Достапни линкови

Државата не ги пријавува вработените


Илустрација.
Илустрација.

Не е решен статусот на вработените во дебарскиот дневен центар за деца со посебни потреби и три години по отворањето на Центарот.

Пред три години во Дебар од страна на Министерството за труд и социјална политика беше отворен Дневен центар за деца со посебни потреби, но до денес статусот на ангажираните работници се уште не е решен. И покрај тоа што лицата ангажирани во овој дневен Центар ја вршат својата работа, сепак кај нив се губи трпението, бидејќи проблемот со нивниот статус останува отворен.
Тука сме вработени четири лица пред три години и со успех си ја вршиме работата, и покрај тоа што Министерството за труд и социјална политика ни го нема решено статусот.
Шуип Ќамиловски, социјален работник од Дебар.

Шуип Ќамиловски е дипломиран социјален работник и е еден од ангажираните лица во дневниот центар. Тој нагласува дека и покрај сите ветувања, е песимист дека еден ден ќе има решение.

„Тука сме вработени четири лица пред три години и со успех си ја вршиме работата, и покрај тоа што Министерството за труд и социјална политика ни го нема решено статусот. Без разлика на овој факт ние ја извршуваме работата без проблеми“, вели Ќамиливски.

Toj е од селото Могорче и секој ден доаѓа во Дебар на работа во центарот. Ќамиливски притоа се изложува и на дополнителни патни трошоци, и покрај тоа што, според него, по договорот прима само средства како хонорар.

„Многупати е барано од страна на директорот на дебарскиот центар за социјални работи да се реши проблемот, но досега Министерството нема покажано сериозност во врска со овој проблем. Јас сум песимист дека проблемот ќе се надмине. Моментално немаме добиено средства за седум месеци, но деновиве велат дека тие средства ќе се исплатат. Јас патувам секој ден и тоа се додатни трошоци, а ни исплатуваат месечно по 12.000 денари со големи задоцнувања.“

Инаку општа е оценката дека ангажираните лица во Дневниот центар за деца со посебни потреби одлично си ја вршат работата која им е одредена од страна на Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Дебар. Отворањето на дневниот центар беше потреба на времето бидејќи во општините Дебар и Центар Жупа се регистрирани околу 30-ина деца со нагласени посебни потреби од кои дел се веќе секојдневно во Центарот.
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG