Достапни линкови

Сирија пред граѓанска војна


Арапската лига им даде на сириските власти рок од три дена да ја прекинат репресијата врз антивладините демонстранти. Во спротивно, Сирија која во изминатиов викенд беше суспендирана од Лигата, се соочува со економски санкции.

Шефовите на дипломатиите на Арапската лига и дадоа на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад три дена да ја запре крвавата репресија и да дозволи меѓународни посматрачи да го надгледуваат тоа.

Ултиматумот беше соопштен по итниот состанок на Лигата во Мароко, а на кој учествуваше и турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу.
Сиријски дезертери
Сиријски дезертери

„При крај сме со арапската дипломатија кон Сирија“, изјави на крајот од состанокот, премиерот на Катар Хамад бин Јасем ал Тани.

„Не можеме да прифатиме луѓето да бидат убивани како што тоа се случува во Сирија. Мораме да преземеме нешто за да го запреме крвопролевањето на нашите браќа. Ова исто така е начин да побараме од сириската влада да ги исполнува ветувањата преземени со Арапскиот план за решавање на кризата.“

Јасем додаде дека сириската влада треба да потпише протокол во кој се бара да прифати посматрачка мисија од 30 до 50 членови кои под покровителство на Лигата ќе го надгледува спроведувањето на планот.
Мораме да преземеме нешто за да го запреме крвопролевањето на нашите браќа. Ова исто така е начин да побараме од сиријската влада да ги исполнува ветувањата преземени со Арапскиот план за решавање на кризата.

Сепак, Арапската лига се противи на секаков вид странска интервенција. Во минатиот викенд на Сирија и беше суспендирано членството во Лигата, потег кој од Дамаск беше оценет како екстремно опасен и поттикнат од Соединетите Држави.

Во меѓувреме, Франција и Мароко ги повлекоа нивните амбасадори од Сирија, откако претставништвата на Мароко, Катар, Саудиска Арабија и Турција беа нападнати од провладини приврзаници.

„Не можеме да прифатиме вакви напади против нашето присуство во Сирија, врз нашите граѓани и дипломати. Ако тие не ги преземат неопходните мерки тогаш ние ќе реагираме поинаку“, изјави турскиот претседател Абдула Ѓул.

Франција пак, како што соопшти шефот на дипломатијата Ален Жипе, веќе работела со Арапската лига на нацрт декларација за осуда на репресијата.

Слична таква резолуција во минатиот месец беше ветоирана од Русија и Кина. Инаку, Сирија, според последните информации, е на раб на граѓанска војна.

Агенциите јавуваат дека дезертери од сириската армија убивале припадници на безбедносните сили.

„Тоа им оди во прилог на приврзаниците на режимот на Башар“, оцени портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер, додавајќи:

„Ова беше мирољубиво движење од неговиот почеток и вакви акции само ќе ги поттикнат властите да ја интензивираат бруталната кампања против невините демонстранти.“

Според податоците на Обединетите нации, безбедносните сили од почетокот на антивладините протести во март годинава досега убиле над 3 ипол илјади луѓе.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG