Достапни линкови

Непроменета политичка есен


Реална, но веќе видена политичка есен очекуваат домашните експерти. Спорот за името, евроинтеграциите, економијата, остануваат главни теми.

Анализирајќи го политичкото секојдневие и досегашното искуство, политиколозите прогнозираат веќе видена реторика меѓу политичките партии. Спорот за името, евроинтеграциите, економските реформи на владата, тие би биле темите околку кои ќе се водат политичките дебати во и надвор од собраниската сала, проценуваат аналитичарите.
Владата ќе се обиде да се состави без идеја, без програма, без платформа, а опозицијата ќе се обиде да напаѓа и тоа по веќе познатите теми, а тоа е промена за името која не ограничува во евроинтеграциите и во НАТО, и втора работа ќе биде недостигот на инвестиции.

„Владата ќе се обиде да се состави без идеја, без програма, без платформа, а опозицијата ќе се обиде да напаѓа и тоа по веќе познатите теми, а тоа е промена за името која не ограничува во евроинтеграциите и во НАТО, и втора работа ќе биде недостигот на инвестиции“, изјави професор Алајдин Демири.

Улогата на ДУИ ќе биде нагласена особено во поглед на евроинтеграциите, вели политикологот Соња Стојадиновиќ. Таа очекува поактивна улога на албанскиот коалиционен партнер и во решавањето на спорот за името.

„Очекувам барем неколку поконкретни и пореални предлози бидејќи во тој наметнат проблем е вклучен и македонскиот идентитет, додека албанскиот идентитет воопшто не е загрозен. Очекувам да бидат малку пореални, поконкретни и порационални.“


Она на што укажуваат аналитичарите е потребата од позасилена и поконтролна улога на опозицијата. Досегашната реторика на напади и недостигот на конкретни идеи и предлози на опозицијата, треба да бидат заменети со поактивна и нагласена улога на опозицијата, вели Стојадиновиќ.

„Ние знаеме само удобно да седиме во столчето, да напаѓаме и никогаш да не даваме конкретни решенија и предлози за благосостојба на граѓаните и да не размислуваме дека тоа би донело позитивни поени.“

„Опозицијата е без идеја, без вистинска улога и таа всушност и ја произведуваа ваквата власт.“

Внатрешна реорганизација на опозицискиот блок, нови кадровски решенија за да не се дозволи претерана комоција на власта, советуваат нашите соговорници. Во периодот што следува, тие очекуваат зајакнување на меѓуетничките односи и рушење на стереотипните бариери од страна на политичарите.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG