Достапни линкови

Груевски крена раце од ЕУ и НАТО


Дел од експертите ги толкуваат острите пораки на премиерот Груевски до ЕУ како откажување на Македонија од евроатлантската перспектива.

Земја што сака да влезе во ЕУ не може да си дозволи отворен конфликт со официјалната политика на Унијата, вели професор Стево Пендаровски, кој на изминативе избори беше надворешно-политички фаворит на опозицискиот СДСМ. Неговата реакција доаѓа по острата реторика, која ја употреби премиерот Никола Груевски кон еврокомесарот Штефан Филе, на прес-конференцијата по добивањето на извештајот од ЕК. Остриот тон кон претставниците во Унијата продолжи и во интервјуто на премиерот Груевски за државната новинаска агенција МИА. Во интервјуто, Груевски повторува дека пренагласувањето на критиките за Македонија се дел од притисокот за промена на името.

Со ова експлицитно се откажуваме од евроатлантската перспектива на Македонија.
Стево Пендаровски, универзитетски професор.
„Тоа би требало да е наше девалвирање пред јавноста, на кое, очекувањето е ние, како политичари, денеска нашата Влада, но утре и секоја друга, да одговориме со прифаќање решение по секоја цена, за да не олабават од ваквиот вид критики“, вели премиерот Греувски.

Професор Стево Пендаровски вели дека таква „крајно недипломатска реторика“ кон ЕУ не може да си дозволи држава што сака да влезе во Унијата.
Критиките би требало да не девалвираат пред јавноста, вели премиерот Груевски во интервју за МИА.
Критиките би требало да не девалвираат пред јавноста, вели премиерот Груевски во интервју за МИА.

„Со оглед на тоа што ние неофицијално ги ресетиравме нашите надворешно-политички приоритети и ЕУ и НАТО не ни се на врвот на таа листа, значи дека можеме да си дозволиме. Какви консеквенци ќе има тоа за државата, ќе покаже времето кое доаѓа, меѓутоа очигледно според мене е направена проценка во државниот врв дека таа двојна интегративна агенда нам не ни е повеќе неопходна за да ја задржиме стабилноста и просперитетот на државата на подолг рок.“

Какви консеквенци ќе има тоа за државата, ќе покаже времето кое доаѓа, меѓутоа очигледно според мене е направена проценка во државниот врв дека таа двојна интегративна агенда нам не ние повеќе неопходна.
Стево Пендаровски, универзитетски професор.
Тој вели дека овој настап на Груевски е намерно темпиран за по добивањето на извештајот.

„Да каже дека ние немаме понатаму намера да одиме сериозно во преговорите туку имаме намера да си ја тераме внатрешната агенда и да си тераме реформи наводно, како да сме членка на ЕУ. Значи со ова експлицитно се откажуваме од евроатлантската перспектива на Македонија.“

Според Пендаровски, Европската унија „го принудила“ Груевски на таков чекор.

„Неговата двојна игра - ние демек преговараме, а тие демек ни веруваат дека преговараме е откриена и демасикрана со еден јавен настап на Штефан Филе и сега нему што друго му останува?! Да каже дека има лоши реформи? Не, тој вели, другите се виновни.“

Оддалечувањето од ЕУ, според Пендаровски, може да предизвика крупни политички проблеми во земјава.

„Последнава епизода со пописот покажува дека работите во Македонија се отидени до таму да државната машинерија не може да испорача заеднички меѓуетнички продукт и поддршка за капитални проекти. Пописот во Македонија е капитален проект. Ако бидеме оставени сами на себе со внатрешни репери така како што ги поставува актуелната власт, која и да биде, јас одамна тврдам дека ние не ќе можеме да напредуваме така како што би напредувале кога би имале надворешен евалуатор.“
ЕУ се поотворено и поотворено користејќи разни маски со барањето да си го смени името и на тој начин да го загуби и идентитетот ако сака да ги почувствува благодетите на ЕУ.
Слободан Чашуле, поранешен министер за надворешни работи.

Од друга страна, поранешниот министер за надворешни работи, Слободан Чашуле, вели дека уцената за промена на името бара жесток одговор од македонска страна.

„Има ли нешто пожестоко од тоа една организација како што е ЕУ се поотворено и поотворено користејќи разни маски со барањето да си го смени името и на тој начин да го загуби и идентитетот ако сака да ги почувствува благодетите на ЕУ.“

Спротивно на ставот на Пендаровски, Чашуле смета дека ваквите изјави на премиерот нема да предизвикаат никакви промени во односите со Унијата.

Дел од аналитичарите пак стравуваат дека отворениот конфликт со Унијата може да ја изолира Македонија. Европската унија неретко применува и поостри чекори за да им покаже на некои земји дека не се согласува со нивните политики. Европската унија вчера ја одложи посетата на украинскиот претседател Виктор Јанукович на Брисел, откако поранешната премиерка Јулија Тимошенко беше осудена на седум години затвор, во, според критиките, монтиран политички процес.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG