓето, богами не би плаќале.“

„Сите мерки ги претера, и струја и парно, а дали се сетиле да ги качат пензиите.“

„Би плаќале ако даваат плата, да сме вработени, а вака со што.“

Според економската логика, поскапувањата на струјата и парното, повлекуваат редица други поскапувања на животните продукти, а скоро секоја втора недела повисока цена имаат и нафтените деривати. Во изминатиот период дојде до најголемите порасти за оние продукти кои најмногу се застапени во нашата потрошувачка. Поскапеа месото, маслото, јајцата... Семејствата во Македонија трошат околу 60 проценти од приходите на основни потреби, купување храна и плаќање сметки за комуналии и електрична енергија, што, пак, зборува во прилог на тоа дека животниот стандард е на ниско ниво.

„Економската ситуација на просечно македонско семејство е катастрофална и нормално луѓето се револтирани.“

„Скоро повеќе од пола плата ми оди за тоа. Околу 8.000 имам плата, 4-5 илјади за сметки, а со 3.000, шест члена издржувам.“

Според најавите од Регулаторната комисија за енергетика, корисниците кои се исклучиле од системот ќе треба да плаќаат десет отсто од месечната цена од сметката од вообичаениот износ за греење во колективните згради, наместо како што се шпекулираше 50 насто. Доколку, пак, цел објект се исклучи од парно, граѓаните нема да бидат должни да плаќаат за топлинска енергија.

Разочараноста на луѓето расте зашто во Македонија има 30 проценти невработени. За околу 20 насто од вработените платата е околу 8 илјади денари. За други 27 проценти таа изнесува од 8 до 12 илјади денари, а други 30 насто земаат меѓу 12 до 20 илјади денари месечно.

Струјата последен пат поскапе на 1 јануари годинава за осум отсто. Парното греење лани поскапуваше четири пати. До крајот на годината можно е да има повторно поскапување на електричната енергија доколку енергетските компании, пак, приложат зголемени трошоци.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG