Достапни линкови

Иднината е во ЕУ, национализмот да се остави настрана


Средба на претседателите на Македонија и Албанија Ѓорге Иванов и Бамир Топи.
Средба на претседателите на Македонија и Албанија Ѓорге Иванов и Бамир Топи.

Иванов и Топи апелираа за воздржаност и одговорност за да не се наруши соживотот во Македонија. Тие се согласија дека перспективата на регионот е во ЕУ.

Сакаме да дадеме заедничка порака луѓето да живеат во мир и хармонија и секој криминален чин треба да се третира како таков и да биде дел од правните процедури, изјави албанскиот претседател Бамир Топи по средбата со неговиот македонски колега Иванов, која во голем дел била посветена на петкратното убиство кај Смиљковци и резултатите од досегашната истрага.
Секој националистички или ултранационалистички рефлекс или било каква клима на предрасуди ќе им наштети на односите меѓу Македонците и Албанците во земјава и на односите во регионот.
Бамир Топи, претседател на Албанија.

Перспективата на регионот во ЕУ е процес од кој нема враќање назад и регионот напредува во таа насока но се уште постојат сили кои сакаат тоа да го спречат, смета Топи.

„Секој националистички или ултранационалистички рефлекс или било каква клима на предрасуди ќе им наштети на односите меѓу Македонците и Албанците во земјава и на односите во регионот“, рече Топи.

Тој додаде и дека Албанија го почитува Рамковниот договор како документ кој овозможува еднаквост, хармонија и соживот во земјава и кој треба да се почитува од сите.
Во интерес на сите е да се најдат сторителите затоа што ако се охрабриле тоа да го прават кај нас, утре можат и на друго место да го направат. Очекуваме надлежните институции да си ја завршат својата работа и очекуваме граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации и на разни подметнувања што се вообичаени на вакви моменти.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.

Неодамнешното убиство треба да биде ослободено од секакви предрасуди, а на надлежните институции да им се дозволи да ја завршат објективно започнатата истрага, порачаа двајцата претседатели.

„Во интерес на сите е да се најдат сторителите, затоа што ако се охрабриле тоа да го прават кај нас, утре можат и на друго место да го направат. Очекуваме надлежните институции да си ја завршат својата работа и очекуваме граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации и на разни подметнувања што се вообичаени на вакви моменти“, порача Иванов.

Двајцата претседатели нагласија дека пораките им ги упатуваат на сите граѓани на земјава без оглед на етничката припадност. Интересот за зачленување на земјава во ЕУ и НАТО да претставува врвен приорите на сите граѓани а Топи и со уште една порака.

„И да ги изолирате сите тие злонамерни пораки кои се праќаат, а кои имаат националистичка позадина. Дел од тие се разбира доаѓаат и од Србија“, рече албанскиот претседател.

Топи ја реализира оваа возвратна посета на Скопје на крајот од својот мандат. Во нејзини рамки, освен со Иванов, планирани се и средби и со премиерот Груевски, претседателот на Собранието Вељаноски како и со лидерите на најголемите партии од опозицијата и од власта.
XS
SM
MD
LG