Достапни линкови

Неделен печат


Лустрацијата, неприсуството на албанските министри на одбележувањето на Карпалак и Љуботен - дел од темите во неделениците.

Носечката тема на електронското издание на Глобус е - за што друго ако не за лустрацијата, тој чуден процес кој изгледа само кај нас предизвикува толку бранувања. „Станува ли лустрацијата инквизиција“ - прашува во насловот неделникот за да забележи дека кога во услови кога власта ги држи сите полуги на моќ во свои раце и ги употребува некритички и без усул, лесно е да се очекува еден процес кој на стартот имаше сосема поинакви, можеби и демократски мотиви, да се претвори во јавна пресметка со сите оние кои на таа иста власт нема да и чинат. Откако прави преглед на случаите на досегашните прогласени таканаречени кодоши, шестмина, од кои тројца со познати имиња, авторот на текстот во Глобус консултира и правни експерти за темата, при што наведува неколку нивни ставови: дека во ситуација на политички линч страдаат процедурата, правото, демократијата, па и луѓето, дека Комисијата за лустрација нема кадарност за одговорноста која и’ е доделена, дека нападот особено врз последиот, директорот на Фондацијата Сорос во Македонија и професор на Факултетот за драмски уметности, Владимир Милчин, бара ангажман на сите интелектуалци бидејќи намерата на власта е провидна, дека пред Комисијата постои политичка дупка и дека тие луѓе досега само покажале дека се нечии марионети. Особено затоа што се работи за изразено политичко селективно постапување кое не се осмелува да влезе во просторот на власта.

„Груевци се изживуваат врз своите жртви и подготвуваат нови садистички сеанси“ - е насловот на патологијата на преродбата, анализа што ја објавува најновиот Фокус. Авторката забележува дека еден од симптомите на „верниците“ на преродбата е тој што тие како садисти уживаат во што покрвничко изживување врз жртвата. Љубета во притвор го сотреа, не им е доволно што Велија веќе девет месеци е во притвор, туку мора да ја снема и А1 од етерот, оти тоа им носи задоволство на квадрат. На група новинари - обожаватели на пастирот, пак, такво сладострастие им предизвикало „лустрирањето“ на Милчин што славеле во едно кафуле, со слика на кодошот со црн флор на масата. Тие се палат како воајерите - кога гледаат своевидна обљуба врз немоќно лице, заклучува иронично Фокус.

Едиторијалот на Форум е посветен на политичкото лицемерие. Поточно, неделникот ги критикува албанските политичари - министри во владата на Груевски зaшто не биле на поменот на жртвите од Карпалак. Кој да верува во искреноста на политичарите дека се за соживот и толеранција, на декларативно искажани амбиции дека Македонците и етничките Албанци градат заедничка држава со заеднички вредности? - прашува Форум, за да постави уште едно прашање: кој да верува дека и едните и другите се смириле меѓу себе и пишуваат заедничка историја?
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG