Достапни линкови

„Со-облекување“ на Марија Папучевска


Костимографката Марија Пупучевска.
Костимографката Марија Пупучевска.

„Со-облекување“ е насловен проектот на костимографката Марија Пупучевска што во рамките на културната манифестација Скопско лето ќе биде промовиран утревечер од 21 часот во клубот на граѓани „Гем“ во Старата чаршија.

По цели 15 години битисување со и за уметноста, 80 премиери и три награди за најдобри костими на Фестивалот на македонскиот театар „Војдан Чернодрински“, Марија Пупучевска се осмели да ја потпише и својата прва авторска костимирана звучна порака - „Со-облекување“. Станува збор за проект чија идеја е со спојување на различни визуелни и аудио елементи да се покаже меѓузависноста и неделивоста на драмата, операта и балетот преку специфичниот костимографски израз на уметницата.
Идејата е да ги спојам преку различни визуелни и аудио елементи и да ја покажам независноста на драмата, операта и балетот преку костимот. Кај мене соблекувањето е облекување и обратно.
Марија Пупучевска, костимографка.

Пупучевска забележува дека костимот е еден од неизбежните елементи на едно сценско дело кој извонредно многу говори не само за времето на одвивање на дејствието туку уште повеќе за карактерите на личностите во него. Тој ја „разголува“ личноста, но тоа „соблекување“, како што вели таа, кај неа е „облекување“ и обратно.
Костим дизајниран од костимографката Марија Пупучевска.
Костим дизајниран од костимографката Марија Пупучевска.

„Идејата е да ги спојам преку различни визуелни и аудио елементи и да ја покажам независноста на драмата, операта и балетот преку костимот. Кај мене соблекувањето е облекување и обратно.“
Помислив дека таа музика може да се искористи во нешто што јас планирам да го направам од овој карактер, а музиката којашто е новосоздадена, не е Календар, туку е сосема друго, според овие пет елементи, несвесно, пропорција, игра, слобода, се наметна да го режира самото видео. Затоа се вели дека музиката е режија.
Марија Пупучевска, костимографка.

Музиката, а со самото тоа и режијата на видео, ги потпишува композиторот Никола Димушевски. Соработката со него Пупучевска ја почнала пред една година, во истиот миг кога се родила и идејата за „Со-облекување“ како самосвоен авторски проект. Костимографката истакнува дека добро го познава творештвото на Димушевски и дека неговиот албум „Календар“ секогаш го доживувала како дело за балетска претстава.

„Помислив дека таа музика може да се искористи во нешто што јас планирам да го направам од овој карактер, а музиката којашто е новосоздадена, не е Календар, туку е сосема друго, според овие пет елементи, несвесно, пропорција, игра, слобода, се наметна да го режира самото видео. Затоа се вели дека музиката е режија.“

Во „Со-облекување“, артисти и модели се Андреа Димушевска и Марта Трендафилова, стиховите се на Кочо Андоновски, текстот го говори Соња Михајловска, снимател е Александар Миловановски, видео-артот и монтажата се дело на Милчо Узунов, а продуцент е Александар Герасимовски.

Инаку, родена 1965 година во Битола, Марија Пупучевска забележува дека оваа нејзина костимирана звучна порака, во некоја рака, е и автобиографски проект кој ја фрла во прегратка на иднината.

„Сакам да направам симбиоза на тоа, за да ставам крај на едно нешто и да почнам ново со она што го имам како искуство за да се најдам повторно наново, да експериментирам, искусувам и пак звучно да зборувам.“

Кон ова само уште информацијата дека Пупучевска во перидов што следува интензивно ќе им се посвети на костимите на дури четири музичко-сценски дела чии премиерни изведби се есенва – операта „Лучија“ во режија на Италијанецот Лев и театарските претстави „Пипи долгиот чорап“ на Драгана Милошевска, „Подемот и падот на кабарето“ што ја подготвува Владимир Милчин и „Вртелешка“ - заедничка постановка на петмина млади автори од универзитетот ЕСРА.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG