Достапни линкови

Попишувачите се отпишаа, опозицијата и власта се скараа


Опозицијата бара одговорност од Владата за случувањата со пописот. ВМРО-ДПМНЕ има разбирање, а ДУИ смирува.

Опозицијата бара политичка одговорност од владата за скандалот со пописот односно за оставките на членовите на пописната комисија.
Од друга страна пак од владечката коалициона партија ДУИ сметат дека не е голема трагедија ако пописот се оддржи за 6 месеци или една година и најавија дека утре на владина седница ќе се разговара за одговорностите од законот за пописот по оставките.

ДПА навреме ја алармираше јавност за манипулацијата што се подготвуваше со овој попис.
​Потпретседателот на СДСМ, Ана Павловска Данева, вели дека оставките поднесени од членовите на Државната пописна комисија се огромен скандал за државата, а за тоа треба да понесат одговорност премиерот Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Taa побара од Груевски да каже кои се причините за оставките и кој ќе сноси политичка, морална и кривична одговорност.

„За само 10 дена од почетокот на пописот се случија досега невидени скандали. Прво, поднесе оставка претседателката на пописната комисија, а денеска и целата пописна комисија заедно со новоизбраниот претседател. Образложението за оставките, и на почетокот и сега, е дека нема основни услови за спроведување на пописот и дека се подготвува пописен фалсификат како политички пазар“, вели Данева.

На ова, со писмено соопштение реагираше и владеjaчката партија ВМРО-ДПМНЕ, во кое се вели дека ако Државната пописна комисија цени дека е подобро да се прекине пописот, отколку да има незаконски, нерегуларен и необјективен попис, тогаш партијата има разбирање и ја оправдува постапката на комисијата.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи наштетување на високите државни и национални интереси, и нема да дозволи прекршување на законите, тоа е разликата помеѓу нас и СДСМ“, пишува во реакцијата на владеjачката партија.

Од друга страна, пак, во продолжение е наведено дека СДСМ треба да ги објасни своите штетни постапки од минатото, со кои дозволи нереален и необјективен попис, кој ќе остане запаметен, наместо како статистичка операција, како класичен неодговорен политички дил на Бранко Црвенковски, со кој се обиде да ја компензира својата неспособност и немањето резултати од корист за граѓаните.

Со ставови на СДСМ се согласува и албанската опозициска партија ДПА, која смета дека одговорноста за неуспехот на пописот лежи во коалиционите партнери. Генералниот секретар на ДПА, Метин Изети, изјави дека партијата долго време укажува на проблемите со пописот.

„ДПА и претходно свесна за тежината на пописот навреме ја алармираше пошироката јавност за сериозноста на процесот на пописот и за манипулацијата во форма и суштина што се подготвуваше со овој попис“, вели Изети.

Oтсуство на информирање на населението за пописот, спроведувањето на обуката на попишувачите само на македонски јазик, сериозните конфликти на попишувачките тимови помеѓу Албанците и Македонците се само дел од неправилностите во пописот вели Изети.
Во пракса се покажа дека има неподготвеност и технички пречки за да се изврши пописот за 15 дена по тој закон.

Владата на утрешната седница ќе треба да донесе одлука што ќе се случува понатаму со пописот и својот предлог треба да го достави до Собранието. Вицепремиерот задожен за рамковен договор Муса Џафери изјави дека многу фактори влијаеле на ситуацијата.

„Сите се подготвуваме за изборите и во најважното време кога државата требаше да се подготвува за пописот ние се натпреварувавме за тоа кој ќе биде на власт и терминот беше многу тесен па се покажа во пракса дека има неподготвеност и технички пречки за да се изврши пописот за 15 дена по тој закон.“

Џафери додава дека не е голема трагедија ако пописот се оддржи по 6 месеци или по една година. На еден ден пред почетокот на пописот оставка се поднесе и дотогашната претседателка на државната пописна комисија Весна Јаневска и нејзиниот заменик. Според податоците кои ги соопшти сега поранешниот потпаролот на Државната пописна комисија, Кирил Барбареев, половина од населението е попишано.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG