Достапни линкови

Грција: задоцнет референдум


Грчката влада, на синоќешната седница, едногласно го поддржа предлогот на премиерот Јоргос Папандреу да се одржи референдум за спасувачкиот пакет за Грција. Папандреу во текот на денов во Кан, каде што утре почнува самитот на Г20, треба да се сретне со германскиот канцелар Меркел и со францускиот претседател Саркози кои изјавија дека нема алтернатива на неодамна усвоениот европски план.

Шокантната најава на Јоргос Папандреу за рефендум, следуваше само една недела откако лидерите на еврозоната се согласија на Атина да и дадат втор спасувачки пакет од 130 милијарди евра и за простување на половина од нејзинот финасиски долг.

Папандреу на затворената седница на владата, како што се дознава, им рекол на министрите дека референдумот ќе биде јасна порака во и надвор од Грција за нејзиниот европски курс и за грчката посветеност кон еврото.


Притоа тој оценил дека сегашната бура на светските берзи што ја предизвика најавата за референдум ќе била краткорочна.

„Ова е највисока форма на демократија. Ова е голем момент на патриотизам кога граѓаните решаваат. Па ајде да им го дадеме конечниот збор и да решат не за партиите, туку за судбината на земјата.“

Од друга страна, најавата за референдум го разниша и кабинетот на Папандреу кој в петок се соочува со гласање за доверба во парламентот.
Референдумот го покажува неуспехот на владата и со него таа сака вината да му ја префрли на грчкиот народ. Референдумот нема да донесе добри резултати. Ако гласаме за ММФ ние сме осудени. Ако ја вратиме драхмата, исто така сме осудени. Овој референдум требаше да се случи пред да се согласиме со условите на ММФ.


Доколку не го преживее гласањето, планираниот референдум ќе пропадне, а спроведувањето на условите за добивање на спасувачкиот пакет ќе биде одложено. Доколку се одржи и Грците се изјаснат против, последиците ќе бидат тешки за целата светска економија, велат аналитичарите.

Според нив, со тоа ќе биде загрозено грчкото членство во еврозоната, а банките и берзите во светот ќе бидат силно погодени. Лидерот на опозиционата Нова Демокартија, Антонис Самарас вели дека е решен да ја задржи земјата во еврозоната.

,,За да се спаси самиот господин Папандреу не става пред дилема и уцена што ја доведува во опасност нашата иднина во Европа. Нова демократија е решена да ги спречи ваквите опортунистички експерименти. Во овој момент изборите се национална неопходност“, изјави Самарас.

Во меѓувреме, на улиците на Атина и натаму граѓаните се разбеснети поради ситуацијата во нивната земја.


,,Референдумот го покажува неуспехот на владата и со него таа сака вината да му ја префрли на грчкиот народ. Референдумот нема да донесе добри резултати. Ако гласаме за ММФ ние сме осудени. Ако ја вратиме драхмата, исто така сме осудени. Овој референдум требаше да се случи пред да се согласиме со условите на ММФ.“

Смета пензионерот од Атина Ангелос Параскевопулос. На сличен став е и германскиот експерт Јерг Рокол од европското училиште за менаџмент и технологија во Берлин.

,,Најавата е многу изненадувачка, но и храбра, бидејќи постои огромен ризик дека целата работа ќе тргне на лошо. Ако референдумот не успее тоа би значело дека Грција веќе не може да остане во еврозоната.“,вели Рокол, додавајќи дека премиерот Папандреу требаше да распише референдум пред да ги почне преговорите со Брисел за спас на неговата земја од должничката криза.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG