Достапни линкови

Медено ласо и Навистина на Ронит Бергман


Филип Митров, Доријан Јовановиќ и Ронит Бергман.
Филип Митров, Доријан Јовановиќ и Ронит Бергман.

„Медено ласо“ е насловена најновата книга поезија на Ронит Бергман, а „Навистина“ е последната студиска објава на нејзиниот состав „АНДАН ПРОЕКТ“ чии промоции ќе се случат вечерва од 20.30 часот во скопскиот клуб Менада.

Ронит Бергман е силна и несекојдневна жена. Поетеса, музичарка и актерка, таа живее од и за уметноста. По потекло од Хаифа, Израел, во почетокот од својата творечка кариера беше предводничка на составот ПЛАСТИК ВЕНУС кој имаше завидна репутација на лондонската музичка сцена и убава серија на концертни настапи во Лос Анџелес. Најголемиот дел од својот живот го има поминато во Англија, а по средбата и врската со Дарко Јаневски, некогашниот пејач на култниот скопски состав КИБОРГ, тие со семејството доаѓаат да живеат и работат во Македонија.

На овој албум Индид поезијата беша како храна за екскурзијата во музиката. Имавме идеја да се обидеме да работиме заедно, да импровизираме со звук, со разни инструменти.
Ронит Бергман.

За својата нова поетска објава на англиски и на македонски јазик „Медено ласо“ за која преводот е на Елизабета Шелева, Ронит вели дека е резултат на нејзиното проучување на суштината на односот и хармонијата меѓу човекот, природата, љубовта и Бог. На нејзината фокусираност на односот помеѓу мажот и жената, различноста и целината.

„Во оваа книга, како и во други книги претходно, пишувам каде сум во моментов во животот. Во овие денови ја барам мојата врска со Господ како мајка, како жена, како личност и овие песни се на оваа тема.“
Сега и во Индид сме најблиску со комбинацијата на Израел и Македонија. Беше многу природно и едноставно да работиме заедно.
Ронит Бергман.

Од друга страна, албумот „Навистина“ или “Indeed“ на АНДАН ПРОЕКТ е сниман во студиото „Профундус“. На него се забележани 11 песни од кои две се на хебрејски, исто толку на македонски и останатите седум на англиски јазик, а на Ронит Бергман која се јавува како автор, продуцент и изведувач на музиката и помагаат Доријан Јовановиќ, член на СТРИНГ ФОРСИС и ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ кој свири на бас, уд, перкусии и бил задолжен за електронски ефекти и Филип Митров – пијано, гитара, кавал и ударни инструменти.

„На овој албум Индид поезијата беша како храна за екскурзијата во музиката. Имавме идеја да се обидеме да работиме заедно, да импровизираме со звук, со разни инструменти“, вели Ронит.

Таа дополнува дека во нејзиното досегашно делување како автор и изведувач, во сите објави што ги потпишала со бендот УАН ОФ АС или со АНДАН како нагласено отворен проект за соработка со различни музичари, никогаш поблиску не успеала да ги вкрсти израелската и македонската традиција и звуковност.

„Сега и во Индид сме најблиску со комбинацијата на Израел и Македонија. Беше многу природно и едноставно да работиме заедно.“

Интересно е и тоа што за овој промотивен настан уметницата појде еден чекор погоре успевајќи да организира и работилница за стомачен танц со сонародничката Тали Саднаи, а повеќе од извесно е и тоа дека летово таа со своите музички собеседници изданијата ќе ги претстави најнапред во Израел, а потем и во некои од европските земји.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG