Достапни линкови

Папандреу со изброени денови на власт


Грчкиот премиер Јоргос Папандреу се соочува со гласање за доверба во парламентот. До ова доаѓа откако тој ги отфрли барањата да поднесе оставка поради неговата намера да одржи референдум за спасувачкиот пакет. Аналитичарите сметаат дека Папандреу можеби ќе го преживее гласањето, но оти неговите денови на власт веќе биле изброени.

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу најави дека ќе се откаже од намерата за референдум ако добие поголема поддршка во парламентот за пакетот што пред една недела го одборија лидерите на еврозоната.

Јас не сум врзан за некое столче. Тоа го кажувам и го потврдувам секој ден. Лично го носам товарот за прашањето кое не го создадов. Но, воопшто не се грижам дали ќе бидам реизбран. Она што ме интересира е зачувувањето на земјата. Луѓето го знаат тоа.
Јоргос Папандреу,премиер на Грција..
Неговата најава следуваше откако опозициската Нова демократија соопшти дека ќе го поддржи пакетот.

„Референдумот никогаш не бил цел сам за себе“, им изјавил Папандреу на неговите сопартијци во владата откако одржал разговори со шефот на Нова деморатија Андонис Самарас. Тој пак, претходно бараше од грчкиот премиер да си поднесе оставка со што ќе го отвори патот за предвремени избори во земјата.

Кабинетот на Папандреу излезе со план дека нема да има избори, ниту, пак, референдум, но оти се неопходни непосредни разговори за формирање национално одговорна влада се додека од сегашниот парламент на биде одобрен договорот за заем.

„Национално одговорна влада е всушност нашата влада“, додал Папандреу.
Еврото е срцето на Европа. А, Европа е во срцето на француската политика. Не можеме да прифатиме експлозија на еврото, што ќе значи експлозија и на Европа.
Никола Саркози,претседател на Франција.

„Јас не сум врзан за некое столче. Тоа го кажувам и го потврдувам секој ден. Лично го носам товарот за прашањето кое не го создадов. Но, воопшто не се грижам дали ќе бидам реизбран. Она што ме интересира е зачувувањето на земјата. Луѓето го знаат тоа.“

Папандреу со месеци се соочува со масовни протести и со критики од неговите политички опоненти за острите мерки за штедење што ги воведе владата како услов за добивање финансиска помош од странство.

Евролидерите минатата недела се согласија на Грција да и го простат дологот за половина и да и дадат втор пакет помош од 130 милијарди евра. Тоа беше доведено во прашање, откако Папандреу најави дека е можен референдум за пакетот.


Веднаш потоа францускиот претседател Никола Саркози и германската канцеларка Ангела Меркел го притиснаа брзо да го реши проблемот, кој всушност и доминираше на дводневниот самит на Г-20 во Кан.

„Грција мора да ги прифати одлуките од 27 октомври и засега не јасно како ќе го стори тоа. Нема да се мешаме во грчките внатрешни работи, но важно е за Грција да дејствува брзо“, изјави Меркел.

Таа додаде дека врвен приоритет е да се зачува еврото, а не да се спасува Грција. Иста порака дојде и од Саркози.

„Еврото е срцето на Европа. А, Европа е во срцето на француската политика. Не можеме да прифатиме експлозија на еврото, што ќе значи експлозија и на Европа.“

Со ова се согласува и американскиот претседател Барак Обама кој на самитот во Кан изјави дека главен приоритет е излез од кризата во еврозоната, но и Кина и Русија кои побараа од Европската унија што поскоро да ја реши должничката криза. Притоа, Москва и Пекинг понудија финансиска помош.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG