Достапни линкови

Извидници наместо инвеститори


Освен неколкуте поодамнешни грчки инвестиции, како и германската компанија „Кронберг и Шуберт“ која гради фабрика за автомобилски кабли, други странски инвестиции во Битола нема на виделина или се само во најава.

Поголем број на странски стопанственици во изминатите години ја посетија Битола со цел да се запознаат со условите за инвестирање. Доаѓаа бизнисмени од Грција, Турција, Чешка, Босна, Данска, Австрија, па дури и до Австралија. Но, освен неколкуте поодамнешни грчки инвестиции во текстилната индустрија, како и германската компанија „Кронберг и Шуберт“ која гради фабрика за автомобилски кабли, други инвестиции нема на виделина или се само во најава.
Ќе бидеме среќни ако овие луѓе кои се дојдени како извидници ќе кажат многу убави работи за нас. Со две-три фирми имаме направено разговор. Едната фирма дојде, се интересираше за фабриката за рафинирање на масло, но не сме уште договорени зашто ова не е ’ќе одам на пазар и ќе купам јаболка‘, туку тоа е систем кој треба да се обработува, да се оценува.
Благој Стојчев, претседател на Стопанската комора во Битола.

Благој Стојчев, претседател на Стопанската комора во Битола, вели дека бизнисмените се извидница и не може да се очекува уште утре да инвестираат.

„Ќе бидеме среќни ако овие луѓе кои се дојдени како извидници ќе кажат многу убави работи за нас. Со две-три фирми имаме направено разговор. Едната фирма дојде, се интересираше за фабриката за рафинирање на масло, но не сме уште договорени зашто ова не е ’ќе одам на пазар и ќе купам јаболка‘, туку тоа е систем кој треба да се обработува, да се оценува“, вели Стојчев.
Дигитален приказ на индустриската зона Жабени кај Битола.
Дигитален приказ на индустриската зона Жабени кај Битола.

И странските бизнисмени кои ја посетуваат Битола велат дека нивното доаѓање е запознавање со крајот и поволностите, а не и договори за скорешни инвестиции.

„Ќе се сложите дека одлуката за преземање на инвестиција не е воопшто лесна. Затоа би било многу погрешно кога би се очекувало дека уште следниот ден откако ќе се случат овие средби дека ќе има инвестиции. Прво доаѓаме да ве запознаеме, а потоа можеме да размислуваме за нешто повеќе“, вели Хасан Хајали, бизнисмен од Трабзон, Турција.

Со странските инвестиции се очекува да се намали бројот на невработени битолчани кој стигна до 18.000. Во грчките текстилни компании работат над илјада битолчанки. Германската фабрика која ќе се изгради до крајот на годината ќе вработи во прво време 250 лица. Но, за да се намали бројот на битолчани без работа и тоа на оние кои се во најработоспособната возраст од 25 до 45 години, а зафаќаат 40 отсто од невработените, потребни се реални, нови инвестиции во стопанството.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG