Достапни линкови

Македонските носии „заминуваат“ за Грција


Македонски носии
Македонски носии

Македонски стари носии се продаваат во Грција. Ако продолжи ваквиот тренд ништо нема да ни остане од ова вредно македонско богатство, предупредуваат етнолозите.

Меѓу најзаинтересираните купувачи се жители од Егејска Македонија, а комплетите понекогаш и за цена од наколку илјади евра ги купуваат од пограничните села и градови. Битолчанецот Перо Димитровски, собирач на антиквитети вели:



„Заинтересирани има многу. Имам продадено носии за Америка, Австралија, Франција и за Јапонија. Најмногу ги земаат грчки туристи од Егејска Македонија, а наши ги носат таму да ги продаваат. Тоа не треба така да биде, туку треба да се задржи традицијата, зашто овој вез е Македонија.“
Најмногу ги земаат грчки туристи од Егејска Македонија, а наши ги носат таму да ги продаваат.

Ако продолжи ваквиот тренд, за кусо време не ќе остане ни едно парче од ова изворно македонско богатство во земјава, предупредува етнологот Александар Тодоровски, раководител на Центарот за едукација и негување на традицијата и фолкорот при Научното друштво во Битола.


„Во поново време тоа е еден негативен феномен за нас што на теренот многу малку може да се откупи таа носија бидејќи пред две-три години имаше една експанзија на откуп на народни носии од страна на жителите на Егејска Македонија, денешна Грција. Иако тоа се наши луѓе и не е проблем што купуваат, сепак носиите наши останаа на една друга територија, на денешна Грција. И кога ќе наидеме на носија која сакаме да ја купиме на терен, луѓето ни велат ќе дојдат Грците ќе ни платат повеќе и вас не ви ја даваме“, вели Тодоровски.
Јас не знам како ни еден орган во државата не поведе грижа тие носии да не излегуваат надвор.


Тој слушнал за цени од 3000 до 4000 евра за продажба на еден комплет за странство.

„Јас не знам како ни еден орган во државата не поведе грижа тие носии да не излегуваат надвор. Мислам дека за пет години ние не ќе имаме ниту еден предмет да го откупиме од некаде. Ние не можеме да кажеме дека сме Македонци, ако немаме претходно ништо наше“, додава етнологот.


Додека овие вредни ракотворби заминуваат за Грција, повратно малку комплети од Егејската носија се пренесени во Македонија. Сепак, голем дел од носиите и таму и тука низ годините беа фрлани на буниште или палени зашто престанале да се носат, а фајќале места по креденците и долапите.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG