Достапни линкови

Јубилеен концерт на Мандолинскиот оркестар


Илустрација.
Илустрација.

Со изведба на дела од нашите Тошевски, Коларовски, Шуплевски и класиците Бах, Моцарт, Шопен, Родриго и други, ќе биде одбележан големиот јубилеј – 30 години од основањето на Мандолинскиот оркестар на МKЦ.

Прва награда за оркестар и специјална награда за диригентот на натпреварот на мандолински и гитарски оркестри Прашки струни во Република Чешка. Второ место на смотрата на мандолински оркестри во Имотски Хрватска. Четири учества и многу награди на Фестивалот на музика за млади во Вила Нова Де Гаја во Португалија. И потем – фестивал Музички импресии во Бидгошч - Полска, Европски музички фестивал во Нерпелт – Белгија, Светски младински фестивал во Абердин – Шкотска...манифестации во Шпанија, Словенија, Италија... Настапи со нашите врвни солисти од кои посебно за одвојување е концертот со маестро Симон Трпчевски. Ова се само дел од бројните успеси на Мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар од Скопје, ансамблот што во изминативе три декади од идеја на неколкумина ентузијасти израсна во вистински амбасадор на македонската музичка култура во светот.
А, за јубилејот, неколкуте генерации кои што оставиле дел од себе во градењето на ваквата репутација ќе го потпишат и големиот славенички концерт што ќе се случи во Салонот на Македонската опера и балет.

„Земени се најубавите елементи од програмата што ја свиреле мандолинците во текот на тие 30 години“, вели диригентот Ванчо Јовчев, кој пред нецели три години од Сашо Татарчевски го превзема раководењето со ансамблот.

Мандолинскиот оркестар е формиран во 1981 година во рамките на Музичката програма на тогашниот Дом на млади, денешен Младински културен центар. Иако неговите членови се аматери, тие секогаш одлично ги изведуваат делата на големите мајстори на музиката и звучат како вистински професионалци. Репертоарот на оркестарот е богат и разновиден и вклучува дела на автори од различни епохи и стилови со акцент на сериозната музика и композиции пишувани во духот на македонскиот фолклор.
Тони Цифровски е единствениот инструменталист кој во Мандолинскиот оркестар остана од моментите на неговото формирање до денес и затоа нималку не чуди што знае да каже:

„Привилегија е во личната биографија да се имаат напишано едни вакви три децении исполнети со музицирање што ги надминува границите на аматеризмот барем што се однесува до оние што професионално одлучуваат и оценуваат.“

Од друга страна, наспроти одбележувањето на јубилејот, Јовчев и одговорните во МКЦ, веќе извесен период работат на обновувањето на членството, процес што не се одвива баш мазно со оглед на тоа, како што велат, изумира бројот на ваквите оркестри во основните училишта во земјава. Но, тие сепак се оптимисти дека нивната заложба, со блага стимулација од ресорното министерство, ќе вроди со плод и дека ќе ја продолжат започнатата серија успешни настапи по светот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG