Достапни линкови

Студот ги испука водомерите во Битола


Битола затрупана со снег, живее на температури под нулата.
Битола затрупана со снег, живее на температури под нулата.

Во вакви услови нема друг спас освен да се покриваат цевководите или да се остави водата да тече, советуваат надлежните. Повисоките сметки, се разбира, ќе си ги платат граѓаните.

Екстремно ниските температури кои Битола ја приклештија со недели, предизвикаа рекордна потрошувачка на вода и штети во водоводниот систем. Ако во зимите со понормални температури се трошат 400 литри вода во секунда, сега потрошувачката е над 600 литри. Студот предизвика дефекти кај многу водоводни цевки, а неделно пукаат стаклата на 300 водомери. Битолчани се жалат дека за да ги спасат од мрзнење, водоводите ги затоплуваат со грелаки, фенови, ги покриваат со ќебиња или ја остааваат водата постојано да тече.
На цела улица водомерите им се замрзнати. Сега со греалка го грееме водомерот. Проблемот е што струја има пет саати, па потоа прекинува.
Анкетиран граѓанин во Битола.

„Водата е замрзната три дена кај саатот. Пробав секаде, пластична инсталација е, не попушта. На цела улица водомерите им се замрзнати. Сега со греалка го грееме водомерот. Проблемот е што струја има пет саати, па потоа прекинува.“

„Се ми испука во купатилото. И бојлерот и чешмите и цевките.“

„Вода има многу малку, да сакаш да се избањаш нема доволно.“
Битола затрупана со снег.
Битола затрупана со снег.

„Вода имало, но била замрзната“, реагираат анкетираните битолчани.

Директорот на битолски „Водовод“, Зоран Илиоски вели дека преку зима почести проблеми се појавуваат кај старите азбестни и поцинкувани цевки.
На пример ако водомерот се наоѓа во шахта. Да го заштитат со изолација, со крпи или покривање на шахтата добро би дошло. Или да се остави водата да линее низ цевките, односно да има некакво движење.
Зоран Илиоски, директор на битолски „Водовод“.

„Најчести проблеми во водоводната мрежа се замрзнување на приклучоци на корисници, замрзнување на улична инсталација која е поцинкувана, стара и каде нема доволно движење на водата и пукнување на стакла од водомерите. Во нормални зими има за една недела околу десетина пукнати стакла, а сега 300.“

Според Илиоски, во вакви услови нема друг спас освен да се покриваат цевководите или да се остави водата да тече.

„Порака е да се обидат максимално да ги заштитат водоводните инсталации, посебно оние кои се отворени, на пример ако водомерот се наоѓа во шахта. Да го заштитат со изолација, со крпи или покривање на шахтата добро би дошло. Или да се остави водата да линее низ цевките, односно да има некакво движење.“

Поради зголемената потрошувачка, јануарските сметки за вода ќе бидат поголеми.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG