Достапни линкови

Грција се спаси, проблемите допрва претстојат


Жан Клод Јункер.
Жан Клод Јункер.

Министрите за финансии на земјите од еврозоната постигнаа договор на Грција да и се обезбедат 130 милијарди евра помош за спас на земјата од банкрот. Во Брисел е договорено и да се побара од приватните кредитори да преземат поголем дел од грчкиот долг.

Договорот на еврозоната за помош од 130 милијарди е постигнат буквално во последен момент, со оглед на тоа што планот за отпишување на долговите на Грција мора да стартува од среда, иако целата постапка може да потрае неколку недели.
По состанокот, кој мислам траеше тринаесет или четиринаесет часа, постигнавме договор за новата грчка програма и за вклучувањето на приватниот сектор што ќе доведе до многу значајно намалување на долгот на Грција.
Жан Клод Јункер, претседател на евро-групата.

Тој го отвора патот приватните кредитори да отпишат 107 милијарди евра од грчкиот долг. Со тоа целиот пакет вреди околу 237 милијарди евра.

Во моментов грчкиот долг изнесува 350 милијарди евра.
Директорот на ММФ Кристин Лагард, шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер и еврокомесарот Оли Рен
Директорот на ММФ Кристин Лагард, шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер и еврокомесарот Оли Рен

Договорот на евро-министрите има за цел да го намали грчкиот долг на 120,5 насто од бруто домашниот производ до 2020 година.

„По состанокот, кој мислам траеше тринаесет или четиринаесет часа, постигнавме договор за новата грчка програма и за вклучувањето на приватниот сектор што ќе доведе до многу значајно намалување на долгот на Грција“, изјави претседателот на евро-групата Жан Клод Јункер по состанокот на кој, според наводите, богатите европски земји како Германија барале поголема контрола врз грчката економија.
Во изминатите две години и повторно оваа ноќ, научив дека маратон е навистина грчки збор. Но, на крајот дојдовме до договор.
Оли Рен, еврокомесар за економски и монетарни прашања.

„Во изминатите две години и повторно оваа ноќ, научив дека маратон е навистина грчки збор. Но, на крајот дојдовме до договор“, изјави еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.

Тој додава дека планот за спас на Грција се заснова врз строг услов, односно зголемен надзор и постојано присуство на мисија на ЕУ за да и помогне на земјата да го модернизира државниот апарат.

На Грција очајно и требаше овој втор спасувачки пакет со цел да го избегне банкротот идниот месец. Имено, Грција до 20 март мора да врати 14,5 милијарди евра или во спротивно ќе се најде во целосен финансики и економски колапс. По скоро петгодишната рецесија, грчкиот долг сега изнeсува 160 насто од бруто домашниот производ.

Грчкиот премиер Лукас Пападимос изјави дека бил многу среќен за, како што рече, големиот спасувачки пакет од партнерите во еврозоната и од приватните кредитори.
Дури и со овој договор, поголемиот дел од грчките проблеми не се решени, туку допрва претстојат.
Сони Капур, аналитичар.

Пападимос, поранешниот човек број два во Европската централна банка кој ја има поддршката на Брисел да ја води привремената коалициска влада во Атина, сепак призна дека целосното исполнување на договореното зависи од тоа колку навремено и ефикасно Грција ќе ги исполни условите.

„Јас сум убеден дека владата по изборите, исто така, ќе биде посветена на спроведување на програмата во целост и навремено, бидејќи тоа е во интерес на грчкиот народ“, рече Пападимос.

Грчкиот парламент, како предуслов за добивање на новиот пакет, одобри серија мерки за штедење во вредност од 3,2 милијарди евра, како и реформи за заздравување на економијата. Овие мерки се многу непопуларни во Грција и предизвикаа насилни протести во Атина.

Првичниот одговор на светските берзи на постигнатото во Брисел беше поволен, а вредноста на еврото порасна во однос на доларот. Сепак, постојат и гласови на претпазливост, односно дека договорот на еврозоната не е волшебно стапче.

„Дури и со овој договор, поголемиот дел од грчките проблеми не се решени, туку допрва претстојат“, вели аналитичарот од Брисел, Сони Капур.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG