Достапни линкови

На Македонија требaат уште неколку локални џез фестивали


Гоце и Катерина бенд.
Гоце и Катерина бенд.

По неколкугодишна дискографска апстиненција, на македонската џез сцена се враќа саксофонистот Гоце Мицанов. Тој од неодамна засилено настапува со својот квартет во кој се Александар Секуловски - тапани, Сашо Попоски - гитара и Оливер Јосифовски - контрабас, а објавувањето на новиот албум е планирано за оваа пролет.

Гоце Мицанов е врвен инструменталист на саксафон и доцент на Факултетот за музичка уметност при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тој е еден од оние уметници кои оставаат за нив да говорат нивните изведби и одбрале некако да делуваат тивко и темелно.
Сакам да се видам со таква екипа како што се тие. Свиревме на џез фестивалот во Кикинда во Србија, па свиревме во Нови Сад во еден клуб, многу добро поминавме, веќе имам многу материјал, имам што да кажам, имам што да отсвирам и тоа луѓето да го чујат, размислувам прво да снимам ЦД, да се чуе и да имам настапи повеќе, не само кај нас, туку и надвор.
Гоце Мицанов, саксафонист.
Неговото име можеме да го сретнеме во историјата на современата македонска музика врзано со групи како ЛЕБ И СОЛ со кои во 1987 година го сними и промовираше албумот „Као какао“, со првата постава на ПАРАМЕЦИУМ зад која со својот авторитет стоеше Гарабет Тавитјан, му беше соработник на режисерот и пијанист Алјоша Симјановски во реализацијата на неговиот проект посветен на легендарниот Чарли Паркер, едно време музицираше со ЕЗГИЈА на Бодан Арсовски, бил солист на Биг бендот на МРТВ, соработуваше со легендарниот трубач Гоце Димитровски, со гитаристот Тони Китановски, басистот Иван Бејков, тромфонистот Филип Стефановски и со мнозина други наши џез музичари. Мицанов зад себе го има и одличниот албум „Аполонија“
Гоце Мицанов
Гоце Мицанов
снимен во далечната 1999 година за продукцијата на МРТВ, а со сопругата Катерина во 2002 го потпишаа и заедничкиот проект „По дождот“ на кој умешно пливаа во смут-џез водите.

Конечно, саксафонистот со својот бенд составен од различни генерации музичари на неколкупати имаше успешни настапи на фестивалите во земјава како битолскиот „Интерфест“ или „Астибо џез фестивал“, а во последно време е актуелен со ансамблот БАЛКАН ЏЕЗ КОЛЕКТИВ и со квартетот во кој се неговите колеги професори на универзитетот – Александар Секуловски на тапани и Сашо Поповски на гитара и контрабасистот и лидер на ЉУБОЈНА – Оливер Јосифовски. Во оваа формација тие се претставија во одлично светло на неодамнешниот џез фестивал во Кикинда, потоа и во Нови Сад соседна Србија, а деновиве успешно музицираа и во скопскиот клуб Менада. На споменатите концерти тие во пробраниот репертоар нудат и свои композиции што подразбира дека „Гоце Мицанов квартет“ наскоро влегуваат во студио за да го снимат материјалот за својот нов албум.

„Сакам да се видам со таква екипа како што се тие. Свиревме на џез фестивалот во Кикинда во Србија, па свиревме во Нови Сад во еден клуб, многу добро поминавме, веќе имам многу материјал, имам што да кажам, имам што да отсвирам и тоа луѓето да го чујат, размислувам прво да снимам ЦД, да се чуе и да имам настапи повеќе, не само кај нас, туку и надвор.“

Потсетувајќи се на својата прва објава „Аполонија“ Мицанов вели дека е горд што на неа свирел со тогаш најдобрите македонски музичари како покојниот Гоце Димитровски, дека албумот со задоволство го слуша и ден денес, но вели дека неговите интереси како автор сега се насочени кон еден поинаков звук.

Инаку, саксафонистот не љуби да говори за проектите пред тие да бидат финализирани, та дури со тешко срце ќе ви признае дека му снимил два албума на еден британски пејач Питер кој живее на Малта. Единствено во разговорот знае да нафрли оти го чека работата и врз новиот проект со сопругата пејачката Катерина, а живнува кога ќе стане збор за неговата активност на џез оделот на Факултетот за музика во Штип и посебно за „Астибо џез фестивал“. Тој е дециден дека на Македонија и се потребни уште неколку локални џез фестивали на кои ќе можат да си ги мерат силите младите музичари од овој дел на Европа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG