Достапни линкови

Неделен печат - Името, човекови права и слаба економија


Архивска фотографија: Посредникот на ОН Метју Нимиц пристигнува во Министерството за надворешни работи во Скопје на средба со министерот Никола Попоски на 20 февруари 2012.
Архивска фотографија: Посредникот на ОН Метју Нимиц пристигнува во Министерството за надворешни работи во Скопје на средба со министерот Никола Попоски на 20 февруари 2012.

Фокус пишува дека името доаѓа на дневен ред за решавање, Глобус се осврнува на извештајот на Амнести интернејшнал, а Капитал пишува за „Земјата на големи споменици и мали компании“.

Фокус - Името доаѓа на дневен ред
Следната нова влада во Атина ќе биде подготвена на политички компромис во името на економскиот опстанок, па, до компромис ќе дојде со Груевски или без него. Прашање е само дали тој сфаќа дека стаса мометот за фаќање на последниот воз?
Фокус.

Претседателот Ѓорге Иванов во посета на текстилна фабрика во Штип.
Претседателот Ѓорге Иванов во посета на текстилна фабрика во Штип.
„Името доаѓа на дневен ред“, предвидува Фокус, при што се пласира тезата дека времето за решение на спорот за името со Грција е позрело од кога и да е порано. Следната нова влада во Атина ќе биде подготвена на политички компромис во името на економскиот опстанок, смета неделникот. Па, до компромис ќе дојде со Груевски или без него. Прашање е само дали тој сфаќа дека стаса мометот за фаќање на последниот воз? Не мисли, белки, дека Црвенковски влезе случајно, туку-така, и во патриотска битка со него во фамозното интервју со Роберт Поповски?! - прашува Фокус.
Лани, сите 73 илјади фирми во Македонија имале вкупен обрт од 16,4 милијарди евра, исто колку што прават 20-те најголеми компании во Хрватска или 10-те најголеми во Бугарија.
Капитал.

Глобус - Македонија оцрнета по сите основи

„Македонија оцрнета по сите основи“, изведува наслов он-лајн магазинот Глобус, пренесувајќи делови од годишниот извештај на Организацијата за човекови права, Амнести интернејшенал, во кој се констатира дека во 2011 година во Македонија имало влошување на почитувањето на правата на човекот. Како прво, во извештајот се наведува дека лани во земјава имало заострување на тензиите меѓу различните етнички групи, а како повод се наведува „изградбата на националистички споменици кои се однесуваат на етничките Македонци“.

Во врска со амнестијата на Хашките случаи, Амнести интернејшенал забележува дека четирите случаи можат да бидат третирани само од страна на Меѓународниот суд во Хаг, но не и од страна на домашните судови, со што Македонија ги „прекрши своите меѓународни обврски“, се вели во извештајот.

Забелешки на сметка на Македонија има и во делот на полициското дејствување, каде што се наведува дека „злоупотребите од страна на полицијата и натаму не се казнуваат“.

Во извештајот се набележани и случаите со апсењето на Велија Рамковски, затворањето на А1 ТВ и силното политичко влијание, како што се вели, врз „судскиот процес што следуваше“.

Во извештајот, пренесува Глобус, се наведува и тоа дека „сегрегацијата на децата етнички Албанци и Роми во образовниот систем продолжува“.

Капитал - Земјата на големи споменици и мали компании

На „Земјата на големи споменици и мали компании“ е посветен уводникот на најновиот неделен Капитал, при што се објавува вџашувачки податок: лани, сите 73 илјади фирми во Македонија имале вкупен обрт од 16,4 милијарди евра, исто колку што прават 20-те најголеми компании во Хрватска или 10-те најголеми во Бугарија. Капитал наведува и дека дури 92 отсто се главно мали фирми со најмногу до десетмина вработени, а само 5 отсто од сите тие компании во земјава извезуваат. Неделникот заклучува дека е лесно економската преродба да се стави на хартија, но дека треба да се работи за тоа да се случи и во практика.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG