Достапни линкови

Слободни економски зони во секој град?


Слободната економска зона „Бунарџик“
Слободната економска зона „Бунарџик“

Владината идеја за создавање слободни економски зони во секој град во Македонија, за бизнисмените е неоправдана и ќе има краткорочен ефект.

Светската економска криза диктира создавање на вакви зони во политички постабилни држави, но се додека домашниот капитал не може да учествува во тие компании, ефектите можат да бидат негативни за македонската економија, предупредува стопанственикот Зоре Темелковски.
Да се зацврстиме за да не дојдеме во ситуација, кога странците ќе немаат поволности да ги затвораат погоните. Тогаш сме направиле уште поголема штета.
Зоре Темелковски, бизнисмен.

„Значи да се зацврстиме за да не дојдеме во ситуација, кога странците ќе немаат поволности да ги затвораат погоните. Тогаш сме направиле уште поголема штета.“

За Ристо Гуштеров, ваквата идеја на владата е неоправдана и осудена на неуспех.

„Нема логика, што има да отвораат специјални економски зони низ секое село, како што почнаа да отвораат факултети низ секое село.“

Дел од домашните фирми се жалат што немаат ист третман како странските. Им пречи тоа што не ги добиваат истите привилегии како странските. За Темелковски, пак, потребен е постојан притисок и ангажман и од страна на домашните компании, и тоа преку проекти, идеи, програми за зголемување на економскиот раст.

„Ние како стопанственици сме партнери и сме опозиција на владината политика да имаме подобри бенефиции. Само стопанственици кои сакаат да се лигават може да бидат навивачи“, изјави Темелковски.

Економските експерти, пак, сметаат дека домашните компании треба да го имаат истиот третман како и странските инвеститори. Според аналитичарот Висар Адеми, досегашното искуство со отворањето слободни економски зони не покажало значителни економски резултати.

„Не сум видел некој посебен ефект во економијата. Тие се изолирани во Бунарџик. Најголем ефект се неколку вработувања кои се прават во Македонија.“

Гуштеров, пак, предлага да им се даде правото на општините да располагаат со градежно и индустриско земјиште кое тие ќе го доделуват на домашни и странски инвеститори.
Нема логика, што има да отвораат специјални економски зони низ секое село, како што почнаа да отвораат факултети низ секое село.
Ристо Гуштеров, бизнисмен.

„Владата е таа која треба да донесе закони коишто ќе дадат најголеми поволности на странските инвеститори и било кое ќоше во Македонија да биде интересно за инвеститорите. Тука пред се ќе игра улога логистиката и регулативата. Логистиката за сега ни е најголем проблем.“

Од друга страна, Адеми посочува дека синдикатите треба да ги заштитат луѓето кои работат во тие зони. Странските инвеститори најчесто го ангажираат локалното население за многу пониски плати, а имаат и доста даночни олеснувања. Адеми објаснува дека владата им дава предност на странските фирми и поради знаењето и технологијата од странство која може да ја применат во државата.

Во меѓувреме, министерот Ставрески се пофали со бројките кои се однесуваат на странските инвестиции. Тој вчера изјави дека вкупниот износ на странски инвестиции е над 150 милиони евра, односно двојно повеќе отколку истиот период минатата година.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG