Достапни линкови

Фејсбук оди на берза


Мапата на корисници на Фејсбук.
Мапата на корисници на Фејсбук.

Фејсбук, најголемата светска социјална мрежа синоќа соопшти дека за првпат од основањето ќе ги понуди своите акции на берза. Се очекува во почетокот оваа американска фирма да собере над пет милијарди долари, а нејзината вредност да биде меѓу 75 и 100 милијарди долари. Тоа воопшто не е лошо ако се има предвид дека е основана пред осум години и која лани почна да прави пари кога заработи милијарда долари.

Во компанијата која ја основа Марк Цукерберг се надеваат дека на јавната понуда ќе заработат најмногу пари што некогаш заработила некоја интернет компнија.

Фејсбук има 850 милиони корисници, што е многу повеќе од жителите на Соединетите држави, Бразил и Мексико заедно. Просечно време што еден корсиник го минува на Фејсбук е над 6 часови месечно.
Последниот голем играч беше Гугл кој се појави на берзата во 2004 година и во почетокот заработи милијарда и деветстотини милиони долари.

Исто така, конечно ќе се знае колку кај инвеститорите вреди социјалната мрежа на Цукерберг која вработува околу 3.200 луѓе.
Марк Цукерберг
Марк Цукерберг

Многумина се прашуваат дали Фејсбук навистина вреди толку.

Експертите сметаат дека вистинската вредност на Фејсбук е онаа маркетиншката и оти таа би ја кренала цената до 100 милијарди долари.

Компанијата има 850 милиони корисници, што е многу повеќе од жителите на Соединетите Држави, Бразил и Мексико заедно. Просечно време што еден корсиник го минува на Фејсбук е над 6 часови месечно.

Од друга страна, Фејсбук, кој беше спомнуван и во врска со ширењето на Арапската пролет, постојано иновира: вестите, копчето „лајк“ и тајмлајнот се само примери како компанијата еволуирала со текот на времето.

Излегувањето на берзата за Фејсбук ќе значи отворање нови можности како за проширување на неговите сервиси, така и за предизвиците од Гугл, односно социјалната мрежа Гугл плус.

Дел од интернет познавачите очекуваат Фејсбук да ги зголеми напорите во она што се нарекува социјално рекламирање, каде што рекламата е во согласност со интересите на секој корисник. На пример, ако веќе сте се изјасниле како вегетаријанец, тогаш на вашиот Фејсбук ќе има повеќе реклами со таква исхрана.

Тоа, пак, ја зголемува загриженоста за злоупотреба на личните податоци. Фејсбук веќе е удрен по раце за тоа како ги третира податоците на корисниците.

Заедно со Ејпл, веројатно Фејсбук е најжешката компанија на Планетава. Но, не е лесно да остане и таква ако се има предвид претходното искуство со Ејпл пред враќањето на неговиот основач Стив Џобс.

Добрите идеи не доаѓаат од јавните компании кои треба да бидат одговорни, а тоа најчесто значи одвраќање на слободоумните, креативни настојувања и концентрирани на правење пари од она што го имаш. Одсега Фејсбук иновативноста ќе ја прави јавно и ќе биде одговорен не само пред своите корисници, туку и пред своите акционери.

Се очекува процедурата на проверката на документацијата поднесена за излегување на берзата да потрае неколку месеци, а Фејсбук да се појави во мај. Некои претпоставуваат дека тоа би се случило на 14 мај, на 27 роденден на Цукерберг, кој е еден од основачите и извршен директор. Тој го создаде Фејсбук заедно со неговите колеги за време на студирањето на Харвард. Се проценува дека неговото лично богатство изнесува 17,5 милијарди долари.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG